Има нешто гнило во државата македонска

Последните случувања со аферата со специјалното јавно обвинителство, ако не е намерно смислена во некоја непозната лабораторија и пласирана преку корумпирани новинари за остварување други цели, во целост ја покажува грдата слика на македонското општество, на загубениот морален компас на правниот систем, на криминалот, корупцијата, мешетарењето и неодговорноста.

Република Македонија 30 години по Денот на независноста личи на Скопје по земјотресот од 1963-та. Како што Скопје не стана град, така Македонија до денес не стана држава. Скопје се прошири територијално, се изгради урбанистички, петкратно се зголеми со население, но не стана градски град, иако на располагање ги имаше сите пари, поволности и можности. Така и Македонија (службено – административно и договорно заведена како Северна Република Македонија), формално, по бројки оди напред, но фактички не мрда од место. Парадокс од физиката – сѐ се движи, ништо суштински не се менува. Сѐ уште не може да се освести од зашеметеноста при големиот потрес, од шокот што го дочека осамостојувањето психолошки неподготвена сама да води сметка за себе.
Има нешто гнило во земјата македонска. За речиси три децении, колку што поминаа оттогаш, уставните темели, поставени во вода наместо на цврста почва, од година на година ги покажуваат својата лабилност и менливост, не го издржуваат тестот на времето. Македонија страда од првично лошо поставениот политички систем, кој до денес, наместо развој и стабилност, сам по себе продуцира развлекување, недоразбирања, конфронтации и конфликтни ситуации. По сите прашања. Колку што вината може да се бара и наоѓа во неспособноста на политичките лидери, повеќе е ефект на лошиот, недограден, нејасен и конфликтен политички и општествен, законодавен и извршен систем.

Како поинаку да се објаснат проблемите што се влечат со години. Како поинаку да се објаснат ситуациите што триесет години немаме изградено правна држава, што, наместо политичарите да се држат до законите, законите се плашат од политичарите. Нема држава во светот што за три децении продуцирала толку многу закони на кои не може да им се изброи бројот. Ако се направи само мала анализа, може да се забележи дека еден закон, или еден член од некој закон, по едно единствено прашање, е менуван најмалку стопати. Македонија сигурно е светски шампион на тоа поле, не случајно неколкупати беше предупредувана за експресното менување на законите. Верувам дека не постои држава во светот во која Собранието (парламентот) во еден ден експресно усвојува од 150 до 200 закони, како што тоа го правело и го прави македонското собрание.

Речиси нема закон за кој се даваат десетина толкувања, кој не е противречен и чие спроведување не зависи од она што пишува во него туку од волјата на партиите и нивните главни актери. Кога на ова се додаваат и страничните толкувања, се добива правната какофонија што владее во земјата. Државата не се води од легалните, по закон задолжени институции, туку централен орган на управување е Клубот на пратениците, каде што неколкутемина лидери изведуваат неверојатни математичко (не)логички операции, каде што се бараат и се изведуваат креативни решенија по кои два и два никако не може да бидат четири. Каде што се договара во еден чевел да влезат три нозе.

Како, со кои мотиви може да се објасни фактот што и по триесет години и по осум-девет поминати собраниски изборни циклуси не е фиксиран изборниот модел и се бара негова измена. Што е во прашање: лошиот модел или желбите на поединците од партиите? Како што е познато, во демократските земји партиите се приспособуваат на моделот, а не моделот на партиите. Дури и во земјите од поранешниот просоветски Источен блок, а сега членки на ЕУ, кои по демократија и слободата на мислење и говорење беа далеку зад југословенско-македонските достигнувања, моделите се стандардизирани, тешко менливи, без оглед на барањата на поединечните партии.

Создадено е ’рѓосано општество, пропаднато во поделби. Национални, меѓунационални, идеолошки, меѓупартиски, меѓучовечки. Двете најголеми македонски партии, иако се знаат доволно, политичките односи ги претворија во натпревар, во чие ривалство може и двете да се уништат. Нивниот долготраен фестивал на провокации и навреди, на меѓусебна омраза, на штета на националните и на државните интереси, во некои клучни моменти се покажа многу поопасен елемент одошто намерите на надворешните непријатели, на оние што Македонија сакаат да ја гледаат заглавена во сопствената кал. Меѓупартиските нерасчистени сметки, што вистински, што измислени и намерно форсирани, се рак-рана на македонското ткиво, тие се вирусот што го ништи, што не му дава да крене глава македонското општество. Нивниот заемно омилен коалициски партнер мирно ја посматра ситуацијата, кротко, со отворена мудрост, а потајни закани, ги решава своите национални, партиски и приватни прашања и проблеми и дипломатски придонесува за постепено бламирање, за губење на довербата кај граѓаните, за намалување на политичката моќ и влијание врз изборното гласачко тело кај двете македонски партии.

Три децении и едните и другите повикуваат на национално македонско единство, вклучувајќи ги и партиските претседатели на државата, но само како политички слоган, а не како вистинска потреба. Наместо единство, јазот на недоразбирања се проширува, граѓаните ја губат довербата во успешноста на системот и на неговите институции, популарноста на лидерите е на ниско ниво и покрај сите лични фалби за достигнувањата што ги оствариле. Со промената на името и со влезот во НАТО можеби (веројатно) се утврди просперитетен курс на иднината на државата, но факт е дека тој историски пресврт не наиде на неподелена поддршка кај граѓаните, туку е поттик за уште една поделба. Тешко е да се поверува дека одењето по патот преку новата крстосница може да ги залечи отворените рани. На таков заклучок упатуваат сѐ почестите најави за некакви црни (темни) сценарија што некој ги планира или може да се случат во Македонија, што од своја страна, наместо доверба, предизвикуваат неизвесност и страв.

Последните случувања со аферата со специјалното јавно обвинителство, ако не е намерно смислена во некоја непозната лабораторија и пласирана преку корумпирани новинари за остварување други цели, во целост ја покажува грдата слика на македонското општество, на загубениот морален компас на правниот систем, на криминалот, корупцијата, мешетарењето и неодговорноста. Тој финансиски прескапо платен меѓупартиски проект сега си ја наплаќа политичката и правна цена, си дојде по своите создавачи, овој пат во улога на жртви. Тој проект создаван од немајкаде, набрзина, под притисок, особено од странците, со низа непромислености, но замислен како последна надеж дека ќе се расчисти со криминалот, ги извади на виделина сите слабости на државните институции и личностите на нивно чело. Нивната неодговорност, нивната порозност и поткупливост, пороци не само сегашни туку негувани со години, ја кине и така кревката нишка на мечот што е поврзан со клатното, тоа е тој Дамоклов меч што три децении виси над вратот на македонското општество, на македонската држава.

[email protected]