Зошто молчат Србија и Русија

Не може да се порекне мислењето дека освен со Бугарија, Македонија има споделена и „заедничка историја“ и со Србија, колку позитивна, толку негативна, ако може така едноставно да се оценува еден долг и сложен период. Како што во денешна Македонија има бугараши, така има и србомани, помалку гркомани. Оттаму, логично се поставува прашањето зошто Србија останува настрана од спорот на Бугарија со Македонија за заедничката историја и не се изјаснува ниту за ниту против бугарските барања кон Македонците

Македонското прашање повторно стана европско прашање

Најмалку сто и педесет години географската и етничката територија позната под името Македонија, a подоцна Република Македонија, е предмет на интересирање на неколку страни, на царства и држави што ја опкружувале или претставувале големи сили, секоја во свое време. Македонскиот народ, при своето национално будење во тој период, најмногу допирни линии имал со Бугарија, Србија и Грција, странично со Русија, инцидентно со Австрија и Германија, административно најдолго со Турција, која пет века владеела со повеќе од половина од Балканскиот Полуостров. Тие допирни коти се составувале или спротивставувале во сферата на дипломатско-пропагандно, црковно или воено решение кому да му припадне македонската територија, како да се подели и кој да ја владее. Аналогно на тие претензии, постепено во центарот на интересите се издигнало и таканареченото „македонско прашање“ проткаено низ дилемите кои се луѓето што себеси не се чувствуваат ниту како Бугари, ниту Срби ниту Грци, а изјавуваат дека се Словени и Македонци.
Тука, во тоа легло, во најголем дел се всадени корените на тешката, трауматична историја на Балканот, како на средновековната, така и на модерната, вклучувајќи ја и сегашната. Целиот тој не докрај отворен склоп, за жал, во различни држави дава повод за различни интерпретации, за несовпаѓање на историските контексти и со самото тоа предизвикува недоразбирања, спорови и негирања. Историските наративи во Бугарија, Србија, па дури и во Грција се преполни со вистински, но и со наводни и измислени, фалсификувани докази дека таа територија ѝ припаѓа на едната, на другата или на третата држава. Во сите нивни истории и етнографски книги може да се најдат тврдења дека територијата е нивна и дека Македонците влечат нивни корени, во што, сепак, предничат Бугарите.

Од Букурешт до Вардарска бановина

Ако се исклучат античките митолошки преданија и заблуди, фактите говорат дека модерните судири околу Македонија се почнати по Руско-турската војна во 1878 година, кога Русија како победник со Санстефанскиот договор ѝ ја подари на Бугарија територијата на тогашна Македонија, а подоцна со Берлинскиот договор, тие решенија беа поништени. Сакајќи да ги оствари претензиите за враќање на загубеното, Бугарија почна две нови војни, познати како Балкански (1912-1913), со катастрофичен исход по неа, царството доживеа срамни порази, особено од српската војска.
Не е нешто ново ако се соопшти дел од кратката хронологија на балканските преплетувања, која покажува дека како што се бугарските, така и српско-македонските врски и односи се едни од најстарите и најразновидните на Полуостровот. Се развиваат низ зголемениот интерес на српските владетели за освојување делови од Македонија, во 13 век, како и на настапот на новата Српска црква, која под своја јурисдикција презела епархии од Охридската архиепископија и почнала да подига познати цркви и манастири. Колку за илустрација, може да се наведе фактот што во многу историски книги може да се сретне податокот дека во 1345 г. српскиот крал Стефан Душан во Скопје се крунисал за цар на Србите и на Грците и ги донел познатите Душанови закони. Српски извори наведуваат дека е негова заслугата за изградбата на Камени мост во Скопје, иако тоа никој не го докажал.
Општо е познато дека со Букурешкиот договор од 1913 година географската област Македонија беше поделена на три дела. Со тој договор територијата на која е формирана Република Македонија и која постои во денешните граници ѝ припадна на Србија. Тие граници се дефинирани и по Првата светска војна, кога е потврдено дека Вардарскиот дел на Македонија останува во составот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС). Не е мал бројот на српски историчари и политичари што Македонија ја нарекувале стара Србија.
Уште едно именување има историски знак. Имено, Вардарската бановина била административно-територијална единица (бановина) во рамките на Кралството Југославија од 1929 до 1941 год. Во нејзините рамки спаѓала целата територија на денешна Република Македонија, јужните делови од Централна Србија и југоисточно Косово, поточно цела Метохија. Именувана е по реката Вардар, со градот Скопје како центар. Не е мал бројот на српски историчари и политичари што Македонија ја нарекувале стара Србија. Во Србија речиси и денес се објавуваат книги, научно засновани и ненаучни, во кои се објаснува српската генеза на македонскиот народ, односно дека Македонците се одродени Срби, попросто кажано. Гледано неполитички, во периодот на Вардарска бановина Скопје почнало да станува град, тогаш се подигнати познати зданија, меѓу кои најистакнато место имаат урнатите железничка станица и театарот, како и постојната зграда на Собранието на Република Македонија, која била српска урбанистичка гордост. Ако Србите ја применат некогаш бугарската актуелна логика, прашање би било дали зградата ќе ја бараат назад како нивна поранешна сопственост.

