Истрагата на Милер – се тресеше гората, се роди глувче!

Најголемото нешто што оваа истрага досега го откри е дека Доналд Трамп го платил молкот на порноѕвездата

Веста, на крајот на минатиот месец, дека истрагата на специјалниот обвинител Роберт Милер е завршена, беше некако во сенка на домашните предизборни вести, а заслужува осврт особено поради политичките последици и последиците по (политизираните) медиуми. Независната истрага ќе резултира со повеќе обвиненија, но ќе нема обвиненија за „договарање“ со Русија, односно истрагата не покажала дека членовите на кампањата Трамп заговарале или се координирале со руската влада за мешање во претседателските избори. Нешто што од самиот почеток беше третирано како случај на шпионажа: тајна врска помеѓу кампањата на Трамп и Путин, кој помогнал да победи на изборите, не заврши со толку, од демократите и медиумите, посакуваното обвинување и импичмент против Трамп. Најголемото нешто што оваа истрага досега го откри е дека Доналд Трамп го платил молкот на порноѕвездата.

Наводите за шпионажа и предавство од страна на Трамп не беа индиректни, во стилот Трамп е импресиониран од Путин толку многу, што можеби му помага, туку директни обвинувања за предавство, злосторства толку сериозни, што поранешниот вработен во НСА, Џон Шиндлер, ќе изјави „Трамп ќе умре во затвор“. Во првите месеци од овој скандал, „Њујорк тајмс“ пишува дека кампањата на Трамп имала „повторени контакти“ со руските разузнавачи; „Волстрит џурнал“, пак, пишува дека шпионски агенции на САД не го информираат Трамп поради страв дека е компромитиран; Си-ен-ен информира дека претставници на Трамп биле во „постојан контакт“ со „Руси познати на американската разузнавачка служба“ и поранешниот директор на ЦИА, кој помогнал да дојде до истрагата на Милер, изјавува дека претседателот е виновен за „ништо друго освен предавство“. Дури и Хилари Клинтон си дозволи индиректно да го обвини Трамп за изборно мешање со Русите. Обвинувањата на Трамп за врските со Русија станаа мантра за секој политичар од Демократската партија, во надеж дека ќе се открие нешто големо и убедливо што ќе води кон импичмент на претседателот.

Ако Трамп е уценуван од страна на руски агенции како ФСБ или ГРУ, ако имал каква било врска со руска разузнавачка служба, тоа би се издигнало над „големиот и двопартиски“ стандард за поведување постапка за импичмент. И тука нема сива област, или Трамп е компромитиран странски агент, или не е. Специјалниот обвинител Роберт Милер, кој најверојатно никогаш не излегол надвор од тоа што требаше да биде – неутрална истрага за утврдување на фактите, се најде во јазот на жестоката поларизација меѓу демократите и Трамп. За некои од демократите Милер е единствена шанса за симнувањето на Трамп од претседателството, тој е „суперхерој испратен да го убие чудовиштето“ Трамп, дури се продавани и свеќи со неговиот лик. Од друга страна, за Трамп, истрагата на Милер секогаш била само „лов на вештерки“. Наодите на извештајот на Роберт Милер ќе ја разочараат (демократската) публика, како тоа дека наодот оти сопствениот претседател не е странски шпион е нешто лошо.

Доколку Милер никогаш не излегол надвор од тоа што му е опис на работата, дали може истото тоа да се каже и за медиумите? Целиот скандал и извештајот за Милер е страшен удар за угледот на американските медиуми. Медиумите, значаен дел од нив, ги прекршија сите пишани и непишани правила во пишувањето за овој скандал, почнувајќи од тоа дека не се известува за работи што не може да се потврдат. Американските медиуми уште еднаш се вклучија во масовна кампања за дезинформирање, со тоа што оваа кампања е многу пострашна од другите во неодамнешното минато, вклучувајќи ја и таа за наводното оружје за масовно уништување на Садам Хусеин во Ирак. Неколку коментатори бараат одговорност од медиумите, но таа нема да се случи како што не се случила по дезинформациите за Садамовото оружје за масовно уништување.

Или сепак овој скандал ќе води кон штета за репутацијата на медиумите? Дали наместо да му наштетат на Трамп, демократите и медиумите со кампањата за дезинформирање, му дадоа нов ветер во грбот на Трамп во пресрет на претседателските избори 2020 година. Според една анкета на јавното мислење, повеќето Американци, 50,3 проценти, се согласуваат со Трамп дека истрагата на Милер е „лов на вештерки“. Со такво јавно мислење, на Трамп ќе му биде мошне лесно сите можни нови откритија и скандали за него да ги отфрли како „лажни вести“ од „лажни медиуми“, што ќе му даде почетна предност во изборите 2020 година.
За аналогија со Македонија, за кампањи за дезинформирање, во следната можност.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek