За европски вредности референдум а ла Ердоган

Доколку референдумот е успешен, тој ќе води кон измени и дополнувања на Уставот, а притоа јавноста воопшто не е запознаена со амандманите на Уставот

Минатата седмица коментирав „Референдумот во хаос“, а по последните информации за можна масовна владина кампања за референдумот, тој почнува да личи а ла Ердоган. Доколку е така, за што може да се аргументира, се јавува клучното прашање дали до европски вредности може да се стигне со референдум а ла Ердоган, при што самата спогодба со Грција, ја исклучувам од анализата.
Коментирав дека референдумот е во хаос поради најмалку четири работи и тоа: начинот на донесување (без опозицијата), карактерот на референдумот (консултативен), референдумското прашање или што точно е предмет на изјаснување на референдумот и начинот на водење на кампањата. Од овие четири работи, две работи го прават референдумот а ла Ердоган.

Првата работа е референдумското прашање или што точно е предмет на изјаснување на референдумот. Доколку референдумот е успешен, тој ќе води кон измени и дополнувања на Уставот, а притоа јавноста воопшто не е запознаена со амандманите на Уставот. ОБСЕ и ОДИХР референдумот во Турција ќе го прогласат за нефер и недемократски меѓу другото и поради тоа што „18-те предложени амандмани што влијаат врз 72 члена од Уставот изгласани се како единствен пакет, спротивно на меѓународната добра практика за референдум, односно гласачите немаа можност да направат избор за секое од различните прашања од измените и ниту една од предложените измени не е наведена на гласачкото ливче; гласачите едноставно беа замолени да гласаат со да или не“. И ние во Македонија сме замолени да гласаме со да или не, без да знаеме за што точно гласаме.

Втората работа е начинот на водење на кампањатa, со одлуката на Владата да се вклучи во кампањата за. На почетната нејасност кој треба да ја води кампањата за (а против не е ни предвидена), Владата ја зголеми конфузијата. Владата нема основа да се вклучи, дополнително и поради забраната за владини реклами во медиуми, која сега ќе биде прекршена.

Според ОБСЕ и ОДИХР „Уставниот референдум (во Турција) се одржа на нерамен терен и двете страни на кампањата немаа еднакви можности“ и „кампањата е небалансирана поради активната вклученост на претседателот (Ердоган) и неколку клучни национални функционери во кампањата за“. Со одлуката на Владата да се вклучи во кампањата за и да издвои значителни буџетски средства за тоа (според најавата само од Министерството за одбрана би се издвоиле 1 милион евра), кога воопшто не е јасно кој ќе ја води кампањата против, може отсега да се тврди дека таа ќе се одржи на нерамен терен во кој двете страни ќе немаат еднакви можности.

Како ОБСЕ и ОДИХР веќе најавија дека ќе вршат набљудување на референдумот, со посебно внимание ќе се очекуваат нивните ставови, посебно при јасен став за референдумот во Турција и јасните паралели со референдумот во Македонија.
Секако ќе биде крајно необјективно да се извлекуваат целосни паралели меѓу референдумите во Турција и во Македонија, пред сѐ поради прогонот и вонредната состојба во Турција. Истрагата против Стевче Јакимовски, можеби е за вршење притисок поврзан со ставовите на ГРОМ за бојкотирање како и со изјаснувањето на нивниот пратеник, и можеби и објавувањето снимки на Владимир Божиновски за евентуална дискредитација пред референдумот. Но тоа е далеку, далеку од нивото на прогон, со десетици илјади отпуштени, и илјадници затворени, во вонредната состојба во Турција, во чија сенка се одвиваше тамошниот референдум.

Ако референдумот е за европски вредности, за ЕУ (и НАТО), дали може да се постигне тоа со референдум на нерамен терен, без еднакви можности? За СДСМ и симпатизерите, потсетување дека нивните клучни забелешки, како и забелешките на ОБСЕ и ОДИХР, за парламентарните избори што му претходеа на договорот од Пржино, беа токму за нерамниот терен во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Дали една од ретките легитимни и споделени цели како евроатлантските интеграции не се делегетимира ако како средство се користи нелегитимен референдум?

Од тој агол минатата недела напишав дека во вакви услови можеби е подобро референдумот да не се одржи, и дека покрај таборите за и против, станува легитимен и таборот #бојкотирам. Некои од работите сѐ уште можат донекаде да се поправат. Премиерот Зоран Заев и други клучни национални функционери, треба да се држат понастрана од референдумот. Од друга страна, СДСМ може да се вклучи во таборот за, но да води кампања со сопствени средства. А ВМРО-ДПМНЕ мора да донесе одлука за референдумот, каква и да е, да овозможи навремено формирање на кампањата против. Кампања со финансирање од буџетот мора да има исклучиво карактер на информирање, без заземање страна. Доколку од буџет се финансира кампањата за, мора да се обезбедат еднакви можности и за кампањата против, па и кампањата #бојкотирам. Следнава седмица и власта на СДСМ и опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ мора да донесат одлуки, за да се поправат грешките што го водат референдумот во нелегитимност.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #СпоротЗаИмето #Референдум #Бојкотирам #ЕУ #НАТО