За некои разлики помеѓу жените и мажите

Оние службеници што консумираат порнографски материјали за време на работата го менуваат сопственото однесување во негативна насока. Затоа се неопходни некои постапки за да се намали ваквата изложеност на работниците: да се направат превентивни контроли, како што се интернет-филтри или блокирачки алатки, прохибиција на порно-материјали на работните места со давање негативни оцени и дури пропишување казни за непослушните. Имено, треба да се стимулира еднаквоста кај сите учесници во работниот процес и да се намалат провокациите, кои секогаш се на штета на жените

Дека жените и мажите се разликуваат, на сите им е сосема јасно. Се разликуваат во надворешниот изглед, по гласот, по сексуалните особености, по начинот на комуникација, по агресивноста, по достигнувањата во кариерата, по родителството итн. Еве, и во ова време, кога луѓето се опседнати од пандемијата на коронавирусот, јас како жена имам поинаков начин на справување со ситуацијата и реагирам токму со пишување еден ваков напис, а не за коронавирусот!
Нема да го повторувам она што на сите им е познато, туку ќе се обидам да дадам информации за некои нови сознанија од невронауката, а кои се однесуваат токму на половите разлики.
Еве, да почнам со депресијата, знаејќи дека жените многу повеќе страдаат од ова растројство во споредба со мажите. Во едно истражување направено минатиот месец во Универзитетот во Вирџинија се потврди дека постои полова разлика во тоа како депресивните луѓе реагираат при изведба на едноставни задачи поврзани со учење.

Имено, се испитувала мотивираноста за донесување одлуки поврзани со монетарна награда или казна, при што испитаниците биле снимани со функционална магнетна резонанца. Со оваа алатка е овозможено утврдување на промените во оксигенацијата на крвта и крвниот проток во мозочните регии што се вклучени во процесите на учење и процесирање на наградувањето. Во текот на истражувањето испитаниците требало да добијат парична награда за некои одлуки што ќе ги донесат. Со оглед дека сите одлуки не донесуваат награда, испитаниците треба да користат фидбек и да го адаптираат сопственото однесување во согласност со највисоката парична награда, а притоа да ги минимизираат загубите. Значи, фокусот е на процесот на учење, а не на тоа колку брзо ќе се изведе задачата.

Депресивните личности покажале дека се однесуваат така што имаат ист одговор и при позитивен или негативен фидбек, за разлика од лицата што не се депресивни. Здравите луѓе прават оптимален избор на одговор што им носи подобра награда и при тоа нема разлики помеѓу жените и мажите. За разлика од нив, депресивните жени се многу поосетливи на казната и донесуваат понеповолни одлуки во текот на оваа задача. Значи, при состојба на депресија, жените се разликуваат во одлуките од мажите, што наведува на поинаков приод во третманот на депресијата кај двата пола. Така, на пример, кога се работи со депресивни жени треба да се биде фокусиран главно на негативните ситуации и да им се покаже на болните дека тие не се така негативни како што им се чини на болните.

Во таа насока, кај депресивните учесници на ова истражување била спроведена 12-неделна когнитивно-бихејвиорална психотерапија. Половина од испитаничките прифатиле да се вклучат повторно во истражувањето за да се покажат постигнатите промени во мозокот по терапискиот процес.
Но не е само депресијата состојба во која постојат битни разлики помеѓу жените и мажите. Мажите што се експонирани на помалку богата социјална средина (кои живеат сами) покажуваат слични волумски размери на сивата маса во оние делови на мозокот што се сметаат како социјален мозок, а кој е одговорен за наградувањето. Со други зборови, истражувачите од САД и Холандија минатиот месец објавија во списанието „Сајанс“ дека постојат големи разлики помеѓу половите во социјалниот мозок, што резултира и со разлики во однесувањето.

Во претходните научни истражувања посветени на социјалното поведение кај приматите и луѓето била поставена таканаречена „хипотеза за социјалниот мозок“. Според неа, се претпоставува дека поголемиот мозок кај поразвиените примати и човекот се должи токму на потребата од процесирање големо количество социјални информации. Но колку што мозокот на повисоките родови и хуманиот род се зголемува, се појавуваат и поголеми разлики поврзани со полот токму во оние делови на мозокот што се означени како социјален мозок, а кои процесираат социјални информации.

