Исто ли е водомер и мозок?

Умните рекле: злото е во природна предност пред доброто. Седни до човек болен од грип, и ќе се разболиш. Седни до здрав, нема да оздравиш. Седни до богат, нема да се збогатиш. А седни до умен – ќе се опаметиш.
Зошто е тоа така? Зошто само знаењето е бесплатно, а сè друго се плаќа?
Пред некој ден имав проблем со водоинсталациите. Повикав водоинсталатер. Уште не е дојден, иако на визит-картичката стои дека работи 24 часа и дека доаѓа на повик за 20 минути. Како дојдовме до тоа да живееме во држава во која кај водоинсталатер се закажува операција како, не дај боже, кај хирург? И кога му се јавив да му кажам дека морам да излезам од дома, затоа што рече ќе дојде за еден час, а минаа веќе четири, ми рече: „Ќе мораме да презакажеме, имам голем проблем на еден објект, а агендава ми е преполна“.

Што голем проблем може да има еден водоинсталатер, се прашував. Тоа мора да биде само Потопот. Оној од Библијата. А тоа е, мора да признаеме, поголем проблем од тоа некој неврохирург да поврзе микронерви и крвни микросадови во нечиј организам. Од Потопот настрада бре цело човештво, од грешка на неврохирург може да пострада само еден човек. Па, вие сметајте.
Е така, да знаете, драги мои хирурзи. Вие сте, бре, никој и ништо. Кој ве прашува за вашата агенда? Вие сте си, бре, крлежи, закачени на буџет, и нема што тука да се буните дека платите ви се мали. Не кажувајте ми вие дека не е исто да се отвори водомер и череп: исто е. Да, знам дека водомерот не може да умре, за разлика од пациентот, ама може да направи поплава, поплавата води кон стрес, стресот во болест, така што курцшлус во водомерот предизвикува курцшлус во черепот. Така што, неисправен водомер или пукната цевка не се помалку важни од неисправен мозок или пукнат крвен сад. И на крајот од краиштата, кој ве тераше да учите? Што не си станавте водоинсталатери, па да видите дека ќе имавте две хируршки плати? Ќе немавте потреба ни од мито, а вие го земате, така барем зборува народот. Сте слушнале ли некогаш водоинсталатер или електричар да зел мито? Не. Чесни луѓе се тие. Да си станевте водоинсталатери, ќе видевте и како се станува човек со „агенда“.

Ценет, почитуван. На врата го чекаат со ракија и кафе. Кај што ќе влезе, сонце ги огрева домаќините, како господ да го виделе. Ама вие сакавте на чисто и топло: топла хируршка сала, стерилни ракавици, сакавте да мирисате на парфем. А Македонија, читам, нема заварувачи, водоинсталатери, електричари. Избегале сите за странство. Ај да ве видам вас, заминете? Кој ве бара, бре, вас во Германија, Франција, Шведска? Полесно се оди на Запад со занает одошто со диплома на која пишува д-р сци. мед. прим. и други разни глупости. Знае Запад што вреди, трескајте се вие овде од земја колку што сакате.

