За градот во кој сум роден

Спроти вториот круг на локалните избори и според бројките и расположението во очекување на првата дама градоначалник на Скопје, еве една мала релаксирачка прозна цртичка на темата градот низ времето.
Градот во којшто сум роден / И во кој денес живеам / Порано имаше ниски куќи бавчи и градини / Плоштад, мал парк и стадион / Камен мост, Кале и аеродром
Секоја година некаде околу ноември или јули се навраќам на сонгот и стиховите што го пеев во седумдесеттите. Песната е снимена во Студио 2 на Македонското радио, како програмска определба на продукцијата за откривање и афирмирање домашни авторски профили, кантавтори, за каков што бев најверојатно третиран според строгите критериуми на продукцијата. Аранжманот го направи мојот пријател, покојниот Боби Мицев, клавирски виртуоз и талент, боем, син на познатиот професор Миодраг Мицев, голем познавач на психоанализата, Достоевски, театарот и пасиониран играч на спортска прогноза. Со Боби, кој во тоа време беше голема музичка надеж, се договоривме, а и така направивме, аранжманот да биде мелодиски развиен, а текстот да се испее во т.н. парландо-манир.
Мојот прв сосед беше правник / Не беше оженет / Играше фудбал беше познат и омилен / Јас бев негов редовен гледач / Го ценев и бев горд што го знам
Праволиниски и во баритон регистар, го отпеав и овој текст, по што ги начув и првите шеговито цинични коментари по ходниците и музичките кулоари, дека сум прозвучел како поп, дека во песната се чувствува траур, дека велелепното најубаво тонско Студио 2 на Балканот сме го претвориле во црква и слични скерца.

Рефренот со мелодиско ритмичниот набој ја ублажи мачната ситуација. Продуцентот и луѓето во тонската режија како да се разведрија и здивнаа, сонгот најверојатно им прозвучи во духот и рамките на стандардниот шлагерски звук и ќе можат полесно да го оправдаат доделувањето на терминот на „надворешни таленти“ – кантавтори, што носи секогаш извесен ризик.
Бевме деца во тоа време / Фудбал беше во секој од нас / Во маало главен беше мојот сосед / Сакав таков да бидам и јас
Во времето за кое пеев, навистина го сакавме фудбалот, а мојот прв сосед беше вистинска личност и студираше право. Играше за некои од скопските клубови и ни беше идол. Со Тома Петровиќ, денес покоен, долги години бевме колеги режисери во Македонската телевизија и при нашето дружење го коментиравме во шега тој момент на идолопоклонство што го бев вградил и во своето однесување и секогаш го „признавав“ како респект од раната маалска фасцинација.
Градот во кој сум роден / И во кој денес живеам / Во 63-та беше срушен од земјотрес / Тој ден јас бев на морскиот брег / Се вратив со првиот воз
Продолжува и се згуснува текстот, парландото добива интензитет и драматичност.
Возот со којшто се вратив / Во градот во којшто живеев / Пројде покрај многу срушени домови / Застана на урнат перон / Застана на урнат перон
Повторно негодување во тонската режија. Продуцентот со забелешка, дека толку многу текст во една песна немало досега во историјата на македонската забавна естрада. Така ти е тоа со кантавтори, благо се себепрекори и одмавна со рака во знак, да продолжиме со работа.
Бевме деца во тоа време / Тажен беше и стар и млад / Го немаше веќе мојот сосед / Малку остана од нашиот град
Повторно рефренот, мала кафе-пауза и прашање од тон-снимателот, кој е „мојот сосед“, дали навистина постоел, што во некоја рака ми потврди дека текстот има смисла штом буди интерес и отвора прашања. Тоа ми ја врати самодовербата.
Градот во кој сум роден / И во кој денес живеам
Денес е голем светол и модерен / Има и нов стадион / Но стои и оној урнат перон…
Се исклучуваат магнетофоните, скапата миксета единствена од тој вид во тоа време на Балканот.

