Западно и источно (не)знаење

Како тече времето, така сè повеќе се убедувам дека знаењето (во општествените науки) е конструкт, релација на моќ и одраз на односи на доминација. На пример, доаѓаш од правните науки, гледаш флагрантно кршење на сè што значи устав, закон, процедура – но, молчиш и дигаш раменици! Професори по меѓународно право зборуваат за реал-политика и за правото на посилниот, девалвирајќи ја правничката логика и обврзувачкиот карактер на меѓународните норми (особено оние што спаѓаат во јус когенс). Професори по политички науки мижат пред дефектите на она што јавно се промовира како демократија и политика во рамките на правото, па уште и легитимираат јавни политики што се против општото добро. Се прикажуваат како врвни педагози и психолози, а туркаат владина програма за реформи во образованието, која ќе им се удри од главчињата на најмладите, само затоа што доаѓа од Запад (т.е. е финансирана од Светска банка).
Слично е и со економијата како наука: слободниот пазар е светата крава без оглед на социјалните и други последици, кои го втемелуваат принципот на социјална нееднаквост и ексклузија. Навистина, се поставува прашањето: чуму служат општествените науки, кога одамна им станале слуги на моќните, на домашните владејачки клики и на нивните странски ментори? Приговори доаѓаат и од природните и од техничките науки, кои на инаков начин се ставени во служба и принудени да соработуваат со корпорации и други центри за моќ, бидејќи без нивната финансиска помош нема да можат ни реагенси за лаборатории да набават, а не пак нешто повеќе. Колку пари, толку музика – и ноти во волја на нарачателите!
Тоа е она што ни се случува и не само на национално ниво.

Она што е најстрашно, а што уште одамна го заклучија некои брилијантни дисидентски умови е дека науката е „разведена“ од моралот! Моралната и етичката димензија се сметаат за слабост, а не за силна страна на научната мисла, која ако не е критична и не се стреми кон подобро и похумано општество станува квазинаука. Науката е стерилизирана, лишена од емоции, од сочувство, од емпатија – дури и кога наводно се залага за нив (ама во рамките на општествениот, економскиот и политичкиот статус кво). Секогаш кога некој ќе го предвиди резултатот од акциите на моќните и ќе предупреди (како, на пример, за последиците од интервенциите во Авганистан, Ирак, Либија, Сирија итн.) ќе го прогласат за „недоволно научен“, недоволно аргументиран, па и за пристрасен.
Нема да ви се верува, ама во научните кругови не само што веќе нема слобода на мисла и говор туку и многу лесно можеш да се слизнеш и да те изеде темнината. Новата серија на Нетфликс, The Chair (би се превело како шеф на департмент) е само мал прозорец во застрашувачките тенденции што завладуваат во една и онака конзервативна средина, во која ректорите се повеќе загрижени за репутацијата и да не бидат тужени (се разбира, и за профитабилноста на студиите) отколку за слободата и вистината.
Ќе се прашате од каде сега ми дојде на ум оваа проблематика… Па, секојдневно живеам со неа, со сјајот и бедата на науката (која најверојатно треба да ја пишувам под наводници). Тоа особено тешко ми паѓа пред почетокот на секоја нова академска година, кога се подготвувам да застанам пред нова генерација студенти. За моја несреќа, во првиот семестар почнувам да ги воведувам во знаењата за политиката, политичкиот систем, институциите, човековите права, демократијата… Освен тоа, неодамна ми се отворија некои порти (портали!) што сум ги заборавила, иако пораснав и созреав во земја што ги знаеше сите четири страни на светот, а во која сонцето сепак изгреваше на исток.
Откако со децении амбицијата ми беше да се докажам на „западот“ (и донекаде мислам дека успеав во тоа), постепено сфатив две работи: едната дека и сјајот на Западот не е тоа што сум го мислела (во академска смисла), а второ – дека ми недостига дијалог, размена на аргументи и критичко мислење. Не дека некој надвор ме спречувал или цензурирал, но тоа било секогаш на личен ризик: ќе те поканат на конференција или проект – еднаш! И никогаш повеќе! Затоа што најголемиот грев е да не се вклопуваш во матрицата на (нео)либерализмот, ЕУ-мантрата и слично. Низ годините, имав среќа (откако го совладав одлично англискиот јазик) да пијам од изворите на мудроста и храброста на луѓе на кои не им беше најважна академската позиција, туку вистината, хуманизмот и доблеста.

