Иднината е моја сегашност

Дали слушна што тресна Заев? Не, не слушнав. Престанав да следам и да пишувам за политика. Јавно се повлеков од тој свет.
Сакаш да кажеш дека не слушна што тресна во Виена?
Тоа сакам да го кажам.

Рече дека Европа е најсексапилната дама во сиот свет. Не ме интересира. Прво он нека си признае дека старата роспија Европа е Бугарка, а потоа нека флертува со неа. Иако, она „дама“, малку ме чуди. Ја праша ли он Европа дали се чувствува како дама? Што ако се чувствува како господин? Што ако е геј? Што ако е господин што сака да се облекува како жена? Да има девојка и да биде лезбејка? Кој може да ѝ го забрани тоа? Како си дозволува нашиов да се меша во џендер-идеологијата? Па, тоа моментално е најважната планетарна заебанција. Милијарди долари се трошат на ова толку важно за човештвото прашање. Ниту фактот дека две третини од луѓето скапуваат од глад не е толку приоритетен како прашањето дали некојси Миле се чувствува како Милица, која, пак, се доживува себеси како Џон, кој сака да води љубов со Миле од почетокот на реченицата. Затоа, недозволиво е да се определува родот на Европа пред да биде прашана. Оти може денес Европа се чувствува како дама, а веќе утре сака да биде џокер или кец на десетка.

Ти се заебаваш или што?
Јас ли? Смртно сум сериозен.
Не звучиш воопшто така.

Можеби и е тоа поради проблемот што ме мачи. Младинскиот културен центар, познат како МКЦ, ќе добие нов директор. Тоа ги вознемири северномакедонците со бугарска историја, познати како независни уметници или шарени револуционери. За неупатените, тоа се најинтелигентните луѓе, кои, за разлика од небањатите сељачишта, немаат ништо во главата. Тоа денес е репер за врвна интелигенција. Да немаш ништо во главата. За разлика од небањатите, на кои сенешто им се наоѓа таму. Инаку, нивната славна револуција донесе неверојатни придобивки. Како прво, нè интегрираа. Да не беа тие и нивното визионерство, никогаш немаше да станеме членка на „Game of Thrones“. Се интегриравме во Северот на Старкови и конечно станавме дел унијата на Вестерос. Добрата вест лично ни ја соопшти комесарот за проширување Тирион Ланистер. Амбасадорот Џон Сноу го донесе датумот за новата блескава сезона што ние треба да ја испишеме.

Со зачленувањето во Вестерос веднаш дојдоа огромни инвестиции. Милијардерот Хајзенберг на својот твитер-профил објави дека неговата мегакорпорација „Breaking Bad“, започнува со инвестиции во научни истражувања низ интегрираниот Север. Моќните „Д-р Хаус“ и „Grace anatomy“ започнуваат со свои проекти во здравството. За прогрес во политичките реформи потпишавме партнерство со познатата куќа „House of Cards“. Инвестицискиот фонд „Peaky Blinders“ ќе ја зајакне нашата веќе стабилна економија. Потпишавме договор со престижниот институт „Чернобил“, кој ќе ни дава совети за унапредување на еколошката свест и справување со климатските промени. На полето на човекови права, невладината организација „Вил и Грејс“ ќе вложи неколку стотици милиони евра чист кеш. Затоа сега блескаме.

Како второ, исправија една голема неправда. Имено, познато е дека за време на Втората светска војна, кај некои наши предци од женски род што се чувствувале дека му припаѓаат на женскиот род, бугарските офицери секогаш биле добредојдени. Особено навечер. Проблемот е што со децении се учеше и пишуваше дека тие бугарски офицери и војници биле фашисти. Демек убивањето на некои копиљаци било фашизам. Гарант тие дечишта аздисале. Или фашизам било што некои таму Евреи завршиле по конц-логори. Фејкњуз. Да се прогласи туристичка посета на Треблинка и Аушвиц за нацизам или фашизам воопшто не е прогресивно и добрососедски. Башка на Евреите тоа им е традиција. И уште многу вакви партизански фалсификати. Но денешното прогресивно граЏанство ја исправи таа децениска неправда. По што доаѓа новата голема придобивка. Не само што нè ослободија од назадните и нецивилизациски партизански манипулации и илинденска пропаганда туку нѐ спасија и од екстерно тестирање. Патем, сосема нѐ ослободија од историја, тој проклет товар за прогресивните плеќи. Добро сега, не нè ослободија сосема од историјата, туку ја унапредија со ретуширање. Сега сме први во светот што имаме ГМО-историја, што е невидена иновација.

И не само тоа. За сметка на здодевната историја, ни ја воведоа блескавата иднина. А ха, поради нив иднината е насекаде околу нас. Отвораш прозорец, ете ја иднината. Високо ги прекрстила нозете и заводливо ти намига. Отвораш фрижидер, а иднината ти мавта сместена меѓу јајцата и праските. Го рециклираш минатото во специјални контејнери, а оттаму вадиш блескаво чиста иднина. Веќе не им се пушташ на жени низ град, иднината ја носиш на пијачка. Каде ќе одиме на одмор, те прашува сопругата.
Во иднината, гордо ѝ велиш.

А да отидевме на море, мрчи нешто недоволно информирана.
Алооо, женска главо, во иднината ќе те носам, а ти за некаква солена бара си запнала.
Кога ќе ти ја покачат платата?
Во иднина, секако.

Нема враќање од иднината. Тоа е неверојатна придобивка. И наеднаш, оние што ни ја донесоа иднината како врвна реформа, фатиле да се вознемируваат околу новиот директор на МКЦ. Си ја зграпчил иднината во свои раце, а ваму се секираш за некакви ситници. Добро бре, си велам, па зарем МКЦ ќе ви ги плаќа сметките? МКЦ ли ќе го оправи здравството? МКЦ ли ќе ви ги покрие кредитите? Секако, не. Иднината ќе го стори тоа. Затоа многу е поважно да видиме кој ќе биде директор на иднината.

А ха, пак се фати со политика.
Каква сега политика?
Па, ете мрчиш…
Глупости! Пишувам за историја, образование, култура и идентитети. За иднината зборувам. Од каде на каде политика?
Па, тоа е политика кај нас.

Каде кај вас?
Насекаде околу нас. Таква е реалноста.
Не знам јас за таа твоја реалност. Мене реалност ми е иднината. Во неа живеам, таа ми дава плата, на одмор ќе одам на нејзините плажи, со неа ќе водам љубов и таа ќе биде мајка на моите деца.