Идиотизам и идиоти

Еве една тема, драг читателу, што е не толку ексклузивна, колку што е катадневно присутна кај нас. Тема што денес е карактеристична, пак, и за Вавилонската Дама Европа, посебно во нејзиниот однос кон Македонија. Ќе кажеме нешто малку и за тоа. Туку што е идиотизам всушност како клиничка и психолошка дијагноза? Отсуство на дух и интелигенција, малоумност, тапавост, ограниченост, неспособност за каузално мислење. Тоа е идиотизмот, но и идиотот што го произведува него и без кој тој не би постоел. Парадоксално, идиотите него денес го манифестираат како некој élan vital и на цела една цивилизација, Западната, која себеси се смета за најмудра, речиси духовно без и да знае нешто за една друга цивилизација што се вика Источна, за нејзината мудрост и трпеливост, особини карактеристични и за Македонците.

Идиот е грчки збор, па со право ќе се запрашаме дали од Грција, која Европа ја зема априори за свој цивилизациски извор, идиотизмот не тргнал и кон неа? Со сè она што се случува денес поврзано со нашето име, таа хипотеза и не е далеку од вистината. Но, значи, идиот на грчки означувал човек од ниските слоеви, кој не е упатен во државните работи и не учествува во нив. Аналогно на тоа и цели, посебно мали и сиромашни народи, се идиоти, на кои им се зема на избори гласот, а потоа власта целосно ги игнорира. Како што е тоа денес случајот и кај нас со нашата власт на премиерот Заев, своевиден македонски Калигула, само што за разлика од римскиот диктатор воопшто не ја спознал мудроста на коњите за да ги замени како тој со нив своите коалициски чипирани пратеници во Собранието. Елитата што со редица фарсични политички потези и решенија го идиотизира народот. Таа елита, пак, ја дополнуваат не отсега шарените невладини, како и една галерија на слични и бетер меѓународни ликови и лица од Брисел, Вашингтон, Берлин.

Тоа. Идиотизмот, драг читателу, е една од најплодните и најобработуваните теми и во литературата. И не само кај Гогољ во неговите „Мртви души“ со една цела галерија фасцинантни идиоти: Коробачка, Собакевич, Ноздрјов, Пљушкин… Но сега јас се сетив и на Достоевски со неговиот знаменит роман „Идиот“. Насловот се однесува на неговиот главен лик, но откако ќе го прочиташ, драг читателу, ќе видиш дека тука станува збор за еден сјаен парадокс. Не само што тој лик не е идиот, туку е парадигма за една совршена добрина. Имено, авторот него, кнез Мишкин, го сликал според моделот на Исус Христос. Но и покрај тоа тој важи за идиот. Сепак, работите ќе ни се разбистрат ако знаеме дека во старорускиот јазик поимот идиот се употребувал за доблесни луѓе, полни со божествена кроткост и љубов кон човекот. Па, така, и кнез Мишкин всушност не е идиот во денешната смисла на тој поим, туку е наивен. Поим со кој треба, според мене, да се преведува насловот на овој роман на генијалниот руски писател. А и денес луѓето што се исполнети со добрина и со кроткост се именуваат како наивни во значење на глупави, неприспособени кон општествените дарвинистички закони на животот.

Е, сега сфаќаш, драг читателу, кои и какви се идиотите од типот на кнез Мишкин на овој свет и која е разликата меѓу нив и вистинските идиоти за кои станува збор во оваа колумна. Оние што се способни со своjот идиотизам да идиотизираат и еден цел невин и настрадан народ. Тие немаат ништо заедничко со ликот на Спасителот, Богочовекот што дојде да го спаси човештвото, имено, од идиотизам, сега толку многу присутен во гордата и лажно демократска Западна цивилизација. За таа цел и го испрати тој својот најревносен апостол Павле во Македонија, за од неа да и се обрати нејзе со Словото на Љубовта. Арно ама Вавилонската Дама, само номинално христијанска, до денес остана глува за тој повик на апостолот од Македонија. Крунско сведоштво за тоа се нејзините две светски војни во кои за нејзиниот идиотизам загинаа милиони невини луѓе. Да не зборуваме за нејзините претходни цела низа историски и цивилизациски идиотизми. Не само за Крстоносните војни, кои, божем за одбрана на божественото, беа организирани за пљачкање. Главната цел беше богатиот и полн со убавина и злато Константинопол. Нема поморбидна фантастика ако се имаат тука предвид справите за мачење на еретиците што ги моделирале во својот болен ум католичките свештеници. Но во таа уметност на садизам не биле подолу ни православците, ако се консултираме на таа тема, на пример, со белешките на Ана Комнена од империјалната византиска лоза на Палеолозите. Итн.