Интересно, најголемиот дел од нив доаѓаа(т) од западната академска заедница, иако се нејзини изгнаници – како Хауард Зин (мојот личен херој), Ноам Чомски, Хенри Жиру, Ричард Фалк, Јан Оберг, Јохан Галтунг и мојот покоен ментор Хакан Виберг. Сепак, најсилно ме допирале гласовите на претставниците на критичката школа и на постколонијалната мисла како Кен Бут, Едвард Саид, Хамид Дабаши, Валтер Мињоло, Алехандро Бендана, Вилијам Е. Дубјуа и безброј други. Иако овие извонредни ликови биле светилници во мракот, сепак по извесно време човек се прашува: а каде се другите? Што би рекла мојата драга колешка и пријателка од белградските мировни студии, Радмила Накарада: како е можно да сме толку малку? Или сме толку слабо организирани за да ни се чуе гласот? Всушност, нè има, насекаде нè има, ама империјализмот на англискиот јазик доведува до тоа да не се препознаваме и среќаваме. Дури ни во научни списанија или конференции, затоа што селекцијата за тоа кој може и смее да се појави/објави/зборува е во рацете на само едната страна.
Падот на Берлинскиот ѕид не значеше уривање и на сите други студеновоени бариери. Напротив, битката беше сè да се врами во западната (победничка) матрица. Епистемологијата стана оружје на уште поголема и непомирлива идеологизација од претходната. Во научниот систем се воведе хегемонија на некои што се повеќе вредни, од некои други што се (по нивна дефиниција) назадни, реакционерни или неразвиени и неспособни… Ако сакаш да те покануваат или објавуваат, мораш да зборуваш и размислуваш како „нив“, па дури и да зборуваш глупости, како „нашето сонце изгрева на запад“. Но ако не робуваш на матриксот, можеш да си отвориш нови прозорци за човечка и интелектуална комуникација.
Затоа и ќе ја споделам јавно среќата што стапив во контакт со руската академска заедница: прво, објавив една статија, а сега подготвувам втора; станав член на уредувачки одбор на едно списание од областа на политологијата (колегите беа толку внимателни што дури ме прашаа дали смеам да ја прифатам нивната понуда, бидејќи мојата земја е членка на НАТО и да немам последици); добив понуда за превод и објавување на мојата книга за членството на Македонија во НАТО во Русија. На шега, домашните ми рекоа дека кога веќе сум тргнала на „исток“, на ред е Кина. И по некоја случајност, пред неколку дена добив покана да учествувам во кинеско-македонски научен проект. Се радувам многу што конечно се шират хоризонтите, што ќе можам да комуницирам и да разменувам мислења и знаења со колеги, кои, иако доаѓаат од земји што го претставуваат најголемиот дел од човештвото, овде се третираат како „маргинални“. Ако веќе државите и елитите ги менуваат природните закони и законите на физиката, тогаш ние треба и може да градиме мостови и да се почитуваме, не според местото на светската карта, туку според други вредности. Јас не гледам причина за дискриминирање, потценување или држење на дистанца на едни за разлика од други. Тоа што е светот поделен е резултат на глобална политика на моќ и милитаризација, а не на „природни закони“.

Југославија, земјата во која минав повеќе од половина живот, ме научи да бидам отворена кон различностите: и дома и надвор, да бидам љубопитна, да знам да ги ценам јазиците, културите, традициите, знаењето и убавината од каде и да доаѓаат! Да, зборувам за политиката на неврзаност! Киро Глигоров имаше своја балканска верзија за Македонија: политика на еквидистанца, со сите во пријателски односи, но со никого специјални (поблиски или подалечни) односи на соработка.
И на крајот, од толку трчање по рогови (членување во западниот клуб), ќе останеме и без ушите (ќе се изгубиме и распродадеме себеси). На државната хипноза не можам да влијаам, но затоа лично можам (додека можам) повторно да го откривам светот. Едвард Саид одамна ни објасни, но кој да го чуе: „Истокот“ и „Западот“ се фикции, митски апстракции како нив се лаги, како и разните реторики на обвинувања на кои тие им дадоа поттик; културите се премногу испреплетени, нивните содржини и истории премногу меѓузависни и хибридни за да биде можно хируршко одделување на големи и главно идеолошки опоненти како што се Ориентот и Окцидентот.