Заев (не) ја продаде Македонија

Настани, симболи, алузии

Неоспорно е дека претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, за дел од македонската јавност е јунак над јунаците, единствен во современа Македонија, седумдесет години наназад, што се охрабрил да го сврти нанапред тркалото на историјата на македонскиот народ. За интернационален херој е прогласен од дел од меѓународната заедница, зашто само тој собрал храброст да даде согласност да се смени името на сопствената држава, да се смени или избрише историјата на неговиот народ. Нема политичар, научник, спортист или која било друга личност од која било струка, нема Македонец по род, кој е китен со толку лаври, кој добил толку јавни пофалби од високи меѓународни фактори и личности колку што добил Заев. Тој е еден и единствен со такви признанија. Можеби блиску до остварување на таквиот сон за меѓународна слава беше претседателот Борис Трајковски, по војната во 2001-та и по потпишувањето на Охридскиот договор, но го оддалечи кобната судбина, која го вознесе во облаците, не преживувајќи ја авионската несреќа кај Мостар.

Кај друг дел граѓани, во сама Македонија и во дел од дијаспората, мислењето е поинакво, сосема спротивно. Наместо на фалби, за истиот чин, е подложен на остри, жестоки, погрдни критики. Од нив често може да се чуе и прочита дека Зоран Заев ја продаде Македонија давајќи им на Грците согