Историска ревизија без визија

Рискантната промена на името не стана сигурна виза за влез во ЕУ, иако беше стопати ветувано и најавувано дека тоа е единствениот услов. Сега сите други аргументи се од сосема мала важност, обезвреднети, дури и потценети. Сега Македонија, македонските власти, немаат друг силен адут во раката со кој може да ги убедуваат западните лидери дека се нужни брз почеток на преговорите и брзо завршување на целата постапка. Флоскулите за демократија, за реформи, лицемерните изјави за напредок се само бурова вода врз нанесената национална рана. Единствено релевантна може да биде заканата за внатрешен меѓунационален судир или вклучување во можна регионална војна, поврзана со косовското прашање

Македонскиот револуционер Димитар Влахов (1878 -1953) имал навика ноќе во сонот да зборува. Кога во 1904 година бил уапсен (а бил апсен повеќепати) и лежел во затвор, плашејќи се во сонот да не ги предаде имињата на своите другари си ја чукал главата во ѕидот од ќелијата во која се наоѓал, за да не може да заспие. Оваа епизода од необичниот, богат револуционерен живот на Влахов ја има раскажано неговиот син Густав, а е објавена во една репринт-брошура што ја има издадено Социјалистичката партија на Македонија, која ги негува социјалистичките традиции и објавува дела за познатите македонски социјалисти.

Примеров што го наведувам не го давам за да ги истакнам неговата непоколеблива волја, цврстината на духот и храброста, иако наведените карактеристики сами по себе силно сведочат за посветеноста кон делото и верноста кон соработниците. Влахов е друга тема, сѐ уште релативно контроверзна, внатре во Македонија. А и митот за херојството и саможртвата е одамна умрен, на цена се други, поинакви, вредности. Примеров го давам да ми послужи како потпора во актуелната дебата за прашања за историјата на македонскиот народ. Се разбира со нагласка на нивното третирање во односите меѓу новоименуваната држава Република Северна Македонија и нејзините договори за пријателство и добрососедство со Бугарија и со Грција. И не за учество во некаква полемика за разгореното прашање – чиј е Гоце Делчев, туку за истакнување на неколку паралели што отвораат низа дилеми и заслужуваат некаков одговор.
Како и за Делчев, исто така може да се постави и прашањето – чиј е Димитар Влахов. Меѓу нив двајца има големи биографски сличности. Се разбира, Гоце е ликот од врвот на македонската револуционерна дејност во тој историски период, лик и дело неизбришливо врежани во историјата и во народната меморија. Влахов, исто како Делчев, е роден во Кукуш (Егејска Македонија, тогашно Отоманско Царство), се школувал во Бугарија и во солунската Егзархиска гимназија, бил бугарски учител во неколку места. По раѓањето бил поданик на Турција, по родното место денес би бил Грк, (ако инсистираат Грците), по образованието Бугарин, по револуционерната дејност – Македонец. Сѐ е исто како и со Делчев. Исто е што и двајцата, секој во свое време и на свој начин, биле активисти во организациите со македонски предзнак, се бореле за македонското дело, за автономна, независна, дури и обединета Македонија како посебна држава. И двајцата биле наклонети кон социјалистичката и социјалдемократската идеја, не биле страсни припадници на ВМРО.

Значи, според наведените податоци, двајцата (и не само тие дејци од тој период) истовремено може да бидат именувани и историски третирани како Бугари, како Грци и како Македонци. Речиси еднакво им припаѓаат на историите на трите држави, не исклучувајќи го и нивното учество во турската историја на Балканот, особено што Влахов бил член и на првиот турски парламент. Сепак, има една разлика: Влахов, по Втората светска војна, се изјаснил како Македонец, бил член на повоената влада при првата независност на Република Македонија, а вршел и сојузни функции на ниво на Југославија. Можел да ја докаже својата македонштина зашто живеел 75 години. Делчев само 31.

Самиот пример, самата споредба, покажува колку е сложено прашањето за третманот на настаните и личностите низ подалечната и поблиска испреплетена историја, особено карактеристична за балканските земји. Оптоварена со вековни недоразбирања, војни, со освојувања и присвојувања и со дипломатски пресметки, до денес обременета со остатоците и последиците од владеењето на Турската Империја, таа и денес е камен на сопнување во градењето меѓусебно разбирање, пријателство и добрососедство.

