Историски настани и лидери

Историјата научно, на светско ниво, е поделена на четири периоди: на стар век, среден век, нов век и современа доба. За разлика од светското, на македонско ниво, политички и научно, најверојатно ќе биде поделена на три дела: на праисторија, на историја на Македонија што не постои и на историја на Северна Македонија, што ќе биде наука за минатото во иднината. Последната дефиниција можеби изгледа чудно,
но е точна

Актуелната власт, владејачката партија, нивните членови, симпатизери и поддржувачи, спогодбата потпишана со Грција, со која досегашната историска Република Македонија во иднина ќе се вика Република Северна Македонија, ја даруваат со епитетот – историска. Ја прогласуваат и изедначуваат со „историски настан на столетието“, од голема корист за државата, за народот, за граѓаните, за нивната иднина. На видело е една вдахновена историчност, просто заслепеност од тоа каква светла историја нѐ очекува, каква благодат ќе има државата во иднина.

Историјата е општествена и хуманистичка наука што го истражува и проучува минатото на човештвото. Своето име го добила според грчкиот збор „хисторија“, што значи информирање и истражување, односно „знаење стекнато со слушање и распрашување“, за настани во минатото. Историјата, колку што може, треба да дава одговори на прашањата што се случило, каде се случило, како и зошто се случило, да ги наведе причините и последиците за она што се случило, било да е поединечен настан или масовна појава.
За татко на историјата се смета грчкиот историчар Херодот, кој живеел во петтиот век пред нашата ера. Историјата се пишува врз основа на пишани извори, на материјални извори, на усни преданија (митови и легенди) и, во најново време, на аудиовизуелни прикази. Пред историјата е праисторијата, најдолгиот период во човештвото, која траела од појавата на првиот човек до појавата на првото писмо.

Историјата научно, на светско ниво, е поделена на четири периоди: на стар век, среден век, нов век и современа доба. За разлика од светското, на македонско ниво, политички и научно, најверојатно ќе биде поделена на три дела: на праисторија, на историја на Македонија што не постои и на историја на Северна Македонија, што ќе биде наука за минатото во иднината. Последната дефиниција можеби изгледа чудно, но е точна.
Според она што ни го нудат најновите, современите, секојдневни пишани политички извори, материјални докази, сознанија, истражувања и информации, пласирани во државни институции и аудиовизуелни и печатени медиуми, вклучувајќи и народни преданија, Северна Македонија веќе ја пишува новата историја што ќе почне од нулта точка. Од табула раза па понатаму. Од Нивици до вселената, поточно до рајот.

Иако, рака на срце, Македонија веќе триесетина години живее, се движи од еден во друг, од друг во трет историски период. Од настан до настан, од појава до појава, од феномен до феномен, од лидер до нелидер, цело време се одвива некоја возвишена историчност. И сѐ така по ред, просто не може да се избројат настаните што го добивале епитетот „историски“. Историски беше распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, а со неа и Социјалистичка Република Македонија. Историски настан беше излегувањето од гробот на историски закопаното ВМРО, кое, како такво, го разгоре митот за независна Македонија и во најголема мера придонесе за осамостојувањето на државата. Историски чин беше референдумот од 8 септември, кога во големо мнозинство беше потврдена слободната волја на граѓаните (на Македонците), ем да имаат своја независна држава ем да бидат во сојуз со другите поранешни југословенски републики.

Во тие години епитетот историски, историска личност, го доби појавата на непознатото момче Љупчо (со п или со б) Георгиевски, како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој, иако со лабилна, речиси со двојна национална свест, го вознесе Македонецот, кој и тогаш, како и сега, мислеше, се надеваше, дека се отвораат рајските порти. Историски настан беше прогласен денот кога се појавија првите македонски пари, кога се создаде македонска војска, кога сите спортски репрезентации ја добија придавката – македонски. Историска беше и појавата на Бранко Црвенковски, особено неговата втора мисија меѓу Македонците, по славниот 15 септември, од кога за секое дете, Македонче, Албанче, Турче, Ромче, Влавче, Српче, Бошњаче, како задолжително следување, требаше да има барем по една „кока-кола“ дневно.

Уф, уф, кој настан од историско значење беше појавата на Демократска алтернатива (така ли се викаше?, каде е сега?) и милијардата долари од Тајван. Толкави пари, толкаво богатство, толкава радост, немаше дотогаш видено сиромашна и клета Македонија. Во неа се гледаше историски спас, а се случи историска пропаст. Сепак, нешто остана: историско е наследството дека една милијарда долари (или евра) не е речиси ништо, никаква сума, во една држава. Кога наскоро ќе влеземе во НАТО и во ЕУ, толку пари ќе може да има секој поербап Северен Македонец или Албанец во (од) Северна Македонија. Со огромни историски димензии и (последици) е и појавата и изборот на иноверниот (методист-евангелист) Борис Трајковски за претседател на државата. Во негово време, по шеесет години мир, пукна првата македонска пушка, падна првата македонска жртва. Историски настан е досега неразјаснетата војна, уште поисториски е Охридскиот рамковен договор. Во оваа голема историја, сепак, најисториска за Македонците е појавата на господинот Али Ахмети, најдобриот, најскапиот, најплодниот, најкооперативниот и најкорпоративниот увезен странски производ на почвата на Македонија.

А што да се каже за историската појава на Никола Груевски, воспеван како најуспешен министер за економија и најнадежен технократски претседател на современа влада. Атрибутот „историски“ го добиваа неговите успеси во економијата, во даночниот систем, во дедевето, во порастот на буџетот. Се разбира, подоцна на големо беа фалени и неговите историски заложби во одбрана на името. После тоа и тој, како и другите, замина во политичка историја, со големи заслуги што успешно ги измеша (измикса) и примени зборовите лидер и дилер. По него веќе не се знае кој во политиката, во кое време е лидер, а кога е во улога на дилер.

Беше ова обид да се набројат „историските“ достигнувања на Република Македонија, од нејзиното осамостојување досега. Главно се спомнати главните актери, споредни има многу. Сѐ што е направено, сѐ што било напишано, вклучувајќи го и денешниот текст, заминува во историјата. Поточно, ова што досега се случувало за Македонија, политички гледано, ќе биде праисторија. Настаните и личностите, освен Али Ахмети, нема да бидат ниту во легендите, уште помалку во вицовите. Од Нивици наваму почнува да се прикажува и пишува новата државна, национална, граѓанска, европска историја. Ништо чудно: за овие триесет години повеќепартиска демократија, историјата во Македонија секогаш, редовно, почнувала со доаѓањето на новата власт, а завршувала по нејзиното паѓање. Попуста била милениумската изрека „Историјата е учителка на животот“.