Заедничката историја и потеклото по Дарвин

Од денешен аспект, навистина е комично некој да ги бара териториите што во одреден период ги поседувале или да ги посвојува ентитетите што живееле на тие територии. Да се претендира на некаква сопственост на идентитетот или заедништво денес е рамно на цртан филм. Србите може да бараат да им се врати Вардарска Македонија, која им беше доделена со Букурешкиот договор по Балканските војни. Ако некогаш воскресне Југославија (не се малкумина што го посакуваат тоа), ќе си го бара назад присвоениот дел. Бугарија, која во сите војни застанувала на спротивната страна, освен со балканските земји, има заедничка историја со фашистичка Германија на Хитлер, надевајќи се дека преку сојузништвото ќе ја добие Македонија.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов смета дека Бугарија и Македонија имаат заедничка историја. Истото тоа го смета и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев. Веднаш треба да се констатира дека и двајцата се во право, иако некои сметаат дека се во криво. ПоаЃајќи од тоа заедничко мислење, почнаа да ги градат новите пријателски односи меѓу двете држави. Но набргу по тие изнесени истогласни мислења, преточени и во потпишаниот договор за пријателство и добрососедство, се покажа дека таквиот став колку што е отворена желба за меѓусебна соработка уште повеќе крие замки низ кои тие односи може повторно да се усложнат и добрата намера да се претвори во лоша драма со комични изблици. До таква ситуација може да дојде особено ако се бара нешто што е невозможно, ако се мери „тежината на пердувот“ или ако се бара избор од само едно јајце. Во смисла: „еве ви јајце, па вие избирајте“, став што почнаа јавно да го наметнуваат бугарските високи политичари.

Зошто би дошло до пошироки компликации? Ако е точно дека Бугарија и Македонија имаат заедничка историја, не е неточно дека Македонија има заедничка историја и со други народи на Балканот, како што сите имаат заедничка историја со другите балкански држави. Кој повеќе, кој помалку, но околу петстотини години имале заедничко минато со Турција. Балканскиот Полуостров неколку века бил територија во нејзино воено и административно владение. Сите граѓани од завладеаните територии биле турски поданици (државјани), турскиот бил службен јазик, грчкиот бил доминантен во трговијата, од Истанбул до Земун. Таа заедничка историја, измешана со мир, со востанија и класични војни, е долга и широка, но сепак е заедничка и неоспорна.

Македонија, развојот на македонската национална мисла и политика, од нејзините никулци во турско време, сѐ до распадот на Титова Југославија, речиси сто и педесет години, не била поврзана само со Бугарија. Македонското прашање е поврзано и со Србија и со Грција. Ретко со Албанија и со Албанците, дури од почетокот на 20 век, но и тогаш само периферно, за денес да стане централна точка за неговата иднина и судбина. Дваесетина години траела српската кралска администрација, според едни историчари, или окупација, според други. Македонија и македонскиот народ најсилни и најчисти врски имале со државата Југославија, повеќе од 45 години. Клучна дестинација на раната македонска интелигенција и младата трговска структура не била само Софија. Градови кон кои еднакво се стремеле и во кои се образовале, созревале и дејствувале биле и Стамбол, Солун и Белград. Тие беа и порта и крстосница низ кои влегуваа и се ширеа идеите за посебноста на македонскиот национален идентитет.

Според грубата, непрефинета логика за заедничка историја, сите споменати земји би можеле да претендираат на сопственост врз Македонија, како за територијата, за националниот идентитет на населението, за историското и културното наследство и слично. Не се непознати фактите дека се оспорува македонскиот идентитет. Бугарските националисти (и не само тие) сметаат дека Македонците се Бугари, српските закоравени историчари сѐ уште сонуваат и тагуваат за некогашна Јужна (Стара) Србија и за „своите“ јужносрбијанци. Иако инцидентни, но сѐ позачестени и во сама Грција се пројавуваат мислења дека не постојат Македонци и дека тие се неосознаени Грци. Следејќи ја таа логика сите, денес или утре, доколку се укаже потреба или нивни интерес, може да бараат некои промена на имиња на државата, нови граници, некоја поинаква сукцесија или потпишување нов договор за пријателство и добрососедска соработка, повикувајќи се на заедничката историја.

Можеби е надвор од контекстот, но до кој степен може да се релативизира функционалноста на заедничката историја меѓу државите (царствата) и народите може да се посочи на споредбата што некои ја прават меѓу Римското Царство и создавањето на Европската Унија. Демек, Унијата е обид за возобновување на старото Западно Царство во уште поголеми граници. Од друга страна, друг сличен пример е сонот на некои турски националисти за оживување и на Византиското (Источното) Царство и Османската Империја, само во поинаков облик и на поинаков, модерен начин, пред сѐ преку бизнис-зафати, од Босфор до јужен Јадран. Не само со опфат на европски туку и на други земји, дури до Африка.

Постои податок дека Турците во времето кога владееле со Египет, за време на султан Сулејман, презеле и пренеле од Египет во Турција триесет и пет занаети. Заедно со занаетите во Турција ги префрлиле сите занатлии од тие занаети. До последниот, од мајсторите до помошниците, до калфите и чираците сосе нивните семејства. Една занаетчиска историја затвориле во Египет, отвориле нова во Турција, по што империјата бележи голем „технолошки“ напредок. Сега процесот би бил обратен – Турција економски да се врати во Египет, споделувајќи ја заедничката историја во мир и разбирање.

Од денешен аспект, навистина е комично некој да ги бара териториите што во одреден период ги поседувале или да ги посвојува ентитетите што живееле на тие територии. Да се претендира на некаква сопственост на идентитетот или заедништво денес е рамно на цртан филм. Србите може да бараат да им се врати Вардарска Македонија, која им беше доделена со Букурешкиот договор по Балканските војни. Ако некогаш воскресне Југославија (не се малкумина што го посакуваат тоа), ќе си го бара назад присвоениот дел. Бугарија, која во сите војни застанувала на спротивната страна, освен со балканските земји, има заедничка историја со фашистичка Германија на Хитлер, надевајќи се дека преку сојузништвото ќе ја добие Македонија. Да не спомнуваме за вековната историска поврзаност со Русија и за заслугите на Русите за неколку ослободувања на бугарскиот народ или за време на комунизмот, кога бугарската политика се трудеше да биде поруска од руската. И ај сега Русите да бараат некаква руска жица во европска Бугарија и да уценуваат врз основа на таа заедничка историја.
Вакви глупаво претпоставени ситуации и потсетувања за заедничката историја може да се редат во недоглед за да се видат нивната комичност и бесмисленост во денешно време.

Навистина, без намера за каква било навреда, може да се каже дека многу апсурдни, антимодерни, антиевропски, антидобрсоседски се бугарските барања за некакво признание од страна на Македонија дека Македонците биле или се Бугари, дека имаат бугарско потекло и сѐ што се надоврзува на тие барања. Ако цврсто го држат тој став и ако сите траги ги бараат во дамнешното минато, на крајот ќе дојдат до атавистичкиот, Дарвинов заклучок дека сите потекнуваме од мајмуни. Првин Бугарите како постар народ, потоа Македонците како нивна помлада фиданка. Ако се потпираат на таквите архаични, генетски, биолошки, историски и други совпаѓања, тогаш повеќе од сигурно ќе се докаже дека и едните и другите имаат многу заедничко со Дарвиновата теорија за настанокот на човекот.

[email protected]