Земјата од претходниот ден (ден потоа)

Колумната ја пишувам во муграта на денот (денот на референдумот).
Можеби по утрото се познава денот, но не и крајот на денот. Дури и вечер да е јасник на небото и да се гледа Млечниот Пат, долу на земјата крајот на денот останува нејасен, а патот кон поведро утро неизвесен. Едноставно, утрото нема пророчки карактер за вечерта, а есенското сонце знае и да излаже.
Беше есен кога Македонија ја прогласи својата независност. Кој можел тогаш, во зората на државноста, да претпостави дека може да ни се смрачи уште пред да нè раздени. Уште и од сопствена рака. Не ќе да е само од лажливоста на есенското сонце.
Всушност, не сум сигурен дека кој било ден се познава по утрото.
Постои веројатност дека и жителите на римскиот град Помпеја се разбудиле во вообичаено убаво августовско утро во далечната седумдесет и деветта година на првиот век, а веќе попладне ги затрупал за навек (поточно за следните седумнаесет века) пепелот на разбудениот вулкан Везув, кој и денес е активен и ги држи на штрек жителите на Неапол.

Се сеќавам и на една фантастична слика од некогаш популарната книга „Космос“ на Карл Сеган, извонредно поедноставено четиво за најкомплексните прашања за човекот и вселената. Во неа има илустрација на последното утро на Земјата непосредно пред нејзиниот крај, убаво и мирно, како ова неделно утро. Бев дете кога ја видов, но запомнив дека убавото утро не е пророк, ниту гаранција за убава вечер.

Далеку од тоа да очекувам апокалипса на самракот. Напротив, се надевам на апокалипса на самиот самрак, кој ни ја надвиснува државата уште од белите мугри…
Кога колумната ќе биде објавена, резултатите од референдумот ќе бидат веќе познати и потврдени. „Победниците“ ќе можат да се избројат. Можеби некои ќе ликуваат, како што некои други предупредуваа. Можеби едни ќе се возгордеат, како што милуваат, а други ќе се засрамат, како што не очекуваа. Но верувам дека повеќето ќе здивнат, барем на една вечер. До денот потоа, кога шоуто продолжува. Шоуто секогаш продолжува. Така милуваат шоумените, а победата на референдумот на крајот од денот би била убедлива само како Пирова победа или пак, во спротивно, неизбежно и Пирова. Сепак, разликите не се сведуваат само на тежината на „Пировата“ компонента, туку на сеча до корен и соголување.

Но се прашувам ќе може ли да се пребројат поразените, поточно поразите меѓу луѓето „озрачени“ со повредите и навредите, со разочарувања и расцепи. Видливи и невидливи. Веројатно не остана човек во земјава што, повеќе или помалку, а особено за време на сестраната медиумска кампања со „сестринска“ помош на меѓународната заедница, не бил отворено или во „ракавици“ прозван, прашан, испровоциран, инструиран, замешан, заплашен или етикетиран од „другата страна“, неретко препознаена и меѓу редовите на блиски роднини, пријатели, соседи или соработници…
Незаобиколен феномен на сите досегашни гласања, без оглед на карактерот на гласање, е расцепот меѓу граѓаните во секојдневниот живот поради моќта на партиската припадност да ги уредува и оценува општествените односи и вредности во согласност со приоритетите (и желбите) на партијата на власт и да ги раслојува меѓучовечките односи преку партиското етикетирање на политички различниот.
За жал, таа практика (погрешно и погубно) се прифаќа(ше) како нужно зло до следното гласање, во согласност со замислата на светот во мало како „мердевен дуња“ и наизменично стемнување и разденување на скалата на привилегиите, во зависност од промената на политичките мени.

Но овој пат повикот за референдумски одговор на прашање што не заслужува да биде поставено, направи засек во срцевината на егзистенцијалното стебло на и онака кревките меѓучовечки нишки, политички разврзани и економски истенчени. Токму од оние што се избрани да го чуваат „дрвото“ од неовластена сеча и потпали. Ако преживее, а се надевам ќе преживее (не случајно ја споредив Македонија во една претходна колумна со метузалемот, најстарото дрво на светот), тоа ќе биде едно длабоко трауматизирано стебло со многу искршени гранки, кои ќе треба одново да никнат и зацврстат за на нив да може да се „(оп)стои“.

Најголемиот „грев“ на сите досегашни политички елити останува несомнено успешната регрутација на граѓаните во „Пирова“ армија за свои потреби. Притоа, поразите на своето владеење дома и надвор се испорачуваа(т) на сметка на суверенот.
Ако тоа не е дрскост, не знам што е. Се надевам дека резултатот од референдумот ќе ѝ фрли на дрскоста ракавица в лице.

