Зошто илинденците би се срамеле од нас

Прашањето во насловот е реторичко, не бара одговор, сè е јасно. Нека не ве залажува онаа едногласна резолуција за црвените линии – тие Уставот го згазија, а не пак некој симболички акт без обврзувачка сила. Прво го продадоа темелот – Илинден, а потоа и идеалите на тие што паднаа за Македонија. Сега ја продадоа и „кучата“ (државјанството и територијата на надворешни фактори). Секој празник станува сè помачен, сè побесмислен и срамен. Но тие немаат ни срам ни перде – ене ги натопорени, со сериозни лица и венци, па дури и брадосани – небаре комити ќе се престорат или помудро ќе изгледаат. Себеси се сметаат за нивни наследници, лидери – и тоа од 21 век, визионери биле, а не им се ни до колена. Не гледаат подалеку од носот, бидејќи се слепци и вазали. Но доста се вадиме на нив, на „елитите“ што тоа не се – ниту се подобри од нас, ниту се избрани од нас (изборите се фарсата со која ни мачкаат очи, тие верни слуги на надворешни господари). Да, сите ние заедно, како граѓани и како генерации (постари и помлади) сме соучесници во историско злосторство и убиство на Македонија. Оние венци цвеќе ги положуваат на нашиот сопствен гроб, на кој дури и не смееме да се пишеме кои сме, од каде сме и за што сме сонувале. Нашиот најголем грев? Останавме разединети и речиси неми. Парализирани, заведени или себични, сеедно. Не ја ни препознавме, а камоли остваривме нашата средба со историјата – а секоја генерација си има таква. Тоа се оние предизвици и моменти во кои мора да се застане гордо на Мечкин Камен, дури и ако ѝ се гледа во очи на смртта. Ние не го сторивме тоа. Чекавме, се гледавме низ нишан, се надевавме (ах, таа Надеж, злото од Пандорината кутија) – и молчевме.

Кога би биле живи, Гоце, Даме, Питу, Јане и другите имени и безимени илинденци и партизани, што мислите дека би ни рекле? Тие не само што би се срамеле од нашиот кукавичлак, туку и би нè прогласиле за предавници, особено нас што се сметаме за храбри, еманципирани, учени и умни. За нас нема прошка. Ние, очајниците што се обидуваме да оставиме барем пишана трага (дигиталното Јас било вечно, вели науката, било неизбришливо), сакаме да си ја олесниме душата и на некои идни генерации да им кажеме: се обидовме, ама не можевме повеќе. Како што се надеваше и Вапцаров: „Сѐ ќе ѝ раскажеме на мајката историја“. Но и тоа не е можно, бидејќи нашата историја ја раскажува некој друг, комисиски, политички. И да, Вапцаров, ние сме протекторат, попусто пееше за слободата во неговата „Илинденска“. Не знам дали ќе нè сфатат идните генерации. Всушност, можеби и нема да знаат за што навистина зборуваме, бидејќи Македонија ќе биде или дамнешно минато или ќе има некое ново значење, кое нема врска со илинденското и партизанското.
Ги прелистувам старите колумни, читам што сум пишувала за Илинден – тој момент на преиспитување дали сме достојни пред нашите предци и дали сме го оствариле сонот од десетте дена Република… Во таа од пред точно десет години сум го напишала следното: „Ден пред големиот Илинден, а во душата гнев и неспокој. Што славиме? Прашањево е реторичко – јас одговорот го знам. Владата се обидува, како што е ред, да му даде славенички призвук на големиот Ден. На платен оглас/постер, на кој се ликовите на јунаците од Мечкин Камен, пишува ‘Македонија памети’. Да, мојата Македонија памети, ама се плашам дека на својата дваесетгодишнина од независноста почнува да страда од сенилност или селективно помнење. Или така сакаат да нѐ разубедат… Сега очекувам говоранции полни со национален патос, но душава е камен, од неа сѐ ќе се одбие како празно ехо…“ Ова беше напишано веднаш по „предбрачниот/коалициски договор“ со кој се амнестираа сите злодела од 2001 година, вклучувајќи ги и оние што според меѓународното право не застаруваат. Ви звучи познато? Ве асоцира на оваа денешна игранка во која СДС и ДПМНЕ се натпреваруваа кој ќе учествува во донесувањето на срамниот закон за државјанство?
Во илинденската колумна од 2012 година, на стогодишнината од почетокот на Балканските војни, сум напишала: „Токму оваа јубилејна година нѐ дели драматично: додека тие ги слават албанството и создавањето на Албанија како држава, Македонците ламентираат над националната трагедија. Едвај некој и да постави прашање чуму прослава на 100-годишнина од создавање на туѓа (за сите нас) држава со буџетски средства? Треба ли да прашам ‘чија е Албанија?’ – на нејзините граѓани (меѓу кои има и Македонци, Власи, Грци) или на сите Албанци каде и да се. Во албанските медиуми, од месец на месец, дебатни емисии со гости од сите краишта на „замислената татковина“. Македонија, чии граѓани сме и која мора да е нашата вистинска татковина, како да е турната на некаков спореден колосек, на кој чека на исполнување на некаков конечен идеал! А и едните и другите гледаат назад кон еден неисполнет историски сон за единство, ама со ‘своите’.