Заклучоците се изведени врз анализа на над 10.000 испитувани мозоци кај жени и мажи во големата биобаза во Обединетото Кралство. Поточно, локализирани биле 36 дела на мозокот што се инволвирани во процесирање на социјалните однесувања и задачи. Споредувајќи ги наодите, кај жените и мажите биле најдени разлики во мозочните регии како што се лимбичниот систем, вентромедијалниот префронтален кортекс и амигдалата. Имено, познато е дека овие регии се најбитни за социјалните активности какви што се емоционалното поврзување или ангажираност при социјалните контакти. Кај жените невроанатомските асоцијации се предоминантни во амигдалата во услови кога тие се социјално стимулирани.

За разлика од нив, кај мажите волуменот на вентромедијаниот префронтален кортекс кај оние што живееле сами се разликува од оној кај мажите што биле социјално стимулирани. Овие наоди не се најдени кај жените вклучени во студијата. Со тоа, се наметнал заклучок дека главните разлики помеѓу половите се состојат токму во хуманиот социјален мозок. Со други зборови, мажите кога живеат во социјално стимулативна средина имаат сличен ефект врз волуменот на сивата маса во социјалниот мозок што е активиран при наградување.
Во слична насока на истражување на разликите помеѓу мажите и жените во социјалниот мозок е и она од тимот во институтот „Макс планк“ во Германија. Тие покажале дека двата пола слично реагираат кога се изложени на порнографски слики. Овие наоди се објавени во престижното списание на Американската академија за наука и се базирани на скенирање со магнетна резонанца.

Познато е дека во секојдневниот живот мажите повеќе сакаат да гледаат порнографски материјали одошто жените. Тоа води до друг заклучок, дека мажите се позаинтересирани за секс, голотии и сл. одошто жените. Меѓутоа, анализата од 61 студија посветени на сексуалните одговори во хуманиот мозок, регистрирани со МРИ, покажува друго: нема разлики во мозочните активности кај жените и мажите кога се изложени на сексуални провокативни слики. Се активираат регии во инсуларниот кортекс и во амигдала, но на ист начин кај двата пола. Тоа значи дека всушност жените најмногу поради социјалните стигми не гледаат порнографски материјали, а не поради разликите во активноста на мозочните регии.

Од друга страна, гледањето порнографија ви текот на работното време го зголемува неетичкото однесување, што предизвикува негативни организациски последици. Поради овој факт се советува да не се дозволува експонирање на порнографски материјали за време на работа. Порнографска консумација за време на работата предизвикува дехуманизација, зголемена инцидентност на сексуални навреди или дури присили на работните места.
Заклучено е дека оние службеници што консумираат порнографски материјали за време на работата го менуваат сопственото однесување во негативна насока. Затоа се неопходни некои постапки за да се намали ваквата изложеност на работниците: да се направат превентивни контроли, како што се интернет-филтри или блокирачки алатки, прохибиција на порно-материјали на работните места со давање негативни оценки и дури препишување казни за непослушните. Имено, треба да се стимулира еднаквоста кај сите учесници во работниот процес и да се намалат провокациите, кои секогаш се на штета на жените.

Со горенаведените истражувања се покажува дека разликите помеѓу жените и мажите се резултат на генската база, а таа дава одрази на функционирањето на региите во мозокот што се означуваат како социјален мозок. Тој дел како да е поактивен кај жените и затоа тие се повеќе отворени за емоционални реакции, за поврзувања, но и на депресија. Од друга страна, иако нема разлики во мозочната активност кога сме изложени на сексуални стимулуси, реакциите се различни поради околинските влијанија и стигматизации на жените во однос на сексуалните слободи. Како и да е, полови разлики постојат и тие не треба да се занемаруваат во секојдневното функционирање, туку, напротив, да се исползуваат позитивно.