Српско ослободување или окупација?

Протерувањето на Турците и доаѓањето на Србите некои од историчарите го подведуваат под одредницата ослободување од турското ропство, а некои го дефинираат како почеток на српската окупација, обележана низ терор и обиди за асимилација. Како најнепосредно сведоштво за бунтот на Македонците против Србите се спомнува Тиквешкото востание, кренато против насилствата вршени од српските окупаторски власти врз населението при напорите за нивно посрбување, востание што беше премолчувано во време на Титова Југославија.
Како и да е, по Втората светска војна Великото антифашистичко народноослободително собрание на Федерална Србија во 1944 г. во Белград го поздравува конституирањето на македонската држава во југословенската федерација и усвојува документ за признавање на македонската држава.

Добро – топло – ладно

Ако се земат во обѕир сите наведени факти, не може да се порекне мислењето дека освен со Бугарија, Македонија има споделена и „заедничка историја“ и со Србија, колку позитивна, толку негативна, ако може така едноставно да се оценува еден долг и сложен период. Како што во денешна Македонија има бугараши, така има и србомани, помалку гркомани. Оттаму, логично се поставува прашањето зошто Србија останува настрана од спорот на Бугарија со Македонија за заедничката историја и не се изјаснува ниту за ниту против бугарските барања кон Македонците.
Овие триесетина години односите се одвиваат по принципот топло-ладно. По распаѓањето на СФРЈ и прогласувањето на македонската независност, односите Скопје – Белград се комплексни, од поволни до заемно разочарувачки, со ретки мали потреси, но во основа коректни. Во сеќавање се грабежното повлекување на ЈНА, игрите на српскиот претседател Слободан Милошевиќ за поделба на Македонија водени со Грција (можеби и со други), оживувањата на националистичките повици за враќање на „старите земји“ и слично. Дури пет години по осамостојувањето Србија ја призна Македонија со уставното име, доаѓа до потпишувањето на Спогодбата за регулирање на односите и унапредување на соработката, се воспоставуваат дипломатски односи на амбасадорско ниво. Србите не го примија на лесно срце признавањето на Косово од страна на Македонија, како што Македонците беа изненадени од учеството на српските разузнавачи во настаните од 27 април, при насилниот упад во Собранието. Студените односи својот врв го достигнаа истата година, кога српската влада донесе одлука да се испразни целиот состав на српската амбасада поради сомневање од комплетно прислушување, настан што беше на чекор до прекин на дипломатските односи.

Спор само за црквата?

Србија е преокупирана со себеси. Властите се судираат со силна опозиција внатре, но тоа можеби е нивниот најмал проблем. Косово е нивната рак-рана, тоа прашање никако не мрднува од мртва точка. Еквилибрирањето меѓу братска Русија, ненаклонетата Америка, нерешителната Европска Унија и надоаѓачката Кина не остава место за фаќање позиција на релевантен, слушан глас на Балканот. Сепак, главната желба, главниот стратегиски правец на идна Србија не е да остане во стегите на Русија, туку да биде членка на Европската Унија, надеж што се полага уште од 2014 година, кога ги почна преговорите и кога очекуваше дека ќе ги заврши за шест-седум години. Отвори неколку поглавја и тука застана, среќавајќи се со силни европски притисоци за владеењето на правото, демократијата, слободата на медиумите и слични теми.
Во овој контекст не може да се тврди дека е замолчена од некого во однос на македонско-бугарскиот спор, ниту пак дека воопшто не е заинтересирана што се случува. Сличен став имаше и за спорот на Македонија со Грција, со оправдувањето дека двете земји ги третира како блиски и пријателски. Индикативно е што не молчи само политиката, молчат и медиумите, кои не покажуваат голем интерес, Македонија не им е тиражна тема.
Една од причините може да биде што Србија и Бугарија имаат премолчен договор отворените прашања меѓу нив да бидат оставени на времето (практика што не сака да се примени со Македонија), а како такви може да се сметаат српските источни територијални делови со Пирот и Димитровград, правата на тамошното бугарско малцинство.
Генерално гледано, Македонија и Србија немаат отворени политички или територијални прашања, спорен беше само манастирот „Прохор Пчињски“. Како единствен проблем е непризнавањето на автокефалноста на Македонската православна црква, спор што трае уште од шеесеттите години на минатиот век, но тоа повеќе се поставува како црковно одошто како политичко прашање.

