Изборен авторитаризам: мени за манипулација

Генерално, а Македонија не е исклучок, идејата за демократијата тесно се идентификува со изборите, заборавајќи дека модерната историја на репрезентативни избори е приказна за авторитарни манипулации, колку што е сага за демократскиот триумф. Со други зборови, изборите често знаат да бидат инструмент за авторитарна контрола, како и средство за демократско владеење. Посебно кај нас каде што е создаден режим на одржување избори и толерирање одреден плурализам и меѓупартиски натпревар, но во исто време се прекршуваат минималните демократски норми толку сериозно и систематски што нема смисла државата да се класифицира како демократска колку и да сакаме да веруваме дека е тоа. Македонскиот изборен режим не е ништо друго од ограничена, дефицитарна или искривена форма на демократија. Нашите избори од досегашната практика се резултат на авторитарни тенденции на властите, кои преку организирање периодични избори се обидуваат да добијат барем привид на демократски легитимитет, со надеж дека ќе ги задоволат надворешните и внатрешните актери. Секако не граѓаните. Ниту еден сегашен индекс на демократија што го познаваме не е приспособен да регистрира одредени авторитарни фрактури во синџирот на изборниот процес. А нив ги има колку сакаш. Затоа, зарем уште некој верува дека изборите во Македонија се демократски?
Во последниве години се раѓа нова форма на авторитаризам во Македонија што не се вклопува во нашите класични категории на еднопартиска, воена или лична диктатура. Овој нов вид авторитаризам сѐ повеќе излегува од нашето разбирање на хибриден режим. Некои автори го нарекуваат „компетитивен (изборен) авторитаризам“. Неговата есенција е ставањето на изборите под строга авторитарна контрола, обидувајќи се да се зацврсти власта по секоја цена.

Иновацијата на изборниот авторитаризам лежи во неговата способност да симулира демократски изборни процедури, додека ја намалува (иако не ја елиминира целосно) неизвесноста на резултатите. Актуелните власти го прават токму ова со создавање „нерамномерно поле за политичка игра“ користејќи „мени за манипулација“. На овој начин власта само ја намалува неизвесноста на изборите, но никогаш целосно не ја елиминира. Очигледно тоа е сонот на оваа власт, која сака преку избори да ги собере плодовите на изборниот легитимитет без да ризикува демократска неизвесност. Балансирајќи помеѓу изборната контрола и изборниот кредибилитет, власта ги смести изборите во небулозна зона на структурна амбивалентност.
Неколку изборни циклуси гледаме како рутински се манипулира со формалните демократски правила на изборниот процес. Наместо отворено да се кршат демократските правила на изборите преку забрана или репресија на опозицијата и медиумите, власта користи големи злоупотреби преку подмитување на гласачите и посуптилни форми на прогон, како што е (зло)употреба на даночните власти, соодветни судски органи и други државни агенции за „легално“ вознемирување, замолчување или изнудување кооперативно однесување од критичарите на власта. Секако, ова не е „фасаден изборен режим“ каде што постојат изборни институции што не даваат можност за значајно оспорување на власта. Кај нас опозицијата може да ги користи навидум демократските институции сериозно да се бори за власт, но тие не се демократски затоа што теренот за игра е силно искривен во корист на актуелната власт. Додека демократијата е „систем во кој партиите губат избори“, изборниот авторитаризам е систем во кој опозициските партии ги губат изборите. Затоа ограничувањето на матните граници на изборниот авторитаризам не може, а да не биде сложена и контроверзна задача.

За која опозицијата во моментов не е дорасната.
Локалните избори што претстојат се уште еден обид на власта да организира избори со надеж дека демократската емулација ќе го направи нивното владеење потрајно. Ако власта успее и овој пат да се снајде во овој ризичен период, тоа може да ги продолжи временски хоризонтите на нејзиното владеење. Барем досега власта успеваше да управува со притисоците за демократизација, контролирајќи ја политичката конкуренцијата и изборите што ѝ помагаше повторно и повторно да ја воспостави својата моќ на сигурна основа.
Дали овој пат ќе биде поинаку? Затоа што сите индикатори упатуваат на тоа дека зголемената повеќепартиска конкуренција за локалните избори го прави изборниот авторитаризам на власта поранлив на неуспех. Овој пат е стеснет нејзиниот простор да ја намали неизвесноста околу резултатите на изборите, зашто сѐ помалку нејзините граници на авторитарната имагинација се логични, а сѐ повеќе панични. Исто така, исцрпени се стратегиите за совладување на изборната конкуренција, така што власта првпат по толку години изборни циклуси својата иднина не може веќе исклучиво да ја заложува на институционализацијата на изборната несигурност низ што обезбедуваше демократска легитимација на своето авторитарно владеење. Ако ова се дополни со емпириските истражувања што сугерираат дека сепак само мал број авторитарни режими преживуваат како конкурентни по првите неколку изборни циклуси, тогаш Заев & Co на овие локални избори сѐ повеќе ќе заличуваат на коцкари отколку на современи макијавелисти.
Последните скандали потврдуваат дека власта е на лизгав терен пред локалните избори, слаба да ја контролира политичката конкуренција на начин што ќе ѝ помогне повторно и низ овие избори да ја воспостави својата моќ врз сигурна основа. Изборната арена во Македонија станува сѐ помалку театарски амбиент за самопретставување и саморепродукција на моќта, а сѐ повеќе вистинско бојно поле во борбата за власт. Каде што власта не се снаоѓа веќе како порано.