Поведените иницијативи за ревизија на историјата на Македонија, за почеток само во учебниците, би требало да биде благотворна работа по сите демократски промени што ја зафатија Европа, а посебно балканските земји, како за оние што се осамостоија по распадот на Југославија, така и за оние што излегоа од стегите на Советскиот Сојуз, како што е Бугарија, на пример. Навистина има неразјаснети теми и не докрај објективно вреднувани настани и личности во македонската историја, но наивно е да се мисли дека била чиста девствена бугарската. Таа носи редица црни петна кога се во прашање Македонија и македонскиот народ, особено од времето на Втората светска војна кога во Македонија беше дел на фашистичката окупација.

Но таа ревизија не може да се одвива без визија, без добра волја и меѓусебна почит. Самиот збор „ревизија“, иако пред сѐ е финансиски термин, преведено значи „да се испита“, „да се изврши преглед“, „повторно да се прегледа“, „одново да се погледа“, „уште еднаш да се види“ заради испитување и просудување, да се дојде до точноста на податоците, на фактите. За разлика од ревизијата, која има врска со минатото, зборот визија е гледање во иднината, предвидување, очекување, посакување. Во случајов, таа историска ревизија не може да биде без визија од македонска страна, од македонските власти.

Треба да се рече дека малку се чудни агресивните изјави на бугарските министри за Гоце Делчев, за македонската историја, за идентитетот на македонскиот народ и неговиот јазик и писмо. Но уште почудни се некои изјави на македонски политичари, професори, аналитичари, кои набрзина наседнаа на бугарските провокации и ги прифатија нивните гледишта како готова и завршена вистина. Во таа брзина се најде затечен и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој во едно телевизиско интервју изјави дека Гоце Делчев бил Бугарин. Можеби ќе се докаже дека тоа е вистина, но во време кога заседаваат заеднички комисии, кога македонската наука има многу аргументи Делчев да го третира и како македонски човек, претседателската изјава е директно политичко прејудицирање и интервенирање во работата на научната комисија, која треба да ги утврди фактите. А тие не се утврдени зашто ревизијата трае, таа е систематски и долг процес, не е скокни и речи оп, не е плукни – залепи, а не е време ни за сечена, лепена и монтирана историја, од чија било страна. И не би требало да биде резултат на нечии итни политички потреби, да трае кратко време и повторно, во некое друго време, да подлежи на нова, дополнителна ревизија.
Повеќе од сигурно е дека вишокот историја создава проблеми, кои тешко може да се решат ако се оди по линијата дека е поважно она што било од она што ќе биде. А без нивно решавање, се затвораат европатиштата. Во Северна Македонија влезот во Европа е ставен на државен пиедестал, макар тоа се направило по секоја цена, дури и на сопствена штета, национална и идентитетска. Обратно, за Европа Северна Македонија е под секоја цена. Рискантната промена на името не стана сигурна виза за влез во ЕУ, иако беше стопати ветувано и најавувано дека тоа е единствениот услов. Сега сите други аргументи се од сосема мала важност, обезвреднети, дури и потценети. Сега Македонија, македонските власти, немаат друг силен адут во раката со кој може да ги убедуваат западните лидери дека се нужни брз почеток на преговорите и брзо завршување на целата постапка. Флоскулите за демократија, за реформи, лицемерните изјави за напредок се само бурова вода врз нанесената национална рана. Единствено релевантна може да биде заканата за внатрешен меѓунационален судир или вклучување во можна регионална војна, поврзана со косовското прашање.

Стара е поговорката дека никој нема тапија на вистината. Познато е дека потребата од преиспитување и ревизија на историјата на балканските народи не е нивна автентична желба. Тоа е европско-американска наредба како дел од процесот за создавање единствена Европа, во чија јавност е раширено мислењето дека меѓунационалната омраза и крвопролевањето на Балканскиот Полуостров се некоја ендемска болест. Прерано е да се мисли дека национализмот меѓу Балканците ќе попушти, дека се стивнати националистичките страсти. Најмалку може да се случи тоа во Грција и во Бугарија, од каде што дојдоа националистичките изјави на двајцата најважни министри во бугарската влада. Илузија без визија ќе биде верувањето дека Македонија може да влијае врз промена на некои тврдокорни убедувања за минатото на Грците и на Бугарите. И на едните и на другите.

[email protected]