Инфотејнмент самрак на Гутенберговата галаксија

Преминот од аналогна во дигитална ера, освен на планот на технолошки иновации, ја подотвори и рашири онтолошката рамка на журнализмот.
Традиционалниот израз и печатените медиуми, како моќен глобален поглед што ја детектира, набљудува и креативно професионално и одговорно ја преобликуваше стварноста со векови, исчезнуваат или се преобразуваат во иновативен мултимедијален процес во киберпросторот, на интернет и редица нови непрегледни можности.

Традиционалните печатени жанрови ги снемува, ја губат битката. Една од жртвите во тој суров натпревар е и печатената новинарска колумна – ценет и високовреднуван жанр во Гутенберговата ера. Со одеднаш згаснувањето на дузина печатени медиуми во нашиот медиумски сокак, исчезна и го снема овој ценет жанр, кој со векови постоеше како журналистичко-белетристичка цврста форма во која се изнесуваа ставови, погледи, размисли, пресек и сведоштво на епохата.

Една од клучните промени во новото информациско време е изменетиот начин на кој бараме, примаме и ги користиме информациите.
Информациите сфатени како јавно и општо добро што се дифузира во комуникациската заедница заради јавно информирање и едукација, како и овозможување на демократскиот процес (јавна дебата и избори), сега имаат поинаква функција. Достапните информации не поттикнуваат рационална јавна дебата за клучните прашања и не ги прават нужно граѓаните политички посвесни, ниту пообразовани. Информирањето се реализира како интерактивна игра во која забавата има многу важна улога. На пример, политичкиот натпревар што се одвива во медиумските арени е следен од публика чие однесување повеќе наликува на спортски фанови отколку на рационална јавност, која непристрасно и со студени глави ги одмерува аргументите на противниците.

Во новиот медиумски свет доминира т.н. инфозабава (инфотејнмент), во која клучни стануваат техниките за пропагандно манипулирање и убедување, логичкото наведување, емоционализацијата на публиката, менаџирањето на емоциите и стравовите.

Интерактивните онлајн платформи ги наметнаа навиките информативните содржини да се преплетуваат во комуникација со другите луѓе. Коментирањето, споделувањето, критикувањето, исмејувањето, тролањето, лајкањето, блокирањето, подучувањето, извртувањето, стануваат норма при (или по) информирањето.

Следствено, процесот на создавање на јавното мислење сега е децентрализиран и дифузиран, така што освен традиционалните масовни медиуми, сега во креирањето на јавното мислење се вклучуваат разни нови форми и платформи на електронска и мобилна комуникација, интернетот, социјалните мрежи и сл.

Нашето живеење е една од патетичните жртви на налетите на некритичката и незаситна виртуализација. Нашиот перциптивен поглед е сериозно дестабилизиран и е претворен во своевидна холографска матрица, која секојдневно забрзано се полни и празни и деструира од непрегледна, секвенцијална, содржинска и некритичка репетиција.

Втурнати во своевиден коперникански хаотичен грч, заточени како во циркуски кафез, секојдневно немо се обидуваме да ги распознаеме нештата, сликите и текстовите, да различиме и одбереме политички илузии или вистина, копнеж, да разбереме и да им се доближиме на фактите и на вистинскиот полнокрвен живот. Во тој виртуелен недоглед, широкодостапен когнитивен непрекинат тек, во кој вестите, приказните, информациите, стигнуваат молскавично, смислата не се врти повеќе околу нас.
Денес кога современиот микрочип на мал простор може да содржи милијарди вмрежени информации, теоретски достапни секому и во секој миг…, ноторен станува фактот дека информацијата самата по себе не претставува спознание… Во тој нанокосмос владеат металогички критериуми каде што вистинската реалност е дигитализирана и заменета со бројки и метајазик и вредности.

Јавноста, која некогаш беше пасивно и аморфно мнозинство што ги апсорбира информациите од медиумите и креаторите на јавното мислење, се трансформира во сложена мрежа на поединци и групи поврзани на различни нивоа.
Во новиот медиумски свет доминира т.н. инфозабава (infotaintment), во која клучни стануваат техниките за пропагандно манипулирање и убедување, логичкото наведување, емоционализацијата на публиката, менаџирањето на емоциите и стравовите…

Тие техники преку проширена интерактивна вклученост на публиката го управуваат процесот на информирање, а гледањето вести сѐ повеќе наликува на следење играна серија или филм. Ова се гледа во тоа што информациите сѐ повеќе тежнеат да поттикнат конфликт, драматизација, емоционализација, при што се користат различни „филмски“ техники и кодови за привлекување внимание.

Па така, и вестите и информативните појаси и жанрови, кои претендираат да звучат и изгледаат сериозно, како важен дел од медиумската презентација на телевизиите сѐ повеќе се во функција на забавата, на публиката и корисниците. Во сличен процес влегува и интернетот каде што забавната функција ги преклопува другите функции, како што се информативната и образовната.

Денес сѐ помалку се скептиците и катастофичарите, кои во медиумите гледаат и очекуваат почеток на тоталитарен надзор и повторна груба експлоатација на економските и човечките ресурси. Напротив, од ден на ден расте бројот на ентузијастите и вљубеници што ја препознаваат и приопштуваат медиумската интеракција како цивилизациска придобивка, која овозможува забава, радост, инклузивност и живеење квалитетно време.