Зошто Зоран Заев мора да добие Нобелова награда?

Со доделувањето Нобелова награда за мир на марионета, се заокружува нивниот проект за укинување на Македонија и Македонците како една нецивилизирана фарса на моќни лицемери и модерни нацисти. Комитетот за доделување „нобел“ веќе се запиша во историјата како поданички доделувајќи им награди на Обама и на ЕУ. Со ова само ќе ја забетонираат својата позиција на одработувачи на желби на изопачената светска моќ удирајќи го последниот клинец во холокаустот врз Македонците

Ете, сега си имаме и американски шпион. „Викиликс“ ни го откри Никиликс. Е не, ќе се заебаваме. Британците мораа да го измислат Џемс Бонд, а ние си имаме реално човек со златен мандат да ни укине постоење. Нашиов стварно има дозвола за убивање идентитет. И што се случи? Ништо битно. Сеедно што е забрането шпионирање за друга држава. Нашиов не само што не го демантира „Викиликс“, туку и се пофали дека е вистина. Гарант си го има веќе ставено во кратка биографија. Што па е крајно нормално ако се знае дека безумноста кај нас е реалност.

А каде е безумноста, тука е Законот за амнестија. Секоја фарса мора да заврши како фарса. Особено судството, кое е комплетно во служба на нејзиното величество СДСМ. Донесоа закон со кој ќе амнестираат отворачи на собраниски врати само за да ја погребат Македонија. Затоа уставобранителите ќе настрадаат. Оние што немаат никаква вина. Освен ако љубов кон татковината, борба за неменување устав, заштита на суверенитет и пеење македонска химна, не се кривични дела. Што нема да зачуди ако и официјално станат кривични дела. Очекувам, откако ќе го укинат и официјално македонскиот народ, изјаснувањето како Македонец да биде казниво со затвор.

Ни дојде и оној заменик-државниот секретар на САД. И што кажа? Ја обвини Русија дека била против нацистичкиот договор од Преспа, кој за нас бил единствен избор. Изјавата на Саливан е како сериски убиец да се жали што некој се обидува да ја спаси неговата следна жртва. Ни ја разорија државата, нивен е проектот за ликвидација на македонско име, идентитет, народ и историја, а ваму Русите се мешале. Што е најстрашно, има такви што им веруваат. Сега очекувам да слушнам дека Русите им се мешале и во внатрешните работи во Сирија. Затоа што Русите го присилија ИСИС да поднесе неотповиклива оставка додека САД глумеа дека се тепаат со нив. Можеби сега Нобеловиот комитет треба да им додели награда за литература поради уште една успешно испишана фарса, овој пат во Сирија. Бидејќи „нобел“ за мир оди во рацете на Зоран Заев.

Ако мислите дека насловот е шега, не сте во право. Смртно сум сериозен. Зоран Заев мора да добие Нобелова награда за мир. Знам дека во комбинација се Заев и Ципрас, ама јас ќе зборувам само за нашиов кандидат.
Некој многу досетлив, на Фејсбук напиша: „Заев ќе добие Нобелова за мир зашто успеа на Македонците да им го одземе мирот“. Точно, но, јас би отишол малку подалеку. Заев мора да ја добие наградата за безумноста да биде заокружена. Зашто Заев е последниот човек на планетава што треба да ја добие наградата. Но тоа не зависи од него, како што ништо во неговата политичка кариера не зависело од него. Политичката слава ја доби, откако изгуби избори и не ги призна резултатите, па почна да пушта незаконски прислушувани разговори. Зад него, како заштита застанаа сите западноевропски амбасадори предводени од американскиот. Сорос и неговите активисти му правеа протести, напаѓаа полицајци, сквернавеа споменици. Се вклучи и Европската Унија. Тие, ЕУ и „длабоката држава“ ја знаеја состојбата на терен, знаеја дека СДСМ, и покрај сите „бомби“, уцени и притисоци, не може да победи на избори. Мнозинството не ги сакаше. Затоа амбасадорите кажуваа кога може, кога не може да се оди на гласање.

