За животот се работи

Морам да признаам дека досега не сум слушнал лидерство во криза што ја негира, избегнува и изобличува реалноста. Освен кај нас. Театралноста, исклучивоста, самобендисаноста и суетата кога се бројат мртвите од кризата нема да ја променат перцепцијата кај народот за неуспешноста во менаџирањето на кризата, што ќе има трајни последици не само врз здравјето на граѓаните туку и врз квалитетот на демократијата во земјата

Постои една популарна англиска поговорка што вели: „Доаѓа часот, доаѓа човекот“ – идејата за неа е дека вистинските лидери ќе излезат на површина во криза. Коронавирусот е тука да го тестира политичкото лидерство во време на криза. Во вакви времиња, од суштинско значење е подобро да се разбере како лидерите реагираат и што го обликува нивниот одговор на кризата. Ако има што да се разбере кај нас. Зашто времето е дојдено, а го нема човекот. Кризата вообичаено ја разбираме како момент на итна и невидена политичка, економска и социјална несигурност што ги принудува лидерите да дејствуваат брзо. Во време на криза, политичките лидери треба да донесат круцијални одлуки за многу краток временски период, честопати со ограничени ресурси, било да се тоа финансиски, материјални или човечки. Всушност, нивното лидерство се мери врз основа на нивните перформанси во критичните моменти. Погрешен потег може да ја уништи довербата кај народот и да ослободи немир, влошувајќи ја постојната ситуација со кризата. Но оваа криза има и друга димензија: служи како латмус-тест за тоа како лидерите успеваат да се справат со неа балансирајќи ги сериозните ограничувања на личните слободи и истовремено почитувајќи ги принципите на демократијата.

Граѓаните очекуваат нивните лидери да направат сѐ за да ги предвидат и да ги заштитат од заканите по нивниот живот и здравје, да ги ублажат нивните влијанија во нарушувањето на здравствениот систем, како и да преземат активности за враќање на општеството во состојба на нормалност. Велат дека просторот што треба да го маневрираат лидерите во време на криза зависи од тоа колку народот им верува. А тоа, пак, зависи од нивната компетентност, искреност и посветеност на јавниот интерес. Зар некој уште верува дека Македонија има политичко лидерство што постапува во јавен интерес, а не сопствен, личен? Дека народот ѝ верува на оваа власт сега кога е најмногу потребно, толку пати предаден и изманипулиран од неа. Искрено се сомневам. Зар некој може да ѝ верува на власт што низ годините покажа дека единствено е мотивирана од алчноста за власт или од алтруистички цели?
Ако имаше прирачник за тоа како да се влоши пандемијата до италијанското сценарио, се чини дека оваа власт го следи до последната запирка. Нашето политичко лидерство не успева на речиси секое ниво на кризата. Неуспехот да одговори ефикасно на пандемијата со коронавирусот доаѓа од тоа што оние што треба да ја менаџираат понудија само пароли и статистика, наместо суштински одговор на пандемијата.

Баш како во војна, луѓето ги сведоа на статистички бројки. Ги спобудалеа со контрадикторни „експертски“ мислења, ја изобличија вистината за пандемијата создавајќи амбиент на недоверба и подгревајќи ги сценаријата на заговор. Вешто успеваат да го експлоатираат и се возат на стравот кај луѓето за да ја препокријат нивната неспособност и импровизациите во здравството и економијата, со намера, во најмала рака, да го избегнат видливиот понижувачки неуспех во справување со кризата.
Знам дека нема лесна маршрута низ кризата. Станува уште потешка кога лутате во изборот на правилен пат по кој треба да ја менаџирате кризата и немате основно чувство за минимум одговорност и способност да ја убедите јавноста да ве следи во превенцијата на ширење на пандемијата и заштита на вашето здравје. А како да ја убедат кога самите тие придонесоа за нивно непочитување. Наместо да се наметнат како модел што граѓаните требаше да го следат во време на криза, нивната колебливост, несигурност и арогантност создадоа недоверба и дополнителен страв. Затоа изгубениот авторитет се замени со казнување. Всушност казната е последниот очаен обид на власта да се справи со изгубената доверба и авторитет кај народот во нејзините перформанси дека може да ја менаџира кризата на корнавирусот и да го заштити здравјето на граѓаните и нивните животи. Отсекогаш најлесно е да се удри по џебот на осиромашениот, дезориентиран и уплашен народ. Кога не сте подготвени да понесете лична одговорност, нормално дека вината ќе ја побарате во народот. Што би рекол нивниот „гуру“: „Народот е во право и кога греши“.

Морам да признаам дека досега не сум слушнал лидерство во криза што ја негира, избегнува и изобличува реалноста. Освен кај нас. Театралноста, исклучивоста, самобендисаноста и суетата кога се бројат мртвите од кризата нема да ја променат перцепцијата кај народот за неуспешноста во менаџирањето на кризата, што ќе има трајни последици не само врз здравјето на граѓаните туку и врз квалитетот на демократијата во земјата. Зашто кризата со коронавирусот бара сериозни ограничувања на личните слободи и истовремено почитување на принципите на демократијата. Се плашам дека оваа власт не може да го испорача тоа. Особено кога гледате политичко лидерство што оправдува политики што се на работ на загрозување на демократските вредности.

Моменталната состојба низ која минуваме влијае на секој од нас, на нашите семејства и пријатели. Кризата стана многу лично прашање, бидејќи сите ние секојдневно се плашиме за нашите животи. Без оглед на стравот, ќе биде важно ние како граѓаните да останеме будни и да имаме критички ум за тоа кои се границите на оправдување на недемократските политики. Зашто не верувам дека уште долго неуспешното лидерство во справување со кризата ќе може да се затскрива зад политиката. Колку побрзо сфати власта толку подобро дека е време за лидерство во криза што обединува околу заедничкиот непријател. Лидерство на кое народот ќе му верува во соочувањето со непознатото. Зашто искрено: за животот се работи.