Истрел во темно: вакцинален апартхејд во најава

Овцата го поминува својот живот плашејќи се од волкот и благодарна е за заштитата на овчарот, заборавајќи дека тој ќе ја изеде или продаде за колење. Особено кога овчарот ви е државата претставена во ликот на министерот за здравство, кој размислува за ограничување на правата на невакцинираните од ковид-19 преку вакциналниот сертификат како влез во светот на „слободните“. Без да се запраша зашто е низок интересот за вакцинација, министерот Филипче се заканува со рестрикции на невакцинираните, несвесен за ризиците од дискриминација во однос на правото на слобода на движење и слобода на собирање, но исто така и правата на приватност и ризици од стигматизација на одредена категорија граѓани, со цел за зголемен опфат за имунизација. Новиот „медицински апартхејд“ е на повидок.
Очигледно нелибералниот инстинкт на министерот триумфира над здравиот разум. Според неговата логика, многу јасно е дека вие немате право да не бидете вакцинирани зашто на тој начин ги кршите правата на другите со учество во активност што наметнува неприфатлив колективен ризик од штета. И ако одбиете да се вакцинирате, државата има моќ буквално да ве одведе во лекарска ординација и да ве вакцинира. Арно ама поентата е дека со сето она што сега го знаеме за ковид-19, едноставно би било неразумно да се наметне задолжителна вакцинација на инаку здрав и значителен дел од популацијата, кога вакцинирањето не ослободува од тиранија на ковидот и не прави никаква разлика во водењето нормален живот. Комбинацијата на ограничена ефикасност, привремена заштита од тешка и смртоносна клиничка слика на болеста, различните пресметки на трошоците и придонесите поврзани со староста и малите, но реални ризици од штетни несакани ефекти, кумулативно значат нула оправданост за сертификатите за задолжителна вакцинација. Да не зборувам за етичката дилема положена во рамнотежата на личната автономија и изборот наспроти заштитата на генералната популација во ризик.

Да се разбереме. Не сум антиваксер, го направив мојот избор да се вакцинирам ослободен од пресијата на државата, но како човек што сиот свој академски живот го посветив на заштитата на човековите права не можам да прифатам дека придобивките за заедницата во борбата со пандемијата не се премеруваат според правата на поединците да донесуваат свои одлуки ослободени од заканите на власта. Особено кога и „извиканата“ Светска здравствена организација (СЗО) вели дека задолжителната вакцинација мора да биде „неопходна и пропорционална“ за постигнување на „важните јавни здравствени цели“. Или, пак, да го потсетам министерот за „дискриминација во најава“ на Универзалната декларација за биоетика и човекови права на УНЕСКО од 19 октомври 2005 година, особено на членот 6, каде што се вели дека: „секоја превентивна, дијагностичка и терапевтска медицинска интервенција треба да се изврши само со претходна, бесплатна и информирана согласност на засегнатото лице, заснована на соодветни информации. Согласноста треба, кога е соодветно, да биде изразена и може да биде повлечена од засегнатото лице во кое било време и од какви било причини без непогодности или предрасуди“. Во овој контекст е и членот 11 на истата декларација, според кој: „ниту една индивидуа или група не смее да биде дискриминирана или стигматизирана по која било основа, кршејќи го човечкото достоинство, човековите права и основните слободи и секој закон што дозволува или налага диференцијација заснован на статусот на вакцинација е дискриминирачки“.
Наместо да ги дели граѓаните на вакцинирани и невакцинирани и да се заканува со ограничување на правата на невакцинираните, би било подобро министерот за „дискриминација во најава“ да се запраша зашто граѓаните немаат доверба во властите, сакате политичка, сакате научна, одбивајќи да се вакцинираат и од каде оваа недоверба влече корени. Зашто, таа недоверба е клучна за колебливоста на граѓаните да се имунизираат. Можеби се плашат дека со присилното вакцинирање се губи слободата во држава што посакува да ги контролира семејните и социјалните интеракции и домашните и меѓународните патувања и дека болеста ја трансформира во злосторство што претставува вовед во здравствен фашизам.

Или, пак, се плашат дека со присилното вакцинирање се влегува во свесен ризик на нормализирање и институционализирање на технобирократскиот модел на државен авторитаризам увезен од Кина. Секако не смее да се исклучи и стравот дека присилната вакцинација од ковид-19 ќе значи нарушување на приватноста на граѓаните, што го вклучува нивниот физички интегритет. Оттука, задолжителната вакцинација е замислива за болести што се особено заразни и се поврзани со значителни ризици, додека понудената вакцина е безбедна и ефикасна. Но кога тоа не е, не можете да го оправдате кршењето на правата на граѓаните и нивна дискриминација, која морално не е оправдана во правото во името на заштита на јавното здравство. Ако оваа власт е подготвена да дискриминира при статусот на медицинска вакцинација, дали тогаш планира да ги ограничи медицинските услуги на оние со сида, рак, церебрална парализа, аутизам и други тешки хронични болести?
Да, вакцината треба да биде достапна за сите, но задолжителна за никого. Присилната вакцинација ги крши основните права, а рестрикциите во правата на невакцинираните се разединувачки и дискриминирачки. Како и да е, присилното или задолжителното вакцинирање што го најавува министерот за „дискриминација во најава“, ја нарушува суштинската цел на благосостојбата во државата и се коси со основните права на секој поединец, особено кога тоа влијае на правото на обезбедување средства за егзистенција што му овозможува на едно лице да живее. Истовремено, тоа ќе значи вовед во „политиката на поделба“ меѓу вакцинираните и невакцинираните граѓани и нов „вакцинален апартхејд“ со „намерна дискриминација“ на дел од општеството.