Иродовата гозба во Ерусалим и во Преспа (2)

Или танцот на Саломе со пресечената глава на Јован Крстител и на Македонците

Во тој темен делириум во Eрусалим во кој стрелките на часовникот го беа поклопиле со мртовечки чаршаф просторот, единствен знак на Божјата Светлина беше сал пресечената глава на Светецот во сребрената чинија на Саломе, сонцето што го огреваше секое темно место на вселената и срцето на човекот, но тој не го препозна него. И танцуваше, танцуваше до мугри танчaрката, ќерката на Сатаната, кога трите петли ја искачија зората над ѕидините на царскиот град. Дури тогаш скапната од мрачниот делириум таа со длабок наклон ја сложи светата глава пред нозете на Ирод. Ама тој, глеј чудо, темните гости наместо неа својата глава ја видоа во сребрената чинија. А главата на Светецот, беше високо над нив во отвореното небо во дланките на еден архангел и пееше со моќен глас некои исконски песни за Прапочетокот, за огнот на Светиот Дух и оживеаната глина во Првиот Адам. Пееше и за Словото Исус со кое беа создадени мравките, пчелите, планетите и ѕвездите. И толку силен беше, како пред тоа во пустината, тој глас што ги разниша соништата на светот зафатен од ентропија над која Господ веќе ги поставуваше темелите на Новото Небо и Новата Земја.

Туку ѝ нема крај на Иродовата гозба. Клучот на злото е таа, на развратот и смртта. И долг е нејзиниот синџир на ужас и перверзија. Алка за алка таа го врзува злосторството во бескрај. По Ерусалим како свадбарска тајфа со име Цивилизација се селеше од место во место, за најпосле со сите свои царски белези на несреќата да се востоличи во Преспа, дури и позвучна, пораскошна и помпезна од онаа во Ерусалим тогаш. А познато е дека крвниците се како грофот од Трансилванија, сладокусци на смртта и темнината и притоа, без исклучок, секогаш го бараат најсветото место и жртва за чинот на злосторството. Затоа, имено, Европа сега и ја избра за својата темна страст за зло Македонија на Павле и на Лидија, Првата Христова црква што повте да ја облагороди неа, ама, за жал, мисијата остана неуспешна. Таа и понатаму остана со својот темен варварски сурат покриен со тенката глазура на она што го именува како Цивилизација, а всушност е само анимален дарвинизам на нејзините моќни канибали, чиј магнет ја влечеше безмилосно и теоријата на волјата за моќ на генијалниот и помрачен ум на Ниче.

Не го прими Словото на Љубовта од Македонија и не се преобрази од ѕвер во ангел Европа, науката трансцендентална што ја проповедаше по Павле и Лидија и премудриот свети Климент Охридски пред да стапи на отворената сцена со широк размав на злосторството таа цивилизација, претчувствувајќи ја, како Исаија колежот во Витлеем, трагедијата на Македонците во Преспа. Не ја усвои Европа Христовата алхемија за преобразба на темното во светлина и не го искова, пред да ја продаде душата на Мефистофел, трансцендентниот прстен за да го заклучи во него со клучот на Господ времето на Светото и да го одбрани од темната канибалистичка страст на потсвеста во неа, оти за натсвеста не може ни да стане збор, туку само за темниот ерос што влече кон смртта, драгиот гостин на Фројд.

Преспа. Сега во неа беше востоличена новата Иродова гозба на цивилизацијата по онаа во Ерусалим тогаш. Така реши Европа, која никогаш не се откажа од Ѕверот, оној што го виде и апостол Јуда како ја прогонува жената со сонце на челото, која за да го роди него, Детето на Спасението, мораше да најде спас во пустината во која во секое зрно песок имаше по еден господов ангел за да ги заштити нив.
И во Македонија дојде тој Ѕвер маскиран со перверзното име Цивилизација. Новиот Ѕвер што се роди по два милениуми наместо Исус во Новиот Витлеем, како што прорекува и Јајтс. Дојде за да ја подготви во сиот нејзин мрачен сјај новата Иродова гозба во Преспа. А за да изгледа невин, за Ирод сега го зеде сакатиот великан од она смуртено село, кое илјада пати се покаја што го родило него, цар-самозванец на Столченото Племе, иако слеп и слепец. Племето што блика од видовите светлина и по Беласица 1014 г. кога му беа извадени очите за да се поклопи со мрак, а тоа целото само битие од очи како она чудно суштество кај старозаветниот Езекиел, не само што не ослепе туку трижпати повеќе прогледа оти е тоа закон на неговото постоење: да се обновува со моќен енергетски нагон, кој и по смртта како Исус ја преведува во живот.