Русија христијанска и антинатовска

Русија како најголема словенска држава многу рано пројавувала интерес за настаните на Балканот и во Македонија. Таа и како христијанска земја сметала дека треба да го заштитува христијанското население на ова подрачје, со што обезбедувала свое активно присуство и влијание, низ разни форми на дејствување, преку црквата, училиштата, учебниците, но и преку помош во антиосманските воени активности. Тоа придонесувало кон позитивната наклонетост кон Руската Империја, како единствената слободна православна држава. Според редица историски извори, Русија не одиграла некоја позитивна улога во напорите на македонските фактори што се залагале за самостојна држава кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, освен што поддржувала и финансирала студии и објави на македонски преродбеници.
Русија ја признала Република Македонија во 1992 година, по една година откако земјата прогласи независност. Таа е првата голема сила во светот што ја призна под уставното име. Дипломатски односи биле воспоставени во 1994 година. Помеѓу 1994-та и 2009-та, двете земји потпишале над 40 спогодби. Во 1994-та е отворена руската амбасада, а во 1988 година е потпишана Декларација за пријателство и соработка.
Руската политика стана засилено актуелна кога почна приближувањето на Македонија кон НАТО, кога таа не го криеше своето незадоволство од таквата можност. Но иако имаше сомневања за учество на руски разузнавачи што би го спречиле тој процес, на виделина не излезе ништо конкретно. Русија беше земена на око од македонските власти во месеците пред одржувањето на референдумот за промена на името, кога нагласено се говореше за силно руско влијание меѓу дел од политичките партии во Македонија, а тие слухови беа силно поддржувани од ЕУ и САД, кои постојано инсистираа Македонија на секој начин да се заштити од руско присуство во својот политички живот. Одредени македонски политички кругови беа дури и јавно обвинувани за шурување со Русија и за подривање и неуспех на референдумот, но ако се имаат во вид личностите што наводно биле ангажирани, ќе се види бесмисленоста на каков било руски обид во таа насока. Во оваа смисла не може да се исклучи можноста дека македонските и странските и македонските разузнавачки служби дошле до такви сознанија, пресретнале такви активности или пронашле сметки од каде што се финансирала антинатовската кампања.

Изгубена руска сфера

Иако односите заемно се оценуваат како пријателски и добри, дека не се оптоварени со никакви отворени прашања, очигледно е дека руската дипломатија има воздржан, повеќе студен став кон Македонија. Можеби е претерано оптимистички да се смета дека по приемот во Евроатлантскиот сојуз, веќе не е сфера на интересирање, ниту пак место преку кое руската политика на Балканот би остварила некои од своите стратегиски цели. Забележливо е што Македонија не ја посетуваат руски политичари и дипломати дури ни од третиот ешалон.
Како што може да се забележи, и Русија не пројавува никакви знаци за изјаснување за македонско-бугарскиот спор, со кој е оптоварена цела Европска Унија. Русија речиси еден век била бугарски патрон, ги заштитувала нејзините интереси низ сите премрежиња и системи, Бугарија била оценувана како најполтронската држава кон Советскиот Сојуз во тогаш постојниот Источен блок, односно во Варшавскиот пакт. Тие историски баласти бугарската политика се труди да ги симне од свои плеќи, да ги избрише од историјата, иако меѓу Бугарите, Русија сѐ уште е една од најомилените земји, а Владимир Путин најомилениот политичар. Имајќи ги во вид овие специфичности, ниту Русија се обидува да ја вразумува Бугарија, ниту, пак, Бугарија се осмелува повторно да игра со „братската руска мечка“. Иако некои аналитичари сметаат дека зад сегашните бугарски агресивни ставови кон Македонија стои руската политика, која преку Бугарија сака да го запре патот на Македонија кон ЕУ.

[email protected]