За Гоце, проштевај граде мој!

Да се зборува и пишува за Гоце Делчев е лесно. Не е никаков предизвик да се раскажува за човекот што станал легенда уште додека бил жив. Неговиот прв биограф, инаку Гоцев другар и соборец, еден од најпознатите и најголемите бугарски поети на сите времиња Пеју Јаворов – циганинот од Чирпан како што од творечка и човечка завист го нарекувале во Бугарија во онаа време, за Делчев напишал приказни што ги видел и доживеал по македонските планини, во градовите и селата што ги поминале заедно ширејќи ја револуционерната борба и идеалот за слобода на Македонија. Во тие спомени Пеју Јаворов раскажува многу настани, и веднаш може да се разбере дека Гоце сите, ама сите, го чувствувале безмалку на ист начин на кој ние денес гледаме од документарните филмови како се доживува и прима Че Гевара. Со почит, восхит но и возбуда дека сте можеле да се сретнете со Гоце, односно со Ернесто. Дека сте зборувале со него. Дека сте го допреле или сте размениле допири и воздишки. Кога се знаело дека Гоце ќе престојува некаде во некое одредено место во некое приближно време, млади моми ги переле и гладеле најубавите носии и недели и однапред плетеле венци и кошници за храна и овошје за кога ќе се сретнат со Гоце да му ги подарат. Гоце бил неуморен во средбите со раководителите и членовите на организацијата но и отворен, едноставен и благ кон обичниот Македонец во настојувањата секому да му каже убав збор и да пренесе надеж и сила да се успее во борбата за слободата на татковината. Гоце бил бескрајно вљубен во својата земја што ја проектирал и преку почитувањето на природата, бил пријател со животните, и едноставен и скромен во се што правел. Гоце, буквално, внимавал каде ќе стапне за да не прегази ниту еден цвет. Има прекрасна приказна во збирката „Гоце“ каде што Пеју со наивен восхит го опишува Гоце како стои на врвот на еден рид, замислен и загрижен за настаните во Македонија: светот му тежи на плеќите а во раката држи и мириса едно горско цвете. Гоце бил кажан збор. Завет. „Гоце ми кажа“: било доволно да се изврши пресуда. Да се казни противник, па дури и да се убие предавник на народот и делото. Никому не му паѓало на памет да го проверува зборот на Даскалот, како што го викале, како што самоодбрале да го поистоветат со Христос, безмалку.

Во градскиот парк во Струмица, градот на кого му падна на плеќи одговорноста да го чува споменот за Гоце како безмалку негов втор роден град, се наоѓа споменик на Гоце Делчев во придружба на Андон Ќосев. Бескрајно жалам, му се извинувам на мојот роден град што го предадовме во рацете на вождот на врховизмот за од таму да почне а најверојатно таму и да заврши одрекувањето од него – Гоце, апостолот на македонската слободата но и од себе самиот – Струмица, градот на македонското предавството. Ако можеш, проштевај граде мој! Напишано е многу за Гоцевото последно патување во Македонија. И за смртта. И за крајот на сите надежи. Кога ја работевме претставата „Змеј Горјанин“ во театарот „Антон Панов“ во Струмица, истражувавме низ кукушани сѐ што знаат за Гоце од нивните татковци и дедовци. Во двата тома на Коста Пеев „Кукушкиот говор“ го откривме текстот од песната „Абре вија Кукушани“ испеана веднаш по смртта на Гоце. Но Коста Пеев не ја запишал мелодијата. Неколку години се обидував да дојдам до човек што знае да ја испее песната, која е зла прокоба за денот кога Македонија останала без надеж. И одеднаш пред нас блесна Симо, учител од Иловица, Струмичко, кој ни ја отпеа песната што ја пеела неговата баба. Скокнавме до небо! Ја снимивме на мојот мобилен телефон. Му ја дадов на Ване Јовчев од Синтезис, и самиот по потекло од Кукуш. Маестрото направи блескава обработка. Сузана Јовчева ја отпеа со специфичното кукушко назале. Бескрајно се радувавме што сме се допреле прав од историјата. Макар само со врвовите на прстите од едната рака. Тинче Ристевска во серијата „Болка на душата“ ја пееше од душа. „Абре вија Кукушани што сте толко нажалени, натажени? Как да не сме нажалени, натажени, вчера вечер ЧУДО СТАНА Гоце Делчев умрен падна!“ Смртта на Гоце била доживеана како „чудо“. Како нешто невозможно да биде возможно! Подоцна од дедо Гоце слушнавме што им кажувал нивниот татко, роден Кукушанец и „комшии со Дељчови“. Го пишувам на стандарден јазик, не на кукушки дијалект, за да го разберете потполно кажувањето кое објаснува се за тоа кој и што е Гоце Делчев. „Ах, Гоце? Гоце беше апостолот. Нели така се вели за оној човек што носи некоја вест? Добра вест, како што се вели. Бидејќи многу луѓе имало, кои биле големи даскали на организацијатa, и за тие луѓе се кажувале различни работи. За некого добри а за некого и не толку. Но за Гоце да се каже нешто лошо, нетокму, расипано – такво нешто не може да се случи! И кога станала таа работа, таму долу во Баница, Серско, подалеку од Кукуш е тоа, кај нас се слушнало уште истата вечер. Голема жал.