Продуцентот и тон-мајсторот прибележуваат нешто во картоните и песната што ја носев во себе и ја подготвував со години е веќе дел од огромната прашлива фонотека на националното радио во која и ден-денес се наоѓа. Песната во која е испеана мојата љубов кон Скопје, искрено со мера, без естрадна лажна патетика, а може да се чуе одвреме-навреме и денес во некои пригодни програмски појаси, најчесто околу годишнините од земјотресот или во некои од емисиите на мојот драг колега од радиото, Гиш, вљубеник и посветен, вреден истражувач на малку познати скопски знаменитости.
Ова се случи во фамозната 1984-та и во некоја рака беше инспирирана и поттикната од еден градителски подвиг. Имено, во тоа време беше направен дел од јужната фудбалска трибина, што за мене и мојата генерација вљубеници во фудбалот беше случка од собитиен карактер. Само еден дел од стадионот, една трибина и бевме во зоната на возгордеаност и себечувствие.
Според хронолошките податоци, масовната изградба на поголеми станбени објекти започнува најпрвин во центарот на постземјотресно Скопје, и тоа во состав на т.н. Градски ѕид, кој е идејно дефиниран со конкурсниот проект на Кензо Танге. Но при разработката на проектот со т.н. деветта варијанта се отстапува од конкурсната идеја за Градски ѕид оформен со повеќекатни терасести блокови, кои се заменети со станбени кули и ламелни станбени блокови. Домашни и странските архитекти учествувале со масовната обнова и градба на новото Скопје. Така никнуваат фамозниот Градски ѕид, новата железничка станица, а јавниот простор во градот го узурпираат и освојуваат футуристички градби – архитектурни фантазмагории во натур-бетон како комплексите УКИМ, МНТ, Пошта и сл.

За првиот објект на МНТ, кој беше одбран на меѓународен конкурс, подоцна се разбра дека бил одбиен на други меѓународни конкурси, но кај нас ги исполни строгите „постмодерни критериуми“ и евалуации. Неколкупати потоа беше препокриван и реновиран однадвор и внатре, затоа што не „држеше“ вода, прокиснуваше. И денес е тука на местото и сѐ уште ги збунува и граѓаните и посетителите таа постземјотресна „карабина архитектура“.
Македонската архитектура во втората половина на 90-тите години ја доживува следната архитектонска фантазмагорија. „Се проектираат и започнуваат да се градат голем број разновидни објекти, а преку проектите одново заживува истражувањето на нови можности во архитектурата, кои според својот архитектонски израз се движат од неорегионализам до реинтерпретација на пионерските движења на модерната“ според посочувањата и оцените на компетентни проследувачи и познавачи на состојбите. Реконструкцијата на градот Скопје по оцена на кустосите на МОМА во 2018-2019 е окарактеризирана како бруталистичка бетонска утопија, а проект на Кензо Танге метаболистички.
Така беше тогаш, со тоа во извесна смисла се приведе кон крај една етапа во постземјотресно Скопје, време во кое на планот на градењето се случија навидум многу работи, а некако градот отиде многу во широчина, ја загуби душата како што милуваат да се изразат поетски настроените. Подоцна нови објекти ги пренатрупуваат старите градски квартови, чија инфраструктура има ограничени можности. Настанува еден нов вид урбан хаос. Како најнегативен пример од таа област во последната деценија на 20 век се наведува Дебар Маало. Многу од градбите од времето на постземјотресно Скопје, ако ги споредите со новите зданија што никнуваат покрај нив изгледаат запуштено и тегобно, како далечно ехо на едно сфаќање на архитектурата и воопшто уредувањето во духот на уравниловката и скромното социјалистичко милје
Градот, новите зданија, споменици, фонтани, независно од сите плукачи, е заокружен и целосен на радост на сите што посакуваат да се гордеат или пофалат со него.

Веќе има алтернатива на злобните и тенденциозни визури што редовно ги нудеа странските дописници (Топаана, Шутка, бездомници и питачи, понекој стутулен старец, трошното Маџар Маало, понекоја депонија или преполн контејнер по кој претураат босоноги – значи бездомни или беспризорни дечиња). За вкусовите не спориме – има решенија што поинаку би ги реализирале и јас и критичарите. Многу од постземјотресните градби беа со логична функционалност, но и со архитектонски заблуди (нека извинат љубителите на натур-бетон).
Вревата и дебатата за еклектизмот, стиловите, кичот, што упорно се создава кај дел од јавност се неубедлива аргументација на оние што некогаш го нагрдија, испокрадоа или го откупија по багателни цени половина од постземјотресно Скопје.