За македонцките работи

(Како да ја сакаме Татковината)

Дали нѐ лажат?
Зошто и кој тоа го прави?
Кој лаже, а кој верува, денес и овде во Македонија?

Свесен за исклучителноста на мигот во актуелното време, на оние што криви огледала во рацете држат, сакам порака да испратам: По суратот се познаваат луѓето грешни. Од сојот свој страдаме. Во (некои од) нас се препознаваат непознати ѕверки, како ријат по темелите свети…. Чудни лејки се веат на небото над Македонија… Сакаат да нѐ сотрат блудни мажи и жени штири… Последни измеќари, во јазли збрани. Од нивната зла мисла, од нивниот збор (предавнички), коските на предците в гробје се превртуваат… Ова е време на грди сурати, темни луѓе и нивните деструктивни суредби. Кој, кому му верува? Секој, секого снима. Кој, кому кумува? Секој лаже, никој не сака да биде излажан!

Местенки, игранки, подметнувања, во политичките кујни и владетелските дворови, колку сакаш. Кој, кому ќе му пресуди? Народниот трибун – Ченто, повторно го убивме. За туѓи интереси на аждери стрвни, македонски синови и патриоти во зандани гнијат. На релацијата политика – вистина, политизација, манипулации и лаги, еден куп. Од односот мислење – морал, наместо морални гиганти, добиваме морални хулигани и примитивни лажговци, безброј – со метла да ги метеш.

Сепак, Македонија е благословена куќа. Куќа на сите Македонци, каде и да се, каде и да битисуваат. Таа е наша колективна меморија. Наша отворена рана. Наша судбина. Наш императив и завет е да ја браниме од злото на ова време! Од беснилото на волците стрвни. Од белата чума, од пијавицата гладна, во сите нејзини варијанти (иселување, заговори, предавства). Да ја браниме, одбраниме и да се спасиме. Од црните јавачи на апокалипсата. Од силниците и крвопиите. На тие смрзнати сурати, со души полни темница сал, да не им дозволиме да го извршат ѓаволското послание. Можеме ли? Да! И мораме. Уште една порака имам: Од дното на раната длабока, Името наше пее – Стоиме полни со Искон. Тоа Име од Светлина и Рани – е наша вечност. Ете, во оваа судбинската трагика на родот, ја барав есенцијата што го осветлува него однатре и што го возвишува. И да, да, таа сјае како златните зраци од Кутлеш.

Та нели сме деца на сонцето? Непобитен факт запишан со векови и милениуми.
Ова е скромен обид да ги поврзам нишките на македонската сага низ историјата. Мое верување во Белите мугри, после предателските времиња на и од темните луѓе. Мотивациските коти ги црпев од радесиљановскиот и евтимклетниковскиот концепт и стил во поезијата на Р. Силјан и Е. Клетников. Во нив е сето наше духовното богатство на родот, неговото величие и слава. Благодарност до ерудитите на поетската реч.
Авторот е правник, аналитичар и колумнист