Земја на безброј оправдувања

Да не ви звучи ова блесаво? Е па, блесаво е. Специјалниот јавен обвинител, институција што ја плаќаме четири милиони евра годишно, не знае да направи разлика меѓу политичар и политички азил. Којзнае, можеби Бродски, Кундера и Сноуден биле политичари, ама ние не знаеме. Каде живееме, бре, ние и со кого сме опкружени? Премиерот нè убедува дека бог мора да му ја зајакне економијата, а специјалниот јавен обвинител мисли дека само политичар може да бара политички азил. Тогаш јас да барам уметнички азил, а?

Катица Јанева ми ги сруши сите планови и соништа. Со една реченица. Едноставно е. Се надевам дека ме сфативте сериозно кога во минатонеделните две колумни ви напишав дека штом изопачената светска моќ и домашните велепредавници ќе нè укинат како народ, држава, идентитет и постоење преку нивниот насилнички и нацистички, антиуставен проект во Собранието, штом ќе се роди зомбито Северна Македонија, јас ќе барам политички азил во Русија. Ако останам без држава и идентитет, оти народот одлучил да си свирка и да се правда дека нема кој да го поведе, мене како на хумано и цивилизирано човечко суштество не ми останува ништо друго освен да бегам што подалеку од нациварваризмот на ЕУ и НАТО. Е, ама Катица Јанева ми ги сруши плановите. Зборувајќи за Груевски и неговото бегство, Јанева ни откри дека тој не може да бара политички азил. Зашто не бил политичар. Си шетал слободно без политичка функција и затоа не можел да бара политички азил. Фак! И сега, како јас да барам политички азил откако ќе ми го ликвидираат националното постоење кога не сум политичар?

Да не ви звучи ова блесаво? Е па, блесаво е. Специјалниот јавен обвинител, институција што ја плаќаме четири милиони евра годишно, не знае да направи разлика меѓу политичар и политички азил. Којзнае, можеби Бродски, Кундера и Сноуден биле политичари, ама ние не знаеме. Каде живееме, бре, ние и со кого сме опкружени? Премиерот нè убедува дека бог мора да му ја зајакне економијата, а специјалниот јавен обвинител мисли дека само политичар може да бара политички азил. Тогаш јас да барам уметнички азил, а?

Во меѓувреме ни се случи Груевски. Извинете вака, ама завршивте со хистеријата? Со хуморот, досетките, критиките, еуфоријата, завршивте ли? Оти додека си игравме „фати ме ако можеш“, во Собранието си ја тераат ликвидацијата на Македонија, амандман по амандман. Сега за сега во Уставот пишува дека државата е во сопственост на граѓаните на Република Македонија, односно нејзиниот суверенитет. Во реалноста не е така. Во реалноста наскоро нема да постоиме како народ, држава, култура, историја, традиција. Од сè ќе нѐ лишат осумдесетина лика во Собранието. Противуставно, незаконски, насилно, поништувајќи ги резултатите од референдумот. Архитектите на идентитетскиот холокауст пред наши очи ќе ни го укинат постоењето и ќе нè ликвидираат на хартија.

И што направивте вие во врска со тоа, ќе нè праша утре некој сосема обичен Марсовец на кој ќе налетаме. Одговорите ќе одат најверојатно по следниов редослед: па, кога нема кој да нè поведе, ма сето тоа си беше веќе договорено, каде бре против таква моќ, ех, да ме прашаше некој, ама кај смеам јас, ќе летам од работа, ВМРО-ДПМНЕ се криви, башка зад СДСМ стојат ЕУ и НАТО, што ме прашуваш мене, јас деца имам, а секој ден мрчев на Фејсбук, ама глуп народ, не слуша, е да бе, бизнис да си загрозам, која држава, човече, ние никогаш не сме биле држава, ех, сега, на оваа сиромаштија, па бојкотирав референдум, ама не гледаш дека овие си тераат, што дека ќе ме направат северномакедонец, јас во себе ќе си се чувствувам Македонец.

Па, кога нема народ, ќе заклучи на крајот здружно… народот.
Тука, секако, се и оние што мислат дека е добро да станеме граѓани на Северна Македонија, оти така влегуваме во ЕУ, што значи дека Брисел ќе истури милиони евра за нив, ама за нив ми е срам да зборувам.

Значи затоа ве укинаа, ќе заклучи сосема обичниот Марсовец, сфаќајќи дека залутал во земјата на безброј оправдувања. Затоа што ние навистина сме народ што има безброј оправдувања за сенешто. Седат седуммина околу маса во кафеана, додека надвор има протест и се објаснуваат меѓу себе како со триста излезени луѓе не се чуваат име и идентитет. Петмина други седат дома и пцујат по воздухот, кој, ако не беше толку загаден, може и ќе можеше да се излезе да се протестира. На Фејсбук истовремено четириесет профила филозофираат колку е лесно да си патриот на социјални мрежи, па на крајот заклучуваат, ај да видам, излезете на протест. Им влетуваат два-тројца со муабетот, доста веќе дрочите по Фејсбуков, што не им се придружите на оние илјада души, и се префрлаат на ѕид каде што се дискутира за кучињата и нивното право да стапат во истополов брак. А Грујо кога крадеше, ќе заклучат „мудро“ осумтемина седнати во обложувачница. Кулминацијата стига со реченицата „знаеш, мене политика не ме интересира“, гордо изговорена од неколку илјади грла, кои до вчера по цел ден се пенавеа само за политика.
Добро бре, видовте ли како излегоа милион луѓе во Каталонија и Романија, половина милион во Словачка, ене ја Бугарија цела е на нозе, ќе се обиде за последен пат сосема обичниот Марсовец.

Ама тоа е друго, ќе му вратиме ние, Каталонија е богата област, Романија има традиција на протести, оти нели Чаушеску го рушеа, Словачка со години веќе не се чешка кога ќе загусти, а Бугарите се во Европска Унија, човече, им се може.
Еј брат, добро што ја спомна Бугарија, а бе, виде што рече оној Борисов, изгледа Груевски немал бугарски пасош.

И цел народ повторно се граба да бамбори за Груевски.
Тука, сосема обичниот Марсовец решава засекогаш да ја напушти земјата на безброј оправдувања, сфаќајќи дека покорисно му е да јодла низ бескрајната вселена.
Да беа вакви како нас нашите предци за време на Втората светска војна ќе си дремевме под фашистичка окупација со муабетите: „Моќни се бе, човече, цел свет го освоија“, за потоа да заклучиме „Ете, знаев јас дека Русите и Америте ќе им го најдат крајот“. Затоа, мртви ладни, ќе прифатиме бришење на АСНОМ. Оти АСНОМ нè потсетува на фактот дека некогаш сме имале образ и достоинство, за разлика од денес, кога од Марс се гледа дека сме станале безрбетници, завидливци, среброљупци и конформисти.
Русјаков, ти ова намерно ни го фрлаш својот цинизам в лице спроти неделниот протест?
А ха, јас ќе одам да кажам НЕ за незаконските уставни промени со кои нè ликвидираат како држава и народ, а ти ќе дојдеш?

А бе, ќе дојдев, ама баш викендов имам на гости еден сосема обичен Марсовец и тој, знаеш, точно во шест часот попладне има потреба да ме гњави со муабетот како тоа Мет Дејмон сме го заборавиле на Марс во оној филмот „Марсовец“, ама ќе има друг протест, така?