Беше замислено раскошна да е таа гозба во Преспа, богата со подлост како што ѝ прилега тоа на Европа и на нејзината темна страст за гибел на Македонците. Беше до најмала ситница, микроскопски прецизно замислен тој свиреп празник, тој мрачен обред на цивилизациските канибали. Оти и сега требаше како тогаш во Ерусалим да се изврши со сите темни царски нишани и новото усекование на светата жртва. Тоа на македонската Колективна Глава, која како и главата на крстителот во пустината не еднаш го исправала Патот за Господ, ама Европа ги минира сите мостови што нудат премин од безбожното кон божественото. И сега во Преспа конечно требаше да триумфира варварството што дојде како катастрофа, како смртоносна бура од Запад. Требаше како тогаш во Ерусалим да се пресечат жиците на струјата што има приклучок во Светот Дух, да се испразни електрицитетот од електроните на материјата, светлината и надземи и подземи во кристалите, сталактитите и сталагмитите чиј сјај и сесмртта ја храни без да биде притоа начнат и фрлен во ентропија. Сјајот за кој Новалис мислеше дека е космичка интелигенција.
И дојде Европа да го оствари својот мрачен подвиг на смртоносец во Македонија. Дојде со восокот на смртта со намисла да го запечати секој здив на живот во неа, а потоа и гробовите на предците и прапредците легнати во нив за да не ја чујат трубата на ангелите за воскресение и да не се упатат на свадбата на јагнето горе во небесниот Ерусалим, за која на Павле лично Господ му ја врачи поканата за Столченото Племе, Јагнето Исус, кое, како што навестува во откровението апостол Јован, и на небото дури има сѐ уште лузна од ножот на Цивилизацијата што го закла на Голгота, а која сега него го стави и под грлото на Македонците.

И требаше сега во Преспа Вавилонската Дама што ги меле сиромашните во воденицата на профитот да го изврши новото усекование за кое беше подготвено до совршенство мачилиштето замислено како перверзна гозба на темниот нагон за смрт. Требаше да се пресече Колективната Глава на Племето, таа што го красела од искони човештвото, а потоа да се фрли на ѓубриштето на историјата, кое цивилизацијата на Маркиз де Сад го прогласи за злато. Таква е нејзината алхемија. За тоа усекование што беше однапред прогласено за светол цивилизациски чин дојде во Преспа целата елита на канибали од Запад и од Балканот за да ѝ даде што поголем сјај на грозоморната свеченост; а да се заврши што поуспешно работата тука стигна директно од Револуцијата и Бастилја и месје Гилотен со неговиот смртоносен изум, тој што му ја пресече главата и на неподмитливиот Робеспиер. Гилотен темната сенка на просветителството и демократијата, потемна и од сенката на Каин легната од прапочетокот врз грбот на човештвото. Така. Арно ама западните пилати, кои знаат да си ги измијат рацете по злосторството и пак да бидат невини како кристал, лично го претставија месје Гилотен пред домашниот Ирод кому тој му го врачи својот просветителски изум. А тој, со задоволство го прими него и вети дека и ќе го награди, како и што се случи тоа.

И почна темниот спектакл, новата Иродова гозба во Преспа. Почна. А веќе течеа во песочната клепсидра секундите зрна што ги одбројуваа последните отчукувања на срцето на Столченото Племе што требаше да се дотолчи, да се спепели и стави во мртовечка урна на сесмртта, на големото непостоење. Да се стави во неа со сѐ што поседува како имот тоа: почнувајќи од предметите по дома полни со меморија на племето, а потоа да се изврши општ колеж на имињата на реките, езерата, ридовите, растенијата, животните, па и на инсектите што го спотнуваат хаосот да пее химни во зенитот на македонското лето кога е сѐ закотвено како во епицентар во Бог и нема периферија, како што би рекол свети Августин. Во епицентарот во кој е сѐ еднакво во своето величие: зрното песок и врвовите на Хималаите, мравката и нилскиот коњ и крокодилот со кои Создателот го престраши праведникот Јов, иако како аргумент за моќта на своето создавање, дури и поубедливо, можеше да ја искористи пеперугата наместо тие две прекрасни грдосии. Но зошто да не го стори тоа е прашање планина за теолозите, чии „тешки коњи“ на кои се сети Де Ружмон го газат и замаглуваат божественото, тоа на кое сега требаше да му се стави крај во Преспа.

И наспроти сѐ, наспроти темницата и јанѕата пак е во зенит македонското лето полно со товари жито за водениците што мелат хиерогамиско брашно и што тракотат во постелата на љубовниците поголема од море во која се зачува породот на Столченото Племе додека грми перверзната музика на смртта во Преспа и додека ја погребуваат Убавината на светот со име Македонија, додека ја обезименуваат сосе предците и прапредците во гробовите неа. Таква е наредбата од центарот на Цивилизацијата и на новиот домашен Ирод што пее темна сатанистичка алелуја на овој погребен одред. Да. Оти беше симнато Името, Главата на Македонците од рамената; беше скинат златниот синџир на Постоењето од Ное и Јафет наваму до денес, што светка во Светото Писмо како Виа Егнација сѐ до крајните брегови на Новиот завет, кога подрака со Македонецот од Троада Павле дојде во Македонија како света шифра на Радосната Вест. Дојде да помогне и да ги уцврсти Македонците во Името на кое сега му се помочаа домашниот Ирод и Европа, која не го прими и спозна Словото на Љубовта. Наместо благодарност за понудената трансцедентална причест од Македонија сега таа ја брише својата меморија, ги брише во неа и имињата од надгробните камења за и мртвите да не знаат кои се и од каде се, ни колку херои, мартири и светци лежат во гробовите, тие што го чуваат и во смртта огнот на постоењето на Светата Земја. Тие, бришани сега од овие ништодуши, неранимајковци, кукавици, глувци што разнесуваат чума, грозомори, најидиоти, плукачи, главосечачи, ѕверови од кои се срамат ѕверовите, бишки што го претвораат златото во кал, безбожници и изроди од родот зачнати во мракот и од мракот, суштества на цревата низ кои како смрдлив отпад се истураат во канализацијата на цивилизацијата. (продолжува)