Во меѓувреме работеа на терен, ги убедуваа и ги потплаќаа Албанците да гласаат за СДСМ. И Заев повторно изгуби на избори. „Длабоката држава“, ЕУ, НАТО и амбасадорите го активираа планот Б. ЦИА направи тиранска платформа со која се рушеше унитарноста на државата. Им беше дадена на албанските партии за да не состават влада со победниците на избори. Така и се случи. Во меѓувреме, Заев лажеше дека нема да го менува името на државата. Се колнеше во деца дека нема да го отвора Уставот. Потпиша гаранции дека нема да воведе двојазичност, дека ќе ги чува националните интереси на Македонија. И претседателот му даде мандат. Конечно беше октроирана власт по волја на САД, ЕУ и на НАТО. Теророт врз Македонија почна веднаш. Се апсеа неистомисленици, уметници, политичари и политички противници. За таа цел беа создадени паралелно судство, обвинителство, кое преку незаконски прислушувани разговори (кои по закон не важат на суд) креваше обвиненија и апсеше.

Заев тргна во поход против Македонија, нејзиниот идентитет, историја и традиција. Се донесе закон за двојазичност со кој се укинува унитарноста. Потпиша договор со Бугарија во кој се откажува од македонското малцинство, а половина од македонската историја им ја припиша на Бугарите. Потпиша и договор со Грција со кој се откажуваме од уставното име, македонскиот идентитет, а вториот дел од нашата историја им го припишуваме на Грците. Бесрамно лажеше дека со тие договори се зачувуваат македонскиот идентитет и јазик. Грција и Бугарија го демантираа, го нарекоа лажго, му порачаа дека ако не се откажеме од македонизмот, нема членство во ЕУ и во НАТО. Затоа мораше да има референдум. Дали граѓаните ќе прифатат договор за промена на име заради влез во ЕУ и во НАТО? СДСМ почна со лажна кампања на која истури еден тон пари од буџет. ЕУ и НАТО се ставија во погон, вршеа невидена пропаганда преку лаги, уцени и закани.

Во Македонија дојдоа едно чудо американски и западноевропски политичари, кои уценуваа, агитираа, притискаа. Залудно, народот им рече фак оф, го отфрли договорот, референдумот пропадна. И што се случи? СДСМ, САД, ЕУ и НАТО го прогласија за успешен. Проблемот настана кога и нивните медиуми ги прогласија за безумни. Затоа се прејде на последната фаза. Двотретинско мнозинство во парламент за укинување на Македонија и Македонците. Тоа што се случуваше потоа не го памети модерната историја. Започна последната фаза терор. Влегоа во игра обвинетите и притворени пратеници на опозицијата. Лично еврокомесарот Јоханес Хан побара врз нив да се применат „балкански методи“ на насилство. Пратенички беа уценувани дека децата ќе им завршат в затвор. Се нудеа поткупи од 200 до 300.000 евра. Се создаде Закон за амнестија преку кој на обвинети пратеници им се нуди слобода ако гласаат ликвидација на Македонија. Таков нецивилизиран варваризам не се случувал кај нас дури и во окупации. Успеаја. Приказната завршува на 15 јануари.

Ете зошто Заев мора да добие Нобелова награда за мир. Затоа што тој е октроирана марионета. Од него ништо не зависи. Главните играчи се „длабоката држава“, ЕУ и НАТО. Изопачената светска моќ, нивниот варваризам, теророт на глобалистите, банкстерајот и воените лудаци. Со доделување Нобелова награда за мир на марионета, се заокружува нивниот проект за укинување на Македонија и Македонците како една нецивилизирана фарса на моќни лицемери и модерни нацисти. Комитетот за доделување „нобел“ веќе се запиша во историјата како поданички доделувајќи им награди на Обама и на ЕУ. Со ова само ќе ја забетонираат својата позиција на одработувачи на желби на изопачената светска моќ удирајќи го последниот клинец во холокаустот врз Македонците. Светската безумна фарса ќе се затвори, ама и ќе се потврди нивниот нецивилизиран варваризам. За да знаат следните генерации кога светот ќе се ослободи од нивната моќ.