Изгубениот рај

Се разбира, Британија била, е и ќе остане Европа, и сосема е небитно во која „соба“ се наоѓа (подрумот е зафатен со земјите од т.н. Западен Балкан). Но зарем истото тоа не се однесува и на нас, од Балканот, кои намерно се деградираме и се откажуваме од „европското“ во нас, па минуваме низ секакви експерименти за да се докажеме како новосоздадени Европејци?

Македонија е сѐ уште во филмот „преспав“. Медиумите непоколебливо се занимаваат со локалниот политички фолклор и јавната клоака, без никаков интерес за она што се случува надвор од земјата, која одамна стана „јавната куќа“ (а во која, замислете, открија „јавна соба“ – небаре можеше да се очекува центар на академска извонредност). Помислив да напишам некој збор за интелектуалците во духот на Балашевиќ (за оние што важно вртат со палци, а можеш да ги купиш за кило чварки/џимиринки – или за 10 отсто зголемување на платата). Можев да пишувам за педесетгодишнината од смртта на Бертранд Расел… но, и тоа е бесмислено во земја во која редовни ТВ-дебатери (кога се прават важни и умни) го именуваат Бернард. (Ах, тукушто видов објава за јавен настан во Охрид во која името на Прличев го напишале како Глигор… И тука веќе занемувам.) Не толку далеку од тука, деновиве сите регионални и светски медиуми и експерти разговараат за заминувањето на Обединетото Кралство (некои го викаат разединетото кралство) од ЕУ. Кај нас, нели, Европа од уста не ја вадат и политичарите и интелектуалците, ама поважни се селските озборувања и кавги преку плотови.

Следејќи ја дебатата (добар дел од неа задоцнет, опсолетен или дури и во вид на епитаф), на ум ми падна „Изгубениот рај“ на Џон Милтон, еден од најголемите англиски поети. Неговите стихови асоцираат на непослушноста и прогонот од рајот; но, овде иако земјата си замина доброволно, течат солзи за разделба. Сцените од сентименталното збогување на британските европарламентарци од нивните колеги, како и онаа од симнувањето на британското знаме од просториите на ЕУ, сѐ уште се свежи. На прв поглед се чини дека на брегзит-агонијата ѝ дојде крајот, но мнозина се прашуваат дали е навистина така? Се најавува апокалипса за Британците, особено од нашиве европрогресивци. Тоа не зачудува како сведочењето на Џон Чалис, познатиот глумец од серијата „Муќки“, кој во изјава за РТС кажа дека гласал за напуштање, меѓу другото затоа што кампањата за останување била базирана за застрашување (ќе умрат од глад без ЕУ и сѐ во тој стил); интересно е што и нам ни го велат истото, ама под услов да не влеземе (или смениме име). Оксфордскиот професор/колумнист Тимоти Гартон Еш, кој припаѓаше на кампот на оние што гласаа за останување, напиша „Британија не ја напушти Европа; само влезе во друга соба“. Заклучокот му е дека на земјата ќе ѝ бидат потребни барем пет години да сфати што е навистина брегзит, а дополнителни пет за да научи да функционира во новите услови (во време кога и ЕУ нема веќе да личи на она што е денес). Ако новото утро не донесе ништо драматично за обичните граѓани, последиците се неизбежни и ќе се чувствуваат секој ден сѐ повеќе. Прашањата на Шкотска и Северна Ирска се темпирани бомби за британското општество, но и за Европа. Мнозина не можат да си објаснат како беше воопшто можно да дојде до излегување од рајот? Зошто некој би сакал да го напушти? Дали се Британците до толку неразумни, суверенисти, националисти и ексепционалисти (се сметаат за специјални, исклучителни)? Она што се заборава е втората страна на равенката: што е она што го урна митот за ЕУ ако ветена земја, дури и кај голем број граѓани што се и натаму „внатре“? Да урнеш мит е релативно лесно, бидејќи на митови и легенди не се живее. Во времето кога настана тектонскиот потрес во вид на глобална (и европска) финансиска и економска криза, капитализмот се разведе од демократијата. ЕУ-мандарините функционираат по принципот на „железниот закон на олигархијата“, до настанување на европски демос не дојде ни приближно, што најмногу се виде во отсуството на елементарна социјална солидарност со сиромашните роднини. Она на што Грција беше изложена во 2015 година беше тортура со насилно пиење вода (waterboarding). Отсуството на солидарност и хуманост се виде за време на мигрантската криза, од кога тврдината Европа ги затвори портите (без оглед на краткото интермецо на Меркел, која под превезот на „традиционална гостољубивост“ си увезе потребна евтина работна сила – пред да го спушти резето; другите земји ни тоа не го сторија).

