За сите починати во болнички услови

Венко Филипче даде монтирана и драмска оставка, а не неотповиклива – како што е случај кога станува збор за длабоко личен и морален чин. Со целиот циркус околу тој чин (Заев се премислува, директорите на јавните здравствени установи не му ја прифаќаат оставката небаре тие него го поставиле, а не обратно, па се организираат во одбрана „Ж суи Венко“, за медиумските нарачки и да не зборувам) ги фрли во сенка жртвите! Ги забошотува реалните проблеми што објективно постојат во ресорот што Филипче не само што го раководи туку е и политички и правно одговорен за состојбите во него. Мораме да имаме на ум две работи: прво, оставката е безначајна и срамна во овој миг; второ, зборуваме за нешто многу поголемо, поважно и поегзистенцијално од трагедијата во Тетово. Личноста на министерот е веќе видена: од лажењето за вакцината на внуката, оние безобразни тинејџерски јурења со мотори заедно со премиерот (двајцата недораснати, небаре со хормонален дисбаланс и мозолчиња) среде пандемија, водењето партиска политика во време на пандемија, коруптивни индикации во набавка на респиратори и вакцини итн. Простете, ама тука личност не барајте! Ниту морал ниту Хипократова заклетва! Трагично е само што е лекар (и професор!) – припадник на професионална група што нужно се поврзува со хуманост, пожртвуваност и несебичност, а која е толку девалвирана низ годините (секоја чест на исклучоците).

Уште пред тетовското инферно, гледајќи ги листите и кандидатите за локалните избори не можев да верувам колкав број лекари покажа политички амбиции среде пандемија – во земја со најмал број медицински кадар по жител и најголем број починати по жител! Замислете, во време кога за болните од ковид-19 се замижува на едно око и се пушта „посета“ од роднини и блиски затоа што нема медицински кадар или оној што е на работно место е на работ на исцрпеност, некои збришаа во приватно здравство (и лаборатории за правење тестови, кои се бонбона бизнис во вакво време), а други во (локална) политика! Ќе се занимавале со детски градинки, канализација, инфраструктура, култура, образование итн.! Без око да им трепне, подготвени се да заминат од местото каде што спасуваат животи, ама баш буквално!
Да се вратам на министерот: оставката не е само замачкување очи туку е и срамна! Времето за оставка помина многу одамна, од моментот кога станавме шампиони по смртност од пандемијата во Европа, шампиони по најмал број вакцинирани и уште помал број набавени вакцини, зголемена смртност кај новороденчиња, шампиони по настојување да се приватизира секој дел од системот! Неговиот морал и интегритет – над кои лееше солзи додека ја читаше „понудената“ оставка, некадарен да го каже тоа што треба без напишана проза – е ама баш без никакво значење за преку 6.000 луѓе што починаа поради ковидот, и уште многу повеќе што починаа затоа што не добија навремена здравствена помош за други (излечиви) болести!

Со Венко или без него, во здравството владеат ужас и пустош! Ако не умреш или останеш со тешки последици поради отсуство на обичен протокол за лекување од ковид, тогаш тука се болниците како места за умирање (иако ни во најлошиот кошмар не можевме ни да ги замислиме ужасните сцени од Тетово), како оние на најпознатата скопјанка со која се гордеат без да знаат ништо за неа, мајка Тереза ангелот на смртта како што ја нарече Хиченс! Со каква иронијата (на судбината!?) прозвучува фразата што секојдневно ја слушаме: „сите починаа во болнички услови“! За „условите“, дури и кога нема пожар, мижеме како нација, бидејќи за сиромашните никој и не жали, освен најблиските. Токму овој министер и Владата одбија да ја искористат кризната состојба за ставање на приватните болници и кадар на располагање на јавниот сектор заради справување со пандемијата! Овие се „бизнис-ориентед“, бетер од претходните!
Здравството (заедно со образованието) е најважниот индикатор за состојбата во едно општество: низ него се гледа како една политичка заедница си ги подредила приоритетите и средствата! Силна држава не е да имаш војска и полиција (за да ти дефилира на празник или да ја праќаш во Авганистани), туку да имаш развиена здравствена и социјална грижа и нега за сите, а не само за богатите и привилегираните! Не е важно дали сте во НАТО (#We Are NATO), ако повеќе од 1,5 година од пандемијата уште се потпирате на „модуларни“ (што ќе рече, привремени, од нужда) болници, низ земјата – од Скопје, па натаму! Од онаа полска болница од НАТО ланската пролет преминаа во бизнис на градење набрзина нешто што е од евтин, згоден и запалив материјал! Не само што е вџашувачки туку и крајно депресивно кога ќе разбереш дека седиш на темпирана бомба, и тоа си го дознал дури откако 15 луѓе ќе изгорат во институцијата во која барале спас од смртта! Сега се цитираат европски директиви и стандарди (#We are EU 2), а елементарната логика и знаење на студент по хемија од втора година е дека места со големи дози кислород мора да се под посебен режим на управување и заштита. Фушерајот во градежништвото е општо место, ама во болници!!!??? Па дури и да се „привремени“… Сево ова зборува за (без)вредноста на човечкиот живот во Македонија! Кинезите (нели, оние што демек не ги бива за мо*ани 50 км автопат до Охрид) градат вистинска болница за еден ден, а ние за речиси две години само козметика продаваме и ги гледаме некрофилите што дојдоа на власт со потресни приказни за смртни случаи како се сликаат на секое пресадено срце или донирани органи (за кои не се ни прашуваме, бидејќи државата одлучила дел штом починеме, станеме предмет, може да ги користи нашите органи; поентата ми е: овде нема органодарителство, бидејќи по сила на закон сите сме тоа ако им се види згодно).