Сега сериозно. Тешко на онаа земја во која знаењето е понижено, згазено и фрлено во контејнер. Не велам дека занаетите не бараат знаење: работата на еден чевлар по ништо не е помалку важна од работата на еден професор или политичар. И таму има добар и лош мајстор, има некој што знае и некој што не знае. Но од искуство знаеме дека во сите професии оретчија оние што знаат. Сите имаат квалификации, сите имаат дипломи, ама ретко кој знае да си ја заврши работата. Таа болка, таа хиперинфлација на дипломи дојде од Запад. Се сеќавам дека кога првите од нас почнаа да „си бегаат“ на Запад ни раскажуваа дека, и покрај дипломите, морале да поминат пробен период во кој ќе покажат дека знаат да го работат она за што покажале диплома. Тоа ни изгледаше нелогично, зашто во социјализмот дипломи не се добиваа како сега – на рати, на кредит, или во кеш. И кога еднаш ќе добиевме диплома, се подразбираше дека тоа гарантира дека сме оспособени за струката. Тоа само значи дека на Запад се прави разлика меѓу диплома и знаење. Кај нас сè уште не. Но мојата тема е друга: не само што кај нас сите се најдобри во својата професија туку се преврте на глава и традиционалната општествена пирамида на професиите, наследена уште од античкиот свет: царот стана исто што и војникот, земјоделецот исто што и филозофот, а оној што пече тули исто што и архитектот на палати. И не само што станаа исто туку понекогаш пониските професии на таа пирамида ги потиснаа кон дното „повисоките“. Држава што има проблем со поимите „високо“ и „ниско“ очигледно има проблем со вредностите, односно со врвот на пирамидата – кормиларите на државата. Со оние што се архитекти на општеството, кои треба да го осмислат и устројат. Таа држава нема долго да трае, зашто државите се потпираат на професиите, а не на воената сила или на политичарите. Држава што не прави разлика меѓу „високо“ и „ниско“ ќе има проблем и со моралот; нема потреба да наведувам историски примери. Високото, уште од антиката, се сврзува традиционално со честа, хероизмот, саможртвата и трагичното, а ниското со злоупотреба, ќар и корупција. И ако сега високото е ниско, јасно е дека крајот е близу.

Во една анкета, во периодот кога Македонија се двоеше од Титова Југославија, јавни личности одговараа на прашањето „Кога Македонија ќе биде самостојна?“. Даваа изјави дека тоа ќе се случи кога Македонија ќе има свој устав, своја војска, своја валута, и сите беа во право. Мојата изјава гласеше: „Македонија ќе биде самостојна кога ќе ги стабилизира професиите и кога ќе има врвни професионалци во сите професии, зашто нема етичка, туку само образовна разлика меѓу најдобар метлар и најдобар хирург“. Таа моја изјава помина незабележано, како изјава на уметник неопитен во државничките работи. Но јас и денес мислам исто, што може да значи дека сум непоправлив. Или дека државата е непоправлива. Не е исклучено и двете да се во прашање. Како и да е, тоа израмнување на различни вредности, на учено со необразовано, на високо со ниско, на возвишени чувства со ниски страсти, не смее да ги помине границите на поединецот: човекот по природа е склон да „израмнува“ ниско со високо, зашто секогаш смета дека другиот незаслужено има нешто што му припаѓа и нему. Тоа израмнување не смее да стане главен општествен кодекс, а токму тоа ни се случува. Доказ: пред извесно време прочитав дека некои медиумски злорадосници „откриле“ дека ректорот на универзитетот „Кирил и Методиј“, д-р Никола Јанкуловски, еден од нашите врвни хирурзи, земал надомест и како ректор и како хирург. Демек, народски кажано, цица од две мајки, додека народот гладува. Не сакав тогаш да пишувам, зашто ќе се сфатеше дека „го бранам“ ректорот: но јас го бранам случајот, а не ректорот. Сите знаат дека без д-р Јанкуловски, клиниката не би функционирала; од друга страна, наместо да се цени тоа што во исто време се нафатил и да води една образовна институција и да продолжи да спасува животи, беше истакнат како морален негативец во општеството. Нема друга држава во светот што толку сурово, брутално и непросветено ги гази најдобрите свои професионалци и интелектуалци. Наместо да му дадат ТРИ, а не две плати (ако вреди, а прашајте ги за тоа пациентите), тие сакаат да го жигосаат. Идејата „сите сме исти“ (наша комунистичка интерпретација на поимот „демократија“), доминантна во нашето општество, ќе нè уништи. Не сме сите исти. Треба сите да имаме исти услови да станеме нешто. Но никогаш нема да бидеме исти (според способностите).

На таквите медиумски злорадосници со полициски менталитет („А ха, го фативме!“) им препорачувам да му ги избројат платите на водоинсталатерот, што уште не е дојден. Па, да видат дали ги заслужува и дали треба ТОЈ, а не способниот, да се постави на столб на срамот, на прва страница. Нели рековме: зошто работата на еден чевлар или водоводџија би била помалку важна од работата на еден професор или хирург? Но тогаш и одговорноста е иста. Сега морам да прекинам, треба да закажам по телефон, извинете. Толку.