Тоа била голема жал. И во секоја кукушка куќа се жалело една недела, девет дена а некаде дури и до четириесет денови од после смртта, како на секого некој свој, домашен човек да му поминал. И од тогаш, па до ден-денешен не се родил никој рамен на Гоце. А еден Господ знае дали и ќе се роди?!“ Ни стана сосема јасно дека и најобичниот и скудно образован Македонец знаел да процени кој што бил и кој што заслужил да биде?! За сите други даскали и револуционери било дозволено да се зборуваат и негативни работи, да се критикуваат определени нивни карактерни особини или однесувања, освен за Гоце! Гоце Делчев бил идеал. Чиста вредност. Дијамант што секое удирање, стргање или брусење го прави само уште поубав и уште повреден. Има луѓе што се зачудени од сето ова што се случува во врска со партијата СДСМ и црвената буржоазија како спонзор на Зоран Заев и нивниот однос кон македонската историја, особено кон нејзиниот најромантичен дел – периодот на револуционерното организирање, борбата за автономија и неколкуте, за жал, од познати но и сѐ уште непознати причини неуспешни востанија. Само наивно чесни и навистина луѓе со добра воља и бескрајна желба ова да е само кошмарен сон а не јаве, не можат да ја прифатат вистината дека истите центри на црвената буржоазија инволвирани во УДБА најмалку три генерации наназад произведуваат пропаганда на омраза кон оние Македонци кои не се со нив. Во времето на комунизмот од илјада деветстотини четириесет и шестата па се до раните деведесетти години од минатиот дваесетти век тие произведувале државни лаги и измислици дека илинденците, востаниците, комитите, четниците и особено припадниците и приврзаниците на револуционерната организација се простаци, дивјаци и будали а оние што ги почитуваат се бугараши, антимакедонци и непријатели на Југославија.

За Гоце Делчев имаше државна пропаганда за одземање на вредноста на учен, образован човек, кога веќе им беше сосема јасно дека не можат да му го чепнат ореолот, митот и идеалот на романтичен народен херој. Па за таа цел имаа аксиома дека тој е само „простак и посерко“ (Гоце Делчев бил со кревко здравје, имал чир и страдал од неподносливи болки во стомакот!) и дека тој никогаш не рекол „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ туку тоа е фалсификат што во уста му го ставил Блаже Ристевски! И јас самиот сум бил замислен пред невозможноста некој наш, некој комита, небањат, смрден четник да има кажано мисла што е една од најголемите метафорични постулати за демократијата и еднаквоста на сите народи на овој свет. На сите времиња. Од Тукидид и почетокот до Фукујама и крајот на историјата. Кај може некој Македонец да биде толку паметен? Му благодарам на Пеју Јаворов што ги растури сите сомнежи што ми ги насадија училиштата на црвената буржоазија на комунистичка Македонија. Кога една по една ги откривав книгите и записите на Јаворов во Бугарија, се чувствував засрамен и поразен од тоа што сум поверувал на лаги и невистини. Подоцна, откако дојдов да живеам во Скопје, сфатив дека огромен дел од универзитетските наставници, интелектуалци, уметници и јавни личности, кои се образовале на македонските и југословенските универзитети воопшто и не слушнале за Пеју Јаворов и за тоа дека тој човек е свидетел на настаните што ги опишал! Долго време мислев дека тие луѓе кои во македонската интелектуална елита важеа а некои од нив и сеуште важат за образовани не биле дел од таа стихија на пропагандата и непријателство со намера, туку од незнаење! Таа пропаганда во социјалистичка Македонија постоеше и Бугарија има потполно право да ја смета за чин на непријателство кон неа, затоа што дел од таа антибугарска војна на поранешните Комунисти и тогашни непријатели на Бугарија, а сега преправени во Социјалдемократи и пријатели на Бугарија, беше насочена и кон големите бугарски револуционери, писатели и мислители.

