Искуства во здружувањето на малите земјоделски производители

Проф. Борис Анакиев

Постојните проблеми поврзани со цените во синџирот на достава на прехранбените производи стануваат сѐ поосознаени на меѓународно ниво. Од една страна, откупните цени на примарните (земјоделски) производи се многу ниски. Од друга страна, се констатира дека цените што ги плаќаат потрошувачите на храна се високи. Анализите јасно покажуваат дека основниот дел од дадената вредност во синџирот – од производството до крајната реализација на производот се присвојува од трговците и преработувачите, а многу мал дел им останува на земјоделците. Како основна причина за тоа се посочува уситнетост на земјоделското производство, како резултат на кое во процесот на договарање на откупната цена земјоделците се покажуваат економски послаба страна.

Неопходноста да се подобри соработката помеѓу стопаните за да се подигне нивото на конкурентската способност, истовремено и на земјоделството и на преработувачката и прехранбената индустрија, е претпоставка за појава и развој на различни форми на соработка, координација и кооперација. Обединувањето на стопанствата создава услови за заземање посилни позиции на пазарот и подобри можности за реализација на производствената продукција, која од своја страна води до добивање поголем дел од дадената вредност на крајниот производ. Друга корист се можностите за планирање и намалување на трошоците за производството и примена на земјоделски практики што ја заштитуваат животната средина. Како последица на соработка се зголемуваат и можностите за проучување и воведување одржливи производствени практики и иновации. Истражувањата од страна на различни професионални правци и подрачја (реони) во светот го фокусираат своето внимание врз значењето и функциите на мрежни структури (Матполус 2005, Гелиниск 2010), како и на стимулирање на иновациите во агробизнисот и на различни практики на соработка помеѓу одделни производители. Мрежата на соработка со право се разгледува од некои автори (Асанс 2015) како стратегиски предизвик од една страна, зашто земјоделските производители решаваат да се соберат заедно за да ја подобрат ниската конкурентска способност, а од друга страна, бидејќи економската конкурентност ги принудува да бидат сојузници заради опстанок на земјоделското стопанство. Според некои автори, мрежите се перципираат и прифаќаат како силно развиена форма на соработка. Мрежната структура претставува предизвик за заеднички развој, кој се состои во споделување искуства, иновации, контрола на интензивноста на конкуренцијата или на добивање пристап до ресурси што не се внатрешна сопственост.

Осознаената потреба од обединување различни мрежни структури за соработка довела до формирање на повеќе функционални кластери, организации на производители и неформална мрежа. Поради нивната голема разнообразност, во моментот не постои статистика за нивниот број, но мрежните структури имаат забележливо присуство и значење во економиите на различни земји и региони, добри практики за соработка и кооперирање. Во светот постојат разновидни форми на здружувања на земјоделски производители. Добар пример за регионално поникната соработка помеѓу земјоделските стопанства е агроиндустриски кластер Алмерија од 1980 година. Тој настанал за да се создадат нови можности на неколку илјади семејни градинарски (земјоделски) стопанства што одгледуваат зеленчук во полиетиленски оранжерии за да добијат пристап до меѓународниот пазар.

Природните услови на Алмерија се уникатни во европски контекст за интензивно производство на зеленчук. Особена предност со климатските услови има за производство на зеленчук надвор од традиционалната сезона, што на производителите во таа област им дава релативна предност. Во 1980-тите години приоритетна насока им била подобрување на сортната структура и производствениот процес насочен кон посакувани за пазар видови и сорти зеленчук, како и создавање и реализација на успешна маркетинг-стратегија. Во 199-тите години, по големиот пораст на производството, започнало создавање дистрибутивни центри во провинцијата, како и создавање автономни фирми во различни сектори. Приемот на Шпанија во Европскиот сојуз, можностите за финансирање на земјоделското производство и маркетинг на производи стануваат мотив за создавање кооперативни и форми на здружување на следните развојни нивоа.

Кластерот обединува различни структури што им даваат услуги на земјоделските стопанства за: сортирање, чување, преработка и трговија, транспорт, ИТ-услуги, агроекономска консултација, финансиска поддршка, како и снабдување со агрохемиски средства, семиња, техника и др. Ширењето и зголемувањето на разнообразни дејности и услуги водат до формирање на сложената мрежа на економски заемни односи што ја определуваат сегашната состојба во Алмерија. Динамиката на развој придонела денес кластерот да има 13.500 фармери, 70 кооперативи, обртот изнесува 2 милијарди евра, вработени се 40 илјади луѓе, а стопанисуваат со 30.000 ха површина за земјоделско производство. Управувачката структура на кластерот соодветствува на кооперативноста. Како колективен орган, бордот на директори е аналоген на општото собрание, а кај индивидуалните постојат директори и менаџери по одделни делови.
Друг пример за здружување во кластерот: „Долина на еколошка храна“ основана во 2010 година во градот Љублин во Полска. Овој кластер обединува претпријатија што произведуваат органски прехранбени производи, доставувачи, како и инструкции и организации за поддршка на развојот на селските реони. Во него се вклучени 18 учесници, производители на храна, органски фармски преработувачки претпријатија, како и научен институт за почва и за растително производство. Една од дејностите на кластерот е создавање екобазар, на кој секоја сабота локалните производители на органска храна ги претставуваат своите производи. Тоа создава можност за постојано пазарно присуство во Љублин, како и охрабрување за работата во мрежата и за соработката.

Овие и многу други слични мрежи на разнообразно примарно производство, преработка, маркетинг, услуги и др. можат да послужат како пример за запознавање со нив од страна на нашите здруженија на земјоделците и на некои институции преку посета и покана на членови од овој и слични кластери за да помогнат во „убедувањето“ и „обучувањето“ на наши производители. Зашто во струмичкиот, полошкиот, битолскиот и во други реони не можат да се формираат слични мрежи, помали но амбициозни, кои ќе растат и ќе се развиваат кога туѓите примери покажуваат дека ваквите мрежи се високорентабилни и на производителите им овозможуваат сигурен пласман.

(Извор: Ferraro Garsija, 2008. El distrito agroindustrial de Almeria: un caso atipico. Mediterraneo economico)