Тоа, драг читателу. Но гледам дека сега нестрпливо бараш од мене конкретни примери за идиотизмот на нашиот македонски простор. Посебно сега кога него кај нас го има во изобилство, и човек не знае од кај понапред да почне. Но веќе знаеш, без конкуренција најголемиот наш идиотизам е продажбата на Името. Нешто, колку што ми е мене познато, првпат се случува во историјата на човештвото, па оттука и оние што го продаваат него, по име и презиме, ќе бидат запаметени како најголеми идиоти во него. Или меѓу најголемите. Вклучени се тука посебно личности, институции и организации, кои произведувајќи енормен идиотизам всушност го идиотизираат македонскиот народ да го прифати тој идентитетски геноцид како врвно достигнување на модерната европска цивилизација. Во прв ред, кога зборуваме за личности активно вклучени во тој проект замислен во мефистовелската политичка лабораторија на Брисел (но и на Вашингтон) тука е нашиот/ненаш премиер Зоран Заев, потоа неговиот министер за надворешни работи Димитров, па министерката за одбрана со ладнотрајна фризура, па екстраинтелектуалистот со најубави вратоврски Бујар Османи, па… Една цела галерија идиоти, која Гогољ би ја насликал брилијантно. А сигурно и нашиот Чинго. Тоа се тие, како што би рекол Лермонтов, јунаци на нашето време, кои не го употребуваат мозокот, и наместо со него мислат со цревата и со газ…

Идиотизам, до идиотизам. Во таква цивилизација, држава и атмосфера живееме ние, драг читателу. И никако да прокопса овој народ. Можеби ќе прокопса во некое идно, за него среќно столетие. Но којзнае дали ќе го дозволи генетиката тоа. Гледам, збунет си. Ме прашуваш, драг читателу, што сакам да кажам со тоа. Каква е таа тешка херметичка шифра. Многу јасно. Сети се на она библиското, поврзано со нашите прародители Адам и Ева: „Од еден човек гревот навлезе во сите луѓе“. Да, бидејќи тој е втиснат во генот што го пренесува него понатаму низ поколенијата. Е, по таа аналогија и македонскиот колективен ген е изгледа премногу оптоварен од синдромот на предавништвото и од предавниците. Сепак, за среќа, во него има и кванти на здраво, незаразено од предавништво ткиво во кое се зачнуваат доблесните и храбрите. Во меѓусебната борба тие кванти ќе ги победат предавничките и еден ден ова племе конечно ќе биде целосно ментално здраво, лишено од производство на квислинзи и полтрони, каква што е нашата денешна власт. Јас сум оптимист и верувам дека тоа ќе се случи, дека и Господ ќе стори нешто на тој план за тој мартирски народ, кој барем во некои далечни времиња му бил толку многу верен. Па и апостол Павле него го прогласува како „народ од почетокот избран за спасение“, народ што е „светила во овој расипан свет“. Да, Господ ќе го поништи генот на изроди, тој гаден синдром, и во оваа земја ќе се раѓаат луѓе, доблесни, чесни и храбри, луѓе што, за разлика од овие со распаднат морал и душа, сега во власта ќе знаат што се тоа Име, Идентитет, Постоење, Божественост и ќе застанат исконски во нив, макар ги бомбардирал и силеџискиот криминален НАТО на Шекеринска.

Да. На крајот уште ме прашуваш, драг читателу, за куса дефиниција на идиотите, оти вистина повеќе зборував за идиотизмот отколку за нив, според твоето мислење, иако не е баш така. И, разбирливо. Па, едноставно, без многу филозофија, идиоти се, веќе рековме, оние што произведуваат идиотизам. Поедноставено, тие се некој вид фабрики за идиотизам. Повеќе од сигурно е, нели, дека не произведуваат струја како динамата на Никола Тесла, или мистична светлина како електроните во атомот. Произведуваат идиотизам, обидувајќи се со него да го идиотизираат и народот. Тоа и таков е законот на нивната ментална физика. Се обидуваат, се разбира да го идиотизираат македонскиот народ за кој го боли она на Бујар Османи и на неговите колеги од терористичката 2001-ва. Дали сум јасен, драг читателу. Гледам, ми ставаш остра забелешка дека ни оддалеку не ги набројав сите наши огромни идиотизми: геноцидната Тиранска платформа, оној идиотизам со идиотскиот договор за добрососедство со Бугарија, лакомата хиена, која граба сè што е македонско. Па, потоа оној идиотизам на аморалните архијереи (со исклучок на владиката Агатангел) на МПЦ, кои ја побараа Бугарската егзархистичка црква за мајка и отидоа во мајчината. Па уште и нивниот скорешен идиотизам во дилот со севселенскиот Вартоломеј (па нели севселенски е само Исус Христос, фарисеи? А?). Дилот во кој сакаат да бидат „Охридска архиепископија“ без предзнакот македонска, нешто што се вклопува генерално пак во пакетот за македонска идентитетска ликвидација. Повеќе од јасно. Ако не е така, зошто кукавички не го даваат на увид на јавноста нивното кукавичко писмо, поддржано од квислингот и идентитетски ликвидатор на Македонија, премиерот Зоран Заев? Зошто?

Со еден збор, за идиотизмот и идиотите што наумиле да нè бришат од картата на народите и историската меморија, драг читателу, не се доволни една, две или три колумни за да го објаснат сето ова мегазлосторство, туку ќе требаат можеби и десетина дебели тома за да се објасни сè. Се разбира, сосредоточени повеќе на енормниот домашен идиотизам тука не стана, за жал, повеќе збор за енормниот идиотизам на Вавилонската Дама Европа, која нашиот генијален прилепски терзија и приказничар нагалено ја викаше ороспија. За тоа во некоја друга колумна, иако за нејзиниот цивилизациски идиотизам и досега сум пишувал мошне опширно. Но таа тема за неа е неисцрпна. Навистина.
Засега толку од мене, драг читателу. Повеќе од Господ. До следната колумна најискрено те поздравувам.