Македонците се сепак инфериорни, бидејќи немаат ниту матична, ниту резервна татковина, а парола со ко досега не ја исфрлиле паролата за ‘сите Македонци во ЕУ’, како што гласи албанската, со која (наводно) се величат европските вредности.“ Наредната година не сум отишла многу подалеку од основната нишка, а напишаното е актуелно дури и сега (можеби повеќе од 2013-та): „Хобсбаум со право укажува дека идејата за нацијата е фиктивна приказна, која бара премногу верување во она што очигледно не е точно, а Ренан додава дека ‘погрешното сфаќање на историјата е дел на тоа да се биде нација’. Но верувањето во непотврденото и измисленото (во историскиот мит/митови) е лепакот на кој расте националната кохезија. Ова го има и кај најразвиените нации, наспроти сите приказни за интеграции, глобализам, постмодернизам. Националните митови се клучен инструмент за културна репродукција на нациите и етничките групи, односно за утврдување на границите спрема другите. Митот има способност да се протега низ различни епохи, а притоа да добива нови значења, трансформирајќи се и приспособувајќи се на новите контексти. Токму тоа е одлика и на илинденскиот мит. Како и секој мит, тој е своевидна трампа помеѓу сеќавањето и заборавот, фактите и романтизираните додатоци. Но идејата на митот е да ги нагласи споделените вредности на заедницата. Тој игра голема улога во легитимирањето нови политички поредоци, делегитимирање на старите и преоценувањето на улогата на историски личности.“
Во 2017 година колумната била за Илинден во банана-република: „Во бурата реакции во врска со билатералниот договор со Бугарија, во очи ми падна една, која во една реченица (т.е. фејсбук-статус) го сумира апсурдот содржан во актот: ‘Што бара термин историја, а уште помалку заедничка историја, во договор за добрососедство во 21 век? Од политичари заглавени во 19 век си патиме.’ Низ призма на модерните меѓународни односи, договор што ‘регулира’ односи кои се одамна апсолвирани помеѓу членките на ООН, но и многу други меѓународни организации е, во најмала рака, опсолетен. Тој, ‘речиси перфектно’, да го цитирам премиерот, уредува нешта што одамна не се никаков проблем дури и меѓу овие две држави.

Би бил тој и смешен да не е ова сосема асиметричен договор, во кој како кукавичино јајце се вметнати оние работи што ги болат уште од поништувањето на Санстефанска Бугарија… Пред Илинден, американска војска влегува во земјата и го изложува оружјето на смртта пред нашите деца, токму пред портата ‘Македонија’! Ако илинденците гинеле за ослободување од една империја, за најнапредните идеи во тоа време, нивните потомци се подготвени да гинат за друга империја, правејќи од државата – банана-република. Зошто да не ги рехабилитираме Бугарите за окупацијата, кога сега и самите сме соучесници во американските окупациски потфати? Инаку, името на воената вежба (Dragoon Guardian) зборува само по себе: во англискиот јазик, како глагол зборот ‘драгон’ значи да прогонуваш, вршиш принуда, опресија со воена сила.“
Минатата година беше особено болна, па сум го напишала следното: „Илинден отсекогаш го чувствувам повеќе како празник што се одбележува најискрено во семејните и мали кругови, каде што без интервенција на политиката и нејзината (најчесно невкусна и неискрена) помпа ќе се наздрави за сите што паднале за Македонија. Понекогаш и со капка горчина или солза, соочувајќи се со она што е сторено од историскиот аманет… Последниве три години, откако симболот на државноста беше ‘шитнат’ шверцерски, а потоа операцијата вградена во Уставот со де факто бришење на АСНОМ, празников е повеќе симбол на пораз отколку причина за славење. Тој е потсетник на срамот на овие генерации. Хотелот ‘Македонија’ низ кој мина врвулица од странски емисари и домашни измеќари е, всушност, социјална лабораторија во која сѐ е поставено тумбе: антифашистите се фашисти, фашистите се пример на европски вредности; ајдуците и компрадорите се лидери, а шефовите на лабораторијата се ‘нашите најверни сојузници’. Овде и патриотизмот се нарекува погрдно – национализам! Па, нека е! Чуму Илинден ако не смеам да кажам дека во 1903 година се леела крв за Македонија и дека во 1944 година таа крв процветала на најубав можен начин? Цензуриран Илинден е подобро и да го нема.“ Сум имала и надеж кога сум прашала: Ќе најдеме ли начин да крикнеме?

Сè поголем е бројот на оние што се чувствуваат како зомби, кои ги пече нем крик и она чувство како кога во сон се обидуваш да викнеш ама гласот не излегува од скаменетото грло. Затоа, нема да честитам Илинден – ни прв, ни втор, ни трет – нема ништо за честитање. И соочувањето со таа празнотија, таа голотија, таа срамота е можеби точката од која ќе почне будењето. Но не сум сигурна ни во тоа… Кој сака да се разбуди од кошмар за да утврди дека кошмарот е јаве? Можеби некој ќе нè запише како автогеноциден народ што дозволил и помагал во бришењето на својата историја и на своето постоење. Ако мислите дека сум патетична, утеха наоѓам кај великиот поет што најдобро го опеа она што сега го чувствувам, а не умеам да го испеам со камено грло:

О, штура свадбарино,
припеку од сите рани светнат,
погоди ме и мене в срце со твојот лелек тврд,
погоди ме недоветно сред исто пладне летно
поради сите кои, умирајќи, ти пееја сетно:
СЛОБОДА ИЛИ СМРТ! (Петре М. Андреевски)