Зошто Гоце Делчев е еден од столбовите на македонската нација

Димо Хаџи Димов: „Плачот на Гоцета нека ја раствори наполно таа долго очекувана пролет и нека во најблиско време одново да си подадеме сите братска рака како синови на Македонија така како што некогаш околу Гоцета се чувствуваме како една челад и социјалисти, и анархисти, и националисти, зашто мислевме и дејствуваме само како Македонци, сите до еден и сите како еден“

Отсекогаш македонизмот, македонштината и македонољубието биле на отстрел од страна на приврзаниците на екстремниот бугарски национализам. Во тој правец е и негирањето на македонската сушност на Гоце Делчев, бидејќи тој е еден од татковците на македонскиот национализам и македонската нација.
Туше Влахов истакнува дека при изработката на Уставот на ТМОРО, Гоце Делчев и Ѓорче Петров ги внеле свои крајни „радикални“, револуционерни идеи. Имено, Организацијата се бори за премавнување на шовинистичките пропаганди и национални расправии што го цепат и ослабуваат македонскиот народ во неговата борба против општиот непријател, односно, според новиот устав, Организацијата да има цел да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија без разлика на народноста за извојување преку револуција полна политичка автономија.

Идеологијата на Делчев ја образложува Димо Хаџи Димов, кој вели: „Плачот на Гоцета нека ја раствори наполно таа долго очекувана пролет и нека во најблиско време одново да си подадеме сите братска рака како синови на Македонија така како што некогаш околу Гоцета се чувствуваме како една челад и социјалисти, и анархисти, и националисти, зашто мислевме и дејствуваме само како Македонци, сите до еден и сите како еден.“
Оваа концепција на Делчев за обединување на македонскиот народ, кој бил поделен од туѓите пропаганди, е континуитет на веќе пројавената македонска посебност, различност и идентитет, македонски сепаратизам пропагиран од Трајчо Китанчев, Спиро Гулапчев, Коста Шахов и многумина други.
По објавувањето на биографијата на Гоце Делчев од страна на Пеју Јаворов, списанието „Македонија“ во април 1904 година објавило една статија во која било забележано дека Јаворов пишувал за сепаратизмот и дружбата на Делчев со сепаратистите. Според споменатото списание, Јаворов бил добар поет, но слаб историчар и не ја познавал психологијата на сепаратистите.

Сепаратистите не се залагаат за политички, туку за национален сепаратизам. Во овој контекст било забележано дека владиката Теодосиј Гологанов, во 1893 или 1894 година, издавал крштелни свидетелства во кои наместо Бугарска егзархија пишувало православен христијанин.
Гоце Делчев го ангажирал Атанас Раздолов да печати брошури со револуционерна содржина, како преводна, така и оригинална негова. Веќе од 1895 година Раздолов го привлекол кон себе со револуционерниот тон на своите брошури. Во книшката „Баба Ѓурѓа“ и „Проза во стихови“, изнел сцени од современиот македонски живот и потцртал дека само со борба македонските поробени маси ќе ја извојуваат слободата. Раздолов ги повикувал „Македонците и Македонките да се борат за извојување слобода на Македонија. Тој апелирал до… секој чесен Македонец, а пак не е срам и да не е Македонец да се притече на помош за да се формира еден круг од вистински борци и чесни слободољупци.“ Делчев го ангажирал Раздолов токму поради неговите погледи за иднината на Македонија и на македонскиот народ.

Делчев во писмото до Ефрем Каранов од 17 октомври 1895 година пишува: „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, којшто го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечката правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него…“