Зелениот бран

Крајната десница не го доби посакуваното, но крајната левица е во клиничка смрт. Зелените, и донекаде либералите се покажаа како најприфатлива „трета“ опција. Но, прашање е дали е на повидок вистинска алтернатива, и дали еколошката политика ќе добие значење на европско, ама и на национално ниво? И како ќе се имплементира? Иако фрлени на маргините (поради сопствените слабости или демонизацијата од страна на „екстремниот центар“, т.е. невидливата коалиција меѓу демохристијаните и социјалдемократите), крајната левица има неколку допирни точки со зелените: борба за повеќе Европа и против националистите, зелен њу дил и политиката на отворени граници. До коалицирање не дојде, а „кајмакот“ го собраа зелените.

Велат, колумните ми биле песимистички, па да пробам за почеток да ве насмеам. Хрватски виц во врска со претстојното претседавање со ЕУ гласи: кога Хрватска последен пат беше во ситуација да претседава, се распадна СФРЈ. Вториот хумористичен прилог е наш. Коментирајќи ги резултатите од европските избори, Шекеринска ни соопшти воопшто да не се грижиме бидејќи и ние сме имале „коњ за тркање“ и не заостануваме зад прогресивните текови. Со монтипајтоновски рефрен „секогаш гледај од светлата страна на животот“, соопшти дека е најважно што не победиле темните сили, проевропското расположение ќе доминира и натаму, а Владата има адути за лобирање во пратеничките кругови. Не чувме како ќе лобира ДУИ со Садула Дураку, но коалицијата збира партии што соработуваат со сестринските партии, и не само со социјалдемократите и либералите, туку и со зелените (последниве две имаат големо влијание врз создавањето доминантната коалиција во Европскиот парламент). Ќе се засркнев од смеа од помислата дека ДОМ ја сметаат за зелена партија, замислувајќи ја Лиле рамо до рамо со Ска Келер. Заедно ќе се борат за зелена Европа, откако Македонија позелени и целата е цут. Патем, Келер својата кариера, ја должи и на битката против отворањето нови јагленокопи во Германија.

Кога сме кај жените и зелените, да потсетам и дека новата претседателка на Словачка зад себе има кариера на активистка со 14-годишна правна битка против незаконските депонии. Сега помислете какво досие зад себе има ДОМ и покрај учеството во Министерството за екологија и екологистите, кои наводно ги собира. Уста имаат, јазик и резултати немаат. Впрочем, како и во претходната коалиција. Партија што иницијално беше национално определена, без јасна идеологија, ја одбра зелената боја речиси случајно, низ процес на ребрендирање, заради поврзување со некоја фамилија во ЕУ. Тоа немаше никаков одраз на нивната (молчалива и субмисивна) политичка улога. За волја на вистината, ја почувствуваа шансата, па имаше обид за декларативна поддршка и искористување на автентичното граѓанско движењето против „рудниците на смртта“ – но, добија „корпа“! Зелените премолчија премногу нешта за време на владеењето на Груевски, и навреме ја сменија страната кога видоа дека бродот пропаѓа, па затоа повеќе им одговара името зимзелени.

Активистите од регионот на југоисточна Македонија се препуштени сами на себе, самоорганизирани како грас-рут движење (grass-root), изложени на притисоци и закани со тужби, без поголема солидарност на општествен план. Не е чудо што се недоверливи и кон ветувањата на позицијата и на опозиција, поради што ги бојкотираа претседателските избори. Продадени од едните, излажани од сегашниве, спротивставени со корпоративни интереси и профитери (во ликот на фирми блиски и со фамилијата и со семејството) имаат еден приоритет: голиот живот! Диви депонии имаме на секој чекор, а и законските не се за фалење поради коруптивните и сомнителните зделки. Шумите ископачени, бреговите на езерата се уништуваат систематски од локални шерифи, градежната мафија цвета. Но нема кој да поведе правна битка, бидејќи нема ни право, ни правна држава. Важно, ќе сме имале сојузници во Европскиот парламент, кои ќе навивале за наш влез во Унијата! Ич да не му се секирате – само да преживееме дотогаш.

Аналитичарите се согласија дека најголемото изненадување на европските избори беа зелените. Граѓаните се евидентно заситени од менјстрим/естаблишмент партиите (конзервативците и социјалдемократите), што се виде и во резултатите (заедно, само 44 проценти од седиштата), кои ќе беа и полоши доколку не играа на картата на стравот (од десничарите и популистите) и го надуваа балонот, што им помогна во значителното подигнување на цензусот (констелација во која тие добиваат, колку-толку).