Тетово е само најужасниот приказ на колективната трагедија во која преживуваме! Огнените јазици и криците на жртвите веројатно требаше да претставуваат каписла за будење на нашата отрпнатост на смртта што ни стана секојдневие! Обична статистика! Нешто што им се случува на другите … додека не чукне и на наша врата! А токму овој град е можеби парадигматски пример за она што може да му се случи на град/населено место во запустена држава! Со децении Тетово е симбол за депонии (а под Шара е!), градот е одраз на урбанистички хаос и нечистотија; нема стравотија што го заобиколила (од воено насилство до поплави, а сега и сцените на пламените јазици што голтнаа живи луѓе)… Денес Тетово е Македонија, и Македонија е Тетово – односно, тоа што направивме од неа за овие 30 години „независност“ рамна на башибозук. Ова е задоцнета констатација, бидејќи оваа (колективна) смрт беше одамна најавена! Од еден национален празник до друг, сфаќаме дека ни држава има, ни нација, ни институции! Од шумски пожари нè спасуваа доброволци од Австрија, вакцините се главно донации, спасените луѓе им ги должат своите животи на среќата и на подадената рака на „цивили“, а истрагата ќе ја воделе странски експерти (за елементарни нешта што секој просечен хемичар и технолог ќе ви ја каже ако го прашате). Ни срам ни перде, оние што до вчера покажуваа сочувство за малата Тамара или за Мартин, и се згрозуваа од министерот за смрт, сега прават чудни сојузи за одбрана на министерот за задгробен живот! Што да кажеш за лекарка што предлага во знак на одбрана на саканиот министер да штрајкувале со вакцинирање, модуларни болници, прием на пациенти!

Една многу умна жена, Сузан Сонтаг напиша: „Сочувството е нестабилна емоција. Тоа треба или да се преведе во акција или ќе избледне. Прашањето е што да се прави со емоциите што се појавиле и знаењето/сознанието што е искомуницирано. Ако се мисли дека ’ние‘ не можеме ништо да сториме (но, кој е тоа ’ние‘?) и дека ни ’тие‘ не можат ништо да направат (а кои се пак ’тие‘?), тогаш човек почнува да се заморува, да станува циничен и апатичен.“ Се препознаваме ли во овие зборови? До кога ќе трае сочувството со жртвите во Тетово? Ние буквално живееме во „модуларна болница“ (веројатно и ментална институција), во провизориум што нагалено го нарекуваме држава. На „итна“ владина седница ќе прогласат тридневна жалост и ќе ги спуштат знамињата на половина копје, и си ги измиле рацете и смириле „совеста“. Република Северна Агонија Македонија бара целосен ремонт, од врвот до дното, и обратно! Оние цинични ликови што ве повикуваат дека не било време за „политизирање“ туку за сочувство и тагување ни се смеат зад грб, тие никогаш нема да завршат во модуларна болница, а ако затреба и ќе ги евакуираат.
Оставката не вреди ни пет пари. Бараме одговорност: политичка и правна! Моралот да му го продавате на друг или да си го чувате за себе – и онака не вреди ни пет пари.