Гневни на она што ѝ се случи на Македонија, мнозина овде ги гледаат работите црно-бело: ете, земји како Британија си заминуваат од ЕУ (други размислуваат за тоа), а ние како папагали и натаму велиме „немаме друга алтернатива“, „ама, ете какви се, не нѐ сакаат, нѐ излажаа“. Тоа се само емоционални изблици без поголема тежина; проблемот е што политичката елита, па ни академската, нема ни краткорочна ни долгорочна перспектива за живот без/надвор од ЕУ. Медиумите ставени на трансфузија однадвор се плашат и да отворат сериозна дебата, универзитетите се „борат“ за синдикални 10 отсто… Како што слепиот цврсто се држи за стап, само се повторува „ЕУ е наша судбина“, дури и кога Унијата јасно ја стави ад акта политиката на проширување. Она што мнозина го превидоа во годините на брегзит беше левата критика, односно заговарањето на напуштање на ЕУ ама поради причини поврзани со демократијата, моќта на народот да одлучува за својата судбина, социјалната (не)правда и потребата од вистински интернационализам наместо империјално поврзување на супремистите/богатите од континентот. Она што малкумина сакаа да го видат беше класната поделба при гласањето за брегзит, па сите што гласаа „за“ беа автоматски прогласени за националисти, назадни и антиевропски сили (идентификувани со Фараж и компанија). Така, неправда им се нанесе на сите оние од најниските социјални слоеви, кои најпогодени од социјалната неправда и економската криза гласаа за „излегување“, и тоа еднакво опозициски настроени и кон Брисел, ама и кон британската финансиска и корпоративна елита. Левицата се подели, а поголемиот дел од левата интелигенција или застана на страна на естаблишментот или остана недокажана и колеблива, без слух за гласот на оние „одоздола“. Уште повеќе, не мал број од „левите“ ги обвинија граѓаните дека се провинцијалци и неуки, неспособни да ги сфатат прогресивните европски вредности. Деновиве ронат солзи, без да сфатат дека единствена опција на оние на кои не им се допаѓа народот е да си изберат нов народ, по нивен вкус (по духот на Брехт).

Ноќта на збогувањето со Британија беше слична на пијана журка: некои се радуваа
без да знаат на што (веројатно на крајот на неизвесноста, која го истошти британското
општество); други (во Берлин) ја пееја „Одата на радоста“; трети со злорадост порачуваа дека ќе дојде денот кога Британците ќе бараат да се вратат со подвиткана опашка… Со очите вперени кон Островот, сите ја заборавија длабоката криза во која се наоѓа ЕУ, а за која не е виновен брегзит (ниту пак тој ќе ја реши). Ноќта меѓу јануари и февруари 2020 година означи крај на значајна политичка ера во Европа, но од друга гледна точка

Се разбира, Британија била, е и ќе остане Европа, и сосема е небитно во која „соба“ се наоѓа (подрумот е зафатен со земјите од т.н. Западен Балкан). Но зарем истото не се однесува и на нас, од Балканот, кои намерно се деградираме и се откажуваме од „европското“ во нас, па минуваме низ секакви експерименти за да се докажеме како новосоздадени Европејци? Проблемот е во чувството на инфериорност и подаништво. Британците ќе си го најдат патот, вака или онака, но Балканците нема бел ден да видат додека не се појави барем мала критичка маса на мислечки луѓе, кои ќе смогнат храброст да кажат дека кралот/ЕУ е гол, дека ЕУ е химера и, веројатно, недостижна цел. Новонастанатата ситуација (со практичeн пример на незамисливото, т.е. доброволно напуштање на рајот и замрзнатата идеја за проширување или продлабочување на европската интеграција) е момент за легзит, за лева еманципација од лажните приказни на „прогресивците“, кои или немаат алтернатива или веруваат во тоа дека ЕУ е она што самата за себе го продава како наратив. Еманципацијата започнува со ослободување од матриксот и слободата да се размислува, а потоа и дејствува слободно. Надминувањето и деконструкцијата на бирократизираните авторитарни и неолиберални институции на ЕУ се единствениот пат што води кон напредок и движење кон една нова демократска Европа. За волја на вистината, под притисок на јавното етикетирање и денунцирање на секој што ќе го каже ова за „светата крава“ (ЕУ), мнозина се воздржуваат и се плашат да го кажат очигледното, особено ако не гледаат општествен нагон што ќе ја прифати таквата позиција. Оттука не треба да нѐ чуди што и во Македонија ќе сретнете една-две политички партии, кои се експлицитно против членството во НАТО (иако од различни причини), но ниту една не е за „егзит“, т.е. за иднина без зачленување во оваа ЕУ. Тоа значи немање потенцијал за замислување на иднината на земјата, но и регионот и пошироко, во контекст на инаква Европа, изградена одоздола, а не конструирана одозгора заради заштита на интересите на богатите и моќните. Таткото на она што ќе стане ЕУ, Жан Моне, своевремено го пишува следното: „Во услови во кои не постои народен ентузијазам за создавање унија, таа ќе треба да се изгради ‘со цик и со цак’, со намерно заведување, тивко и со погрешно наведување“. Процесот е сѐ уште незавршен, бидејќи околностите се во постојано менување; она што е константа е дека богатите полесно се обединуваат околу своите интереси отколку сиромашните и немоќните“.

Ноќта на збогувањето со Британија беше слична на пијана журка: некои се радуваа без да знаат на што (веројатно на крајот на неизвесноста, која го истошти британското општество); други (во Берлин) ја пееја „Одата на радоста“; трети со злорадост порачуваа дека ќе дојде денот кога Британците ќе бараат да се вратат со подвиткана опашка… Со очите вперени кон Островот, сите ја заборавија длабоката криза во која се наоѓа ЕУ, а за која не е виновен брегзит (ниту пак тој ќе ја реши). Ноќта меѓу јануари и февруари 2020 година означи крај на значајна политичка ера во Европа, но од друга гледна точка. Како што вели Метју Роус, ова беше чинот на смртта на фабрикуваниот телеолошки дискурс за еден монолитен актер на мирот, демократијата и прогресот во Европа (ЕУ). Приказната за брегзит водена од мејнстрим-медиумите беше една обратна верзија на „Војната на ѕвездите“, во која доблесната империја се соочи со злобната република. Вистината за ЕУ е во класната борба, тоа отсекогаш и била. Но живот има и надвор од ЕУ, а и Европа е возможна надвор од коридорите на моќта на Брисел. Затоа, никој не може да ни забрани да бидеме Европејци, демократи, солидарни и здружени околу заеднички проект за поправедни држави, континент и свет. ЕУ е дел од проблемот, а не од решението.