Крајната десница не го доби посакуваното, но крајната левица е во клиничка смрт. Зелените, и донекаде либералите се покажаа како најприфатлива „трета“ опција. Но, прашање е дали е на повидок вистинска алтернатива, и дали еколошката политика ќе добие значење на европско, ама и на национално ниво? И како ќе се имплементира? Иако фрлени на маргините (поради сопствените слабости или демонизацијата од страна на „екстремниот центар“, т.е. невидливата коалиција меѓу демохристијаните и социјалдемократите), крајната левица има неколку допирни точки со зелените: борба за повеќе Европа и против националистите, зелен њу дил и политиката на отворени граници. До коалицирање не дојде, а „кајмакот“ го собраа зелените.

Прашањата поврзани со животната средина и климатските промени станаа зрели за (политичка) жетва поради успешната „секуритизација“, односно подигнување на нивото на страв за опстанокот, и поврзување на екологијата не со политиката (политиките), туку со безбедноста. За ова се најзаслужни активистите и академските кругови, кои низ континуирана битка ја издигнаа јавната свест и го засилија притисокот врз елитите.
Вистински феномен (а богами и ривал на Заев и Ципрас пред Нобеловиот комитет) е 15-годишната Грета Тунберг со нејзинoтo (веќе глобалнo) протесно движење #FridaysForFuture (#ПетоцитезаИднината), кое стана глас на младите, кои ги обвинуваат владите за девастацијата на планетата и за жртвувањето на нивната иднина. Станува вообичаено сѐ поголем број политичари не само да застапува (барем декларативно) зелена агенда, да зборува за „еколошка вонредна состојба/итни/кризни ситуации“ (environmental emergency), туку и да преземаат мерки во таа насока (на пример, прогласување вонредна состојба во Мексико Сити поради високата загаденост на воздухот). И Корбин побара од британскиот парламент прогласување на еколошка и климатска вонредна состојба. И ние сме сведоци на акции и протести во кои учествуваат и политичари од власта. Проблемот со еколошката безбедност е што задоцнетата с(о)вест наложува само адаптирање и ублажување на состојбите, и избегнување катаклизма. Светот веќе мора да живее со стварноста, која не може да се смени и часовникот да се врати назад.

Застрашувачките предупредувања за крајот на животот на планетата и политичките барања за „зелен њу дил“ звучат емотивно, мобилизирачки и радикално. Европските зелени го фатија бранот, а песната на сирените се покажа заводлива за голем број граѓани. (Да не заборавиме дека европските зелени не се единствените што ја натнаа зелената наметка, бидејќи слични партии можат да се најдат и во другите коалиции).
Соочувањето со еколошки кризи, па и апокалиптични сценарија, влијае освестувачки и понекогаш носи јасна перспектива и разум за она што треба да се преземе, но може да има и обратен ефект. Три нешта се суштински: прво, зелените (кои и да се) се занимаваат со последиците на неолибералниот капитализам, а не со причините; второ, во битката за свое преживување, капитализмот веќе се преобрати во капитализам на катастрофите (живее и заработува од нив), и трето, катастрофите анализирани и решавани со безбедносни средства се закана за демократијата, бидејќи итните ситуации бараат одврзани раце (за неодговорни политичари) и вонредни мерки.

И за време на нашата претседателска кампања се зборуваше на овие теми, па дури и се спомна употреба на единици на АРМ за превенирање на загадување на воздухот! Зелените во Европскиот парламент се навидум позитивци, но и тие минаа низ (д)еволуција: ако во времето на нивното појавување беа синоним и за пацифизам, во 1999 година станаа јастреби (посебно во Германија, со Јошка Фишер), кои бараа употреба на осиромашен ураниум. Денес се космополити и хуманитарци (во поглед на бегалците), па длабоко загрижени за животната средина, предлагаат воведување зелени политики и промовираат нов животен стил и исхрана – но, не го доведуваат во прашање системот, кој е првенствено виновен за катастрофата што е повеќе од сценарио за филм за глобална катаклизма. Тоа ги прави добри коалициски партнери за „екстремниот центар“ што, пак, е гаранција дека ништо битно нема да се смени со една нијанса на зелено.

Зеленото не е новото црвено. Набргу членовите на Европскиот парламент ќе станат она што секогаш и биле: лобисти за супранационалната технократија, наводни демократски претставници на европскиот демос, кој сѐ уште не постои. Радикалната општествена промена, онаа што е потребна за опстанок и на човекот и на природата, нема да дојде од нив, таму горе. Како што демократијата почнува одоздола, така и помирувањето со природата и помеѓу нациите не може да падне од небото на корпоративна „Европа“. Затоа, најитната и можеби наједноставната работа што може да се стори, дури и во европската периферија, е интензивирање на битката против профитерите за кои секоја жртва е прифатлива. Зелените движења, иницијативи, активисти (и евентуално партии) се попотребни тука и сега, а не за залудно лобирање кај Годо. Секој може и мора да го прави тоа што може, без оглед на „бојата“.