Зошто старите луѓе се повознемирени?

Со возраста многу карактерни особини стануваат понагласени и повоочливи во споредба со помладата возраст. Затоа старите луѓе може да бидат потешки за соживот, за комуникација или за одржување пријателства.

Постарите луѓе, се чини, полесно се вознемируваат од нерелевантни информации отколку помладите, особено кога се под стрес или доживуваат силни емоции. Зошто е тоа така, најден е одговор во новооткриена нервна мрежа во мозокот, која од неодамна се идентификува како епицентар за Алцхајмеровата деменција.
Една студија открила дека недостигот од внимание кај возрасните е асоцирано со функцијата на локус церулеус, една нежна структура во мозочното стебло, која е поврзана со многу други делови на мозокот. Локус церулеус се наоѓа во мозочното стебло и припаѓа на системот наречен ретикуларна формација, која е битна за будноста и за излачување активирачки невротрансмитери, како што е норепинефринот. Всушност, локус церулеус помага на мозочната активност особено во периоди на стрес или силна возбуда.

Зголемената возбудливост е знак за когнитивно стареење, објаснува познатиот експерт за меморија Мара Матер. Неговите истражувања потврдиле дека постарите возрасни се поподатливи на вознемиреност во ситуации на стрес или емоционална возбуда, што укажува дека способноста на ова јадро во мозокот да го зголеми фокусот на внимание ослабнува со текот на времето.

Кога се обидуваме да исполниме некаква задача, се зголемува емоционалната возбуда, па кај младите луѓе овие силни обиди за решавање на проблемот ја зголемуваат способноста да ги игнорираат информациите што дополнително ги вознемируваат. Но кај повозрасните луѓе, ваквите усилби предизвикуваат истовремено насочување кон други информации, кои во моментот се небитни. На пример, кога возрасните луѓе го изведуваат тестот за помнење во собата на клиничкиот психолог, тогаш многу повеќе им пречат разни околни звуци, бучава или некои сопствени мисли, кои надоаѓаат во текот на исполнувањето на тестот.

Студијата што го истражувала ова е објавена неодамна на 7 мај, 2018 година во познатото списание „Природа на хуманото однесување“. Претходните истражувања на Матер, кој истовремено е директор на Лабораторијата за емоции и когнитивност, го осветлуваат локус церулеусот и неговата улога во највисоките психолошки функции – когнитивноста и помнењето. Моментално овој научник е насочен на студијата, како локус церулеус ја менува функцијата за време на стареењето и при Алцхајмеровата болест.

Локус церулеус изгледа дека е местото каде што најрано се таложи протеинот наречен тау, кој е специфика за Алцхајмеровата деменција. Статистиката покажува дека денес над 5, 7 милиони Американци страдаат од Алцхајмерова деменција, при што таа претставува шеста причина за смртност.

Првичните знаци за оваа патолошка состојба на локус церулеус се видливи кај најголем број луѓе уште на возраст од 30 години. Затоа, многу е битно добро да се разбере како овој регион во мозокот ја менува својата функција со текот на времето. Ова е многу важно за во иднина да се фокусираме на превенција, рано лекување и потенцијално излекување од Алцхајмеровата болест. Имено, губењето на меморијата претставува еден од најголемите предизвици на овој век, зафаќајќи една третина возрасни луѓе и чинејќи над 250 милиони долари за неопходната здравствена грижа.
Локус церулеус е поврзан со многу делови на мозокот и го контролира ослободувањето на хормонот норепинефрин, кој е најбитен за вниманието, меморијата и подготвеноста за акција. Нормално, норепинефринот ја зголемува нервната активност во оние регии што се битни, а ги супримира оние небитните за наведените психолошки функции.

Истражувачите ги снимале физиолошката возбуденост и активноста на локус церулеус кај група млади луѓе и кај исто толкав број постари возрасни испитаници, користејќи мозочни скенови и истовремено ги мереле реакциите на зениците во очите, што се маркер за емоционалната возбуденост и за активност на локус церулеус.
За време на скенирањето на испитаниците им биле покажувани пар фотографии на кои имало истовремено згради и некој друг објект. На некои фотографии зградите биле јасно видливи, додека објектот бил скриен или обратно. За секој пар фотографии, испитаниците требало да покажат што е повеќе истакнато. Притоа, биле предупредувани дека можеби на крајот на секој обид ќе добијат мал електричен шок. Испитаниците покажале поголема дилатација на зениците и потење за време на обидите кога очекувале шок, што укажувало на поголема физиолошка возбуденост.
Кога луѓето гледаат слики или некои места, во мозокот се активира парахипокампален регион. Кај помлади возрасни, кои очекуваат шок се зголемува активноста на овој регион тогаш кога сликата е јасна и кога појасна е зградата одошто другиот објект.

Кога сликата не е јасна, тогаш настанувала намалена активност на овој дел во мозокот. Патиштата што ги поврзуваат локус церулеус и парахипокампалната регија, која се наоѓа во фронто-париеталниот дел на мозокот, во момент на контрола на вниманието и отстранување на небитните придружни случувања биле непрекинати, што овозможува поголемо игнорирање на информациите што не се битни.
Од друга страна, постарите возрасни покажале помала активност во фронто-париеталната мрежа кога се очекувал електричен шок, што зборува дека оваа мрежа во такви ситуации не е толку ефектна да одговара на сигналите што пристигнуваат од локус церулеус.

За време на емоционална возбуда, постарите испитаници покажале поголема активност кога гледале слики што го привлекуваат вниманието, додека помладите се поселективни за истакнатите слики.

Објаснувањето како овие промени настануваат во мозокот со возраста ќе помогне еден ден да се заштити мозокот од когнитивно пропаѓање и губење на функциите.
Со оглед на фактот дека населението во целиот свет старее, многу се зголемува бројот на луѓе со деменции, особено со Алцхајмеровата болест. Сето тоа е условено од подобрите услови на живот и можностите на ефективна здравствена грижа. Од друга страна, деменциите се закана за семејството, за општеството и особено за здравствените фондови, зашто болните зависат од нега на друг или, пак, им е неопходна институционална грижа. Заради тоа, секое ново откритие што дава светлина на процесите што се случуваат во мозокот, а се поврзани со овие девастирачки состојби се многу битни, не само од научен аспект туку и од аспект на можна превенција и ефективно лекување.