Но бидејќи не сум пророк, нема да пишувам за „денот потоа“. Не сум режисер на „Враќање во иднината на Македонија“, па макар и за еден ден, кога и како статист едвај се „држам“ во сегашноста. Не сум ниту Роберт Замекис, ниту Кристофер Лојд (лудиот научник), ниту пак Жил Верн, да шпекулирам со (не)можното, иако сакам да патувам и во иднината и во центарот на земјата. Но прво да тргнеме од место…

На филм, каков што е „Враќање во иднината“, времето е сведено на чаршија за прошетка и исправање грешки од човечка природа со меѓугенерациско влијание, и тоа се прави во продолжетоци. Дури и нас, медиумската временска машина нѐ однесе до влезот на ЕУ за дваесетина години како да било вчера. Како на филм. Но „штофот“ на реалноста го влечат цилиндрите ден по ден во неповратен правец, од кој нема враќање, ни поправање на грешките. Еден ден, на таа (извесна) точка во иднината ќе се побара од Македонија, независно од името, да ги покаже „чеизот“ и вештините. Малку би вредел (ако воопшто) тогаш веќе преплатениот „данок на името“. Би бил временски девалвиран и политички истрошен. Тоа е, што се вели, „од сопствен џеб“ и на сопствена совест.

Има една интересна еврејска приказна што ја отсликува заблудата за инстант-наградата. Имено, таткото го поучувал синот за важноста на патот од искуството до наградата. Еден зимски ден го соблекол синот, кој се тресел од студ, направил дупка во мразот на замрзнатото езеро и благо го предупредил на студот што ќе го почувствува при потопувањето во водата, со напомена дека потоа ќе го завитка во топло ќебе и ќе му биде убаво. Детето, разбирливо, извикало „оф“ при допирот со студената вода, по што таткото го извадил синот од водата и го замотал во топлото ќебе. Детето воздивнало задоволно „ах“. Во текот на целиот живот, му објаснил таткото, размислувај која реакција доаѓа прво, „оф“ или „ах“. Кога „оф“ доаѓа прво, а следува „ах“, си го одбрал правилното нешто. Но ако „ах“ му претходи на „оф“, веројатно си донел погрешна одлука.

За „денот потоа“ ќе се пишува нашироко во периодот што следува, како што се пишуваше и однапред, небаре е судниот ден и ден на божјата казна, па се полнеа списоци на правоверни и „еретици“. Независно дали „денот“ ќе биде запомнет како ден на срамното харакири (што е само по себе оксиморон, бидејќи харакирито е токму ритуал што ги чува потомците од срам по цена на сопствениот живот) или ден на спас од срамот, ден потоа ќе се разбудиме во земјата од претходниот ден, со истите оштетувања на сите општествени скалила, но „збогатени“ со оштетените меѓучовечки односи, повторно на сите нивоа, меѓу соседи, роднини, пријатели и соработници.
На времето имаше музички бенд што се викаше „Ден потоа“. Тогаш бев дете, но љубопитството ми го привлече она „потоа“. По што, се прашував, но нешто ми велеше дека нешто пред тоа е поважно од ден потоа, инаку ќе се викаше „Денот потоа“, а не „Ден потоа“. Како што вели приказната – прво „ооф“, а потоа „аах“. Но за тоа – потоа.

П.С. Колумната ја дополнувам по резултатите на самракот на неделниот ден. Молкот се потврди како гласен инструмент за испраќање порака до сите оние што со несразмерна голијатска појавност (и самодоверба) парадираа наспроти условениот македонски граѓанин. Можеби по утрото не се познава денот, но по ноќта се насетува следниот ден, а тоа е зора на продолжена незаодна и нерамна борба меѓу послабиот и посилниот. Меѓу Давид и Голијат на македонска почва. Едно е сигурно, таа (библиска) борба никогаш не завршува и секако не завршила овде. Македонскиот граѓанин уште долго ќе биде економски врзан човек, а Конески предупредуваше на силата на врзаниот човек. И Мајаковски предупредуваше (иако во интимен контекст): „Помнете! Пропадна Помпеја кога го раздразнија Везув!“ Кој е Везув, а кој Помпеја, кој Давид, а кој Голијат, секој според своето видување ќе познае, а резултатите од референдумот навестија дека постои цензус во спознанието до каде оди дрскоста, а од каде тргнува граѓанинот. Во несразмерните битки, од секогаш сум „навивал“ за послабите. Можеби името (кое е изведенка од Давид) ме обврзува на тоа. Сепак, nomen est omen!