Инклузивно општество, ексклузивни политичари…

Во налетот помодарски усвоени зборови во „еманципираниот“ вокабулар на „проевропските“ луѓе, покрај стручните термини од разни науки од кои тие поим немаат (како „наратив“ преземен од наратологијата, или „бенчмарк“ од статистиката), сѐ почесто се зборува и за ИНКЛУЗИВНО општество. Притоа, не се мисли само на вклучување на децата со посебни потреби во образованието и општеството (примарно значење на терминот), туку и на прифаќање на сите РАЗЛИЧНОСТИ, на сите нивоа на општественото живеење.
Како и секогаш кога станува збор за бофл интелектуално-политичка стока увезена од Европа, така и овој пат нешто што е природно и со векови општопознато се претставува како – ново. И нешто што се однесува строго на личноста (и на нејзиното морално воспитание), се претставува како колективна, општествена цел. Татко ми, како личност и од најдлабоки интимни побуди, а не поради општествена „инклузивна“ мода, имаше побратим Албанец, а и јас бев воспитуван да се дружам со луѓе различни од мене, по сите основи. Тоа што денес во „различностите“ се вбројуваат и неприродни нешта за кои се бара да се прифатат како природни, понекогаш изнудува моја реакција, но тоа не значи дека сум „неинклузивен“. Сите што живееја во „братството и единството“ на Тито знаеја за „инклузија“. „Инклузивно општество“ е „обопштувачко општество“. Логички гледано, тоа е празна ТАВТОЛОГИЈА, како „дрвено дрво“, зашто функцијата на општеството, како што и му кажува името, е да обопштува. Односно, да ги прифаќа различните. Затоа и постои.

Не сакам да држам лекции и да „трујам луѓе“, како што напиша едно нервозно девојче, што очигледно нема прочитано онолку книги колку што јас имам напишано, а по повод една моја колумна што многу ја изнервирала. Ама морам да кажам: секој што учел логика (мојата генерација ја учеше во средно) знае дека инклузијата е логички однос меѓу два поима. Притоа, едниот е поширок и се вика суперординиран поим, а вториот, субординираниот е помал и се содржи во првиот. Инклузијата како логички однос ја претставуваме со голем круг во кој исцртуваме помала кружница. Така, помалиот круг цел се содржи во поголемиот. Она на што Европа денес нѐ учи како на модерно, инклузивно општество, го знаеше во мое време секој што имаше двојка по логика. Ако големиот круг е „луѓе“, а помалиот „Црнци“, тогаш следува: сите Црнци се луѓе, иако не сите луѓе се Црнци (туку само малиот круг). И така, во помалиот круг денес можете да ставите сѐ што е малцинство, а ви се чини дека е изопштено од големиот круг и оставено без права: од поинаква сексуална ориентација, до различни конфесии.
Станува збор за логички однос, кој кога станува модел на едно општество, станува врвен хуманизам: различните секогаш се дел од широкиот, суперординиран поим – човек. Само морален монструм може да се побуни против такво, „инклузивно општество“. Но може ли со закон да се уреди инклузивно општество, пред секој од нас да стане инклузивен човек? Може ли да се создаде инклузивно општество со ексклузивни (нетолерантни) луѓе? Ексклузијата како логички однос е отфрлање: тоа се два поима што не се ни допираат.

Какво фајде ако некој се однесува кон некого „инклузивно“ затоа што мора тоа законски да го прави (услуга на шалтер), а во себе си мисли: „Ѓубре едно ПОИНАКВО…“ Затоа, многу поважно е да се работи на воспитување „инклузивни единки“ (читај: добри луѓе) одошто да се држат празни проевропски проповеди за инклузивно општество. Семејството е прв воспитувач за прифаќањето на различните. Школите се одамна мртви за ВОСПИТАНИЕ. Но ако се знае дека семејствата ни се во распад и дека се гледаме повеќе со шефовите на работа одошто со децата и брачните партнери дома… не знам кој ќе воспита деца што ЦЕНАТ разлики.
Сето тоа околу инклузивното општество звучи убаво напишано на хартија. Но на ниво на праксеологија, работите се комплицираат. Да се биде инклузивен значи да се приопшти различниот, да се сподели со него истата, заедничка човечка суштина. Но егоизмот, кој главно раководи со светот, подразбира ЕКСКЛУЗИЈА, не инклузија. Така, во сржта на самиот капитализам е вградена НЕМОЖНОСТА тој да биде инклузивна социјална формација. Додека постои експлоатација, не може да има инклузија. Ако и експлоатираните и капиталистите се луѓе (две мали крукчиња во големото), тогаш и на експлоатираните треба да им се дадат истите човекови права како и на капиталистите. А тоа значи – бомба во темелот на капитализмот. Кога навистина би настанала инклузија и кога на експлоатираните би им биле дадени истите права како на оние што експлоатираат (фабрики и капитал), капитализмот би поминал во социјализам. Таква инклузија направи Тито во СФРЈ: им ги предаде фабриките и капиталот на управување на работниците. Се разбира, современиот капитализам, за разлика од првичниот капитализам, е „хуман“, затоа што експлоатираните не страдаат за вода, храна и покрив над главата (има и кредити!), ама не им ги дава истите права како и на капиталистите. Затоа, секоја капиталистичка заложба за инклузивност звучи како лицемерство.

Но да не одиме толку широко: да се задржиме на Македонија. Да се биде инклузивно општество, рековме, значи да се приопшти различниот. Многу ми е криво што немам статистика колку проценти од сите склучени бракови во Македонија отпаѓаат на бракови меѓу Албанци и Македонци? Како ќе ја „имплементираме“ инклузивноста тука, како услов за прием во ЕУ? И, можеби уште покатастрофално: претпоставувам дека има помалку бракови меѓу симпатизери на ВМРО и СДСМ одошто меѓу Македонци и Албанци. А што е со социјалните мрежи, каде што се черечи секој што има спротивно мислење од мнозинството? Тие се најтврд пример за ексклузија: жигосување како во комунистички гулаг, само електронски. Така што, кај нас, на теренот владее ЕКСКЛУЗИЈА, а на хартија ИНКЛУЗИЈА, колку и да не сакаме да признаеме.

Пред некоја седмица добив покана од угледен странски институт да учествувам на онлајн семинар за инклузивно општество. Ја одбив, од презафатеност, но и од срам. Срам ми е да подучувам или да ме подучуваат на нешто што секој просечно образован и морално воспитан граѓанин треба да го знае: крвта на сите луѓе е црвена. А и во кодот на овие народи овде им е да бидат инклузивни. Кој патник останал непримен во наша куќа? И архитектурата на македонските куќи е таква: чардакот е место за мезе, мезето е инклузија, зашто јадеме од иста чинија. Дури и стреите ОКОЛУ куќите (видете ја охридската куќа кај која горниот кат е поширок од долниот и го наткрилува) се направени за да има кај да се засолни намерникот што го фатил дожд. Па уште и онаа двојна повратност на заменките во нашиот колоквијал, кога нудиме гостин: „напиј си се“ (наместо „напиј се“). Нашата народна гостопримливост е семиотика на инклузијата. Така што, мислам дека едукацијата за инклузивно општество многу повеќе им е потребна на политичарите одошто на народот и интелектуалците. Политичарите се тие што не се есапат меѓу себе. И не приопштуваат ни добри идеи, само затоа што доаѓаат од „непријателот“. Инклузивно општество со ексклузивни луѓе и политики, едноставно – не бидува… Добро е што барем на најочигледното ниво, инклузијата на децата со посебни потреби – сме едногласни… Но има уште многу, многу нивоа на прифаќање на разликите…