Па за таа цел, за јакнење на нашиот детски антибугаризам им служеше една песничка, која на крајот од кажувањето имаше и одвратно пејоративна декламирање. кое завршуваше со стихот: „Иван Вазо(в) да ми ближе газо!“ Го пишувам ова за да знаат вистинопишувачите од штабот на фашистичката пропаганда на новокомуњарскиот врховен комитет на СДСМ дека знаеме кој се, што се, што прават и зошто го прават тоа што го прават, и дека се презрени од народот во најновата кампања за негирање на Гоце Делчев и револуционерната борба за слобода на Македонија како срамотен и примитивен чин на арамии и убијци! И самиот Пеју Јаворов негиран, навредуван и омаловажуван после првиот неуспешен обид за самоубиство кога и ослепува, на другарот, братот и соборецот Тодор Александров му пишува драматично писмо: „Драг Тодоре, прости ми, нека ми простат сите што ја изневерив Македонија. Јас умирам тука, во Бугарија“. И продолжува: „кажи ѝ на Македонија (како да е тоа жив човек, организам, суштество, а не територија.) кога ќе отидеш таму, дека нејзиниот син (јас се сметам за таков) умира во слободна Бугарија, овенчан со една најгнасна клевета. И кога таа (Македонија) ќе биде слободна, еден од другарите нека дојде на мојот гроб и да ми каже: Те поздравува нашата мајка маченица – таа веќе е слободна!“ Кога во 2010 година во Драмски театар во Скопје предложив да ја работиме претставата „Нирвана“ на големиот бугарски драматург Константин Илиев, дополнив дека таа треба да се игра така да се зборува на бугарски и на македонски јазик.

Мене не ми требаат лажни договори за да знам дека сите балкански народи се братски и дека делат исто минато, сегашност а и иднина! Пред десет години тоа го правевме оти верувавме во идеалот на Гоце за светот како културен натпревар! Ама искрено и од се срце. За време на подготовките на екипата и го покажав и писмото на Пеју Јаворов што погоре го цитирав. Не веруваа дека такво нешто навистина постои. Мислеа дека се шегувам, дека тоа е само дел од пиесата, од фикцијата на писателот Коста Илиев кој тој текст го ставил во устата на карактерот на Пеју Јаворов, а не вистински документ. Не можеа да прифатат такво нешто. „Нема такво нешто. Тоа некој на некого му го ставил во устата. Некој фалсификатор на историјата!“ Замислете како ми беше мене кога во библиотеката ги откривав сите тие работи. Сам и изгубен во големата Софија. Просто дете дојден од најзабутаната македонска провинција. Ги споделив моите збунети мисли со моите сокласници Бугари и тие ми се изнасмеаја со зборовите: Маке, редно беше да ти падне самочуствието на Александар Македонски и да прифатиш дека и Гоце Делчев ти е доволно за да се доживееш достојно! Сега, кога се самоодрекуваат од Гоце, сосема природно е да се чувствуваме недостојно. Затоа што одземањето на самочуствието на Гоце е одземањето на самочувствието за слобода и правда. Слободата, драги мои, е во идеализмот на Гоце, а правдата во анџарот на Ќосето. Ете ги, за чудо, сѐ уште стојат во градскиот парк во Струмица еден до друг. Ако не го изгубите Гоце, слободата, еден ден, може и да си ја вратите. Но ако не го вратите Ќосето, засекогаш ќе ја изгубите правдата!

Авторот е режисер и универзитетски професор