Имуномодулаторни хранливи материи го ослабуваат ковид-19

Здравствен едукатор

Искуствата од инфективните и хроничните заболувања, генерално покажуваат дека потхранетоста го ослабува имунолошкиот систем и ги прави индивидуите ранливи на заразни заболувања, така што можеме да очекуваме поголема смртност и потешки форми на болеста кај неисхранети хронични пациенти и постари лица

Филип Ачкоски

Во изминатите неколку месеци нашите животи радикално се променија поради пандемијата на ковид-19. Во овој процес стекнавме голем број информации како да се заштитиме од оваа недоволно позната болест. Покрај секојдневните совети за „избегнување“ на инфекцијата (носење маски, физичко растојание од 2 м, хигиена на рацете итн.), денес сакам да обрнам внимание на еден важен сегмент во спречувањето на инфекцијата, а тоа е соодветна употреба на имуномодулаторни хранливи материи.
Искуствата од инфективните и хроничните заболувања, генерално покажуваат дека потхранетоста го ослабува имунолошкиот систем и ги прави индивидуите ранливи на заразни заболувања, така што можеме да очекуваме поголема смртност и потешки форми на болеста кај неисхранети хронични пациенти и постари лица. Од друга страна, нема сомнение дека дебелината е голем проблем при инфекцијата со ковид-19, бидејќи модерната исхрана и седечкиот животен стил ни донесе голема зачестеност на лица со прекумерна телесна тежина.

Познато е дека при патолошка дебелина леукоцитите имаат намален бактериден капацитет, а постои и директна поврзаност помеѓу степенот на дебелина и намалувањето на клеточниот и хуморалниот имунитет. Откриена е и намалена активност на клетките убијци (НК клетки) и намалена функција на Т-лимфоцитите.
Во принцип, се смета дека дебелите луѓе се повеќе склони кон респираторни инфекции поради механички и хормонални причини. Масното ткиво денес се смета за ендокрин орган, додека дебелината се препознава како хронична воспалителна состојба. Затоа превенцијата и третманот на неисхранетоста и дебелината е една од формите на долгорочна стратегија за спречување на развој на тешки форми на заболувања од ковид-19. Суплементацијата со витамини и минерали е дел од конвенционалниот нутриционистички пристап за спречување на вирусни инфекции.

Општо земено ниското ниво или недоволното внесување на хранливи материи како што се витамините: А, Д, Е, Б6, Б12, витамин Ц, омега-3 масни киселини, селен, цинк и железо се поврзани со неповолни клинички исходи за време на вирусни инфекции. Секако, значаен удел во превенцијата на респираторни инфекции има употребата на пробиотици за да се балансира цревната микрофлора и додатоци во исхраната како што се бета-глуканите, кои ги активираат макрофагите, леукоцитни клетки, чија главна задача е да го заштитат организмот од напад на непознати патогени. Затоа се препорачува да се обезбеди внес на дневните потребни количества пробиотици, витамини Ц и Д, и минералот цинк, особено кај неисхранети, дебели и хронични пациенти или пациенти со ковид-19, за да се оптимизира општата антиинфективна нутритивна одбрана.

Ризични групи во пандемијата на ковид-19 се стари лица и пациенти со хронични заболувања, т.е. оние групи кај кои се регистрирани ниски нивоа на витамин Д во крвта. Во ризичните групи со поголема смртност и потешки форми на болеста се и дебелите луѓе и пушачите, кои исто така имаат пониско просечно ниво на витамин Д во крвта.

Научните студии покажаа поврзаност помеѓу ниските концентрации на витамин Д и инциденцата на инфекции на горниот респираторен тракт, пневмонија, инфекции на ушите, хепатитис Б и Ц и ХИВ. Ниското ниво на витамин Д е поврзано и со малигни, кардиоваскуларни, автоимуни и невролошки заболувања, како и со хронични респираторни заболувања, дијабетес и хипертензија. Затоа им се препорачува на сите жители во карантин, кои не излегуваат на сончева светлина, дневна суплементација со препарати, кои содржат 400 ИЕ на витамин Д. Препораката е за целата популација, а не само за ризичните групи поради тоа што во затворен простор, постои висок ризик од развој на недостиг од витамин Д. Витаминот Ц, од своја страна е добро познат по улогата како антиоксиданс и е значаен за синтеза на колагенот и сврзното ткиво. Исто така ја поддржува функцијата на имунолошкиот систем и штити од вирусни инфекции.

Витаминот Ц исто така дејствува како благ антихистаминик и може да помогне за ослободување од симптоми како што се кивање, назална конгестија и проблеми со синусите. Исто така, се покажа дека суплементацијата со витамин Ц (200 мг/ден) е ефикасна во намалувањето на инциденцата на пневмонија, што значи дека овој витамин може да помогне при штетните последици, кои коронавирусот најчесто ги носи на респираторниот систем. Воспалението на белите дробови предизвикано од ковид-19, во суштина, е предизвикано од хиперактивност на клетките на имунолошкиот систем, а витаминот Ц дејствува како ефикасен имуномодулатор и го смирува воспалението. Следствено, општо познати се корисните ефекти на цинкот врз вродената и стекната имунолошка реакција. Недостигот од цинк резултира со дисфункција на хуморалниот и клеточниот имунитет што може да ја зголеми подложноста на заразни болести. Терапијата со дополнителен внес на цинк (10-15мг/ден) кај индивидуи на кои им е дијагностициран недостиг од цинк може да ја намали смртноста предизвикана од инфекции на долниот респираторен тракт. Зголемувањето на концентрациите на меѓуклеточен цинк може ефикасно да ја намали стапката на репликација на разни РНК-вируси. Затоа, дополнителен внес на цинк може да даде добар ефект за олеснување на последиците на ковид-19 како што се респираторни инфекции.

Авторот е м-р по фармација и топедукатор