Зошто Гринч треба да ги украде празниците?

Да бидеш среќен во несреќно општество е дури и непримерно, а сепак толку потребно на индивидуално човечко ниво. Која сум јас (расипувач на забави) да ви кажам да не се радувате со вашите деца или внуци во моментот кога се слави на целата планета?

Во ова време од годината, помеѓу католичкиот и православниот Божиќ, социјалните мрежи се преполни со разни досетки, кои најчесто се однесуваат на среќата и очекувањата; многу поретко на причините за нивното отсуство. Колку и да е човек мрзоволен или циничен, тешко може да ја заобиколи оваа тема – особено ако е колумнист. Осцилациите во јавните бранови се огромни – почнувајќи од наивните до оние што го промовираат теророт на среќата и уживаат во наметнатата комерцијализација, па сѐ до неверните Томи.

Ми падна во очи интересен графички приказ на координантен систем, чија хоризонтална оска е линијата од антикапитализам до прокапитализам, а вертикалната – за и против Божиќ (за наши потреби можеме слободно Божиќ да го замениме со Нова година/новогодишни празници). Во квадрантот помеѓу антикапитализмот и пробожиќното расположение олицетворението е во ликот на Исус; во скутот на прокапитализмот и пробожиќ е бајката и комерцијалниот лик на Дедо Мраз. Во квадрантот меѓу прокапитализмот и антибожиќното чувство е старецот од легендарната Дикенсова „Божиќна приказна“ – Скруџ. И конечно, ликот што ги отелотворува ставот и против капитализмот и против божиќната еуфорија е Гринч.
За ликот на Исус нема потреба да се објаснува многу, освен што повремено е нужно потсетувањето за тоа дека на него може да се гледа и како на симбол на сѐ што е обратно од современиот консумеризам, себичност, лакомост, свртеност кон материјалните добра. Иако тоа не им се допаѓа на десничарите, Исус е можеби првиот (не)деклариран левичар: свртен кон алтруизмот, саможртвата за доброто на сите, несебичноста и скромноста, љубовта за сите, а особено за обесправените, и доследен во ненасилството. Но и ова земете го само условно, бидејќи и неговиот роденден е одамна комерцијализиран, предмет на зграбување повеќе профит, продавање сѐ, па и унца среќа, почнувајќи уште од крајот на октомври.

Дедо Мраз е „добродушната“ и бајковита икона на консумеризмот и капитализмот (иако, за волја на вистината, и ние во социјализмот растевме со овој лик, кој имаше повеќе дисциплинаторна отколку некоја друга моќ – идејата да се биде „добро и послушно дете“ беше основата за да се заслужат – тогаш, скромните – подароци). Фактот дека не сите деца добиваат еднаква доза радост/подарок, зборува дека тој си има материјални параметри за тоа кој е добар/заслужен, а кој не е.
Скруџ навлезе во англискиот јазик како именка (со мала буква) за скржав мизнатроп (кој и самиот страда заради својот цицијашлук). Во приказната на Дикенс (кој верува дека Божиќ не трае еден ден, туку се негува цела година), Скруџ се трансформира, напуштајќи ја осаменоста и огорченоста, за да конечно ја сфати убавината на споделувањето на среќата со другите.

Интелектуално најинспиративен е, сепак, Гринч: антибожиќно расположен антикапиталист. Измислениот лик од детската литература и јунак на филмот „Како Гринч го украде Божиќ“ живее осамен, презирајќи ги своите весели соседи Хуси, кои го обожуваат Божиќ, а за него велат дека има двапати помало срце од другите. Преправен во костум на Дедо Мраз, Гринч ги краде подароците од под елките, сакајќи да ја расипе забавата – но, доживува изненадување кога ќе види дека наместо да очајуваат, Хусите се и натаму среќни и весели што се имаат себеси, својата заедница – „затоа што Божиќ сепак не е нешто поврзано само со продавниците“.

Така, и тој, како и Скруџ, конечно го сфаќа „подлабокото значење на празникот“, доживува трансформација, а срцето му се зголемува за трипати. Ако треба на тој координантен систем да се лоцирам себеси, тогаш јас сум Гринч/гринч – што во слободен превод би значело „расипувач на забави“. Гринч е (беше) еден од моите сакани вистински ликови Кристофер Хиченс. Неговиот последен обид да го расипе празничниот дух беше есејот „Вистинскиот дух на Божиќ“ објавен во божиќното издание на „Вол Стрит џурнал“ само девет дена по неговата смрт. Во него, меѓу другото, споменува урбана легенда за обидот на јапонските трговци да го усвојат божиќното расположение и да се приближат до западните туристи со тоа што го прикажале Дедо Мраз распнат на крст. Неговата битка беше осамена, херојска, и без шанса да победи. Неговото пророштво се покажа точно. Ужасите на декември (кои за ортодоксните земји продолжуваат до крајот на јануари) тој ги спореди со живот во еднопартиски систем: сите мораат да веруваат во празничниот дух, без оглед дали го нарекуваат Божиќ или инаку. Битно е да се неумерено среќен и да се преправаш дека си станал добар човек кој се грижи за другите.

Мнозина низ годините минаа низ трансформација – во обратна насока: растени со бајката за Дедо Мраз, потоа во улога на Дедо Мраз кон сопствените деца, за да завршиме како мрзоволен Гринч/Хич. Не само што им се чудам на тие што им се радуваат на празниците туку тоа дури го сметам и за непристојно. Кога кон крајот на годината се повлекува цртата и прави салдо, резултатот е очаен, буквално на секое поле! Сѐ е поставено тумбе, а веселите „Хуси“ се неранимајковци престорени во Дедо Мраз (во предизборна кампања). Божиќ го слават во Витлеем и Ерусалим, а мижат пред палестинските деца и новороденчиња. Се крстат во вредности и родениот богочовек, а се плашат од мигранти. Ќе те натераат да го потрошиш и последниот денар на лажна и евтина забава, а алкохолот служи за најбрзо да ја заборавиш стварноста. Божем имаш што да славиш во земја во која самоубиствата веќе не се ни вест, туку секојдневна хроника, па уште и ќе ти брцнат во џебот за да го платиш она безобразно скапо шминкање на касабата, која се претставува како главен град (исто е и со другите градови, без сомнеж). Го плаќаат баснословно Дино (со наши пари), небаре е волшебникот Мерилин, за да ни отпее „Мојот живот е Швајцарија“.

Да бидеш среќен во несреќно општество е дури и непримерно, а сепак толку потребно на индивидуално човечко ниво. Која сум јас (расипувач на забави) да ви кажам да не се радувате со вашите деца или внуци во моментот кога се слави на целата планета? Веројатно ќе беше попаметно да ја прескокнам оваа колумна (по правило, најтешка во годината, кога буквално желбата за оптимизам ја губи битката пред реализмот)… Но колумна ниту може да го спаси светот (или Македонија) ниту да нанесе голема штета – колумнистите се сосема небитни луѓе во споредба со недозреани и неспособни луѓе, „оперирани“ од идеали, кои се сметаат себеси за Бошко Буха (момче загинато пред да доживее полнолетство). Македонскиот Скруџ се расфрла со (ветувања и задолжувања) милијарди (или милиони милијарди, што е значаен придонес во математиката, ама и политичка корупција пред која сите занемеле).

Порано потсетував на Балашевиќ, кој наспроти сѐ пееше дека не е лузер и дека неговата домашна тврдина, каде што му е саканата/саканите, нема никој да може да ја урне. Но оттогаш и Ѓоле доживеа срцев удар, а претходно ја испеа онаа горко реална „Дупло дно“ (Дно дна). Како понатаму? Можеби најдобро е да си се погледнеме во огледалото и да си признаеме дека сме (колективни) лузери, дека и нашите лични тврдини се разнишани, исто како и нашата самодоверба и храброст. Споменуваат Надеж, а забораваат дека таа беше дел од Пандорината кутија, која во меѓувреме ја проширија и надградија.

Моменталната радост е мамурлак. Лага е. Надежта е анестезија, таа не е мотив за борба и отпор. А и неа ја продадоа за „најмоќната воена алијанса на светот“. Каква радост, каква егзалтација на Марија Антоанета! Ние, голи и боси, како новороденчиња треба да си одговориме себеси: дали сме добри, дали заслужуваме подароци, радост – и како ќе стасаме до нив? Жалам ама Исус го нема, исто како што нема ни Дедо Мраз, а и чудесната трансформација на Скруџ и Гринч е само измислена бајка за магичната моќ на празниците. Со оглед на религиските основи на Божиќ, и имајќи ја предвид оригинерната порака на Христовото учење, вистинскиот наратив е за тоа како Моќта/ Капиталот го „украде“, а потоа продаде, сето она со длабока социјална суштина и етичка порака, која се наоѓа во секоја хуманистичка визија (и утопија). Жално е и бесполезно да се чека допирот на Божиќ за да се прогледа, бидејќи празниците прават сѐ да изгледа двапати потажно од обично (Даглас Капланд).

Да имавме Гринч, тој ќе ни ги украдеше празничните будалаштини, ќе го симнеше превезот пред очите и ќе ги изложеше на виделина сето насобрано лицемерство, лага и очај. И ќе ви посакаше некако да ја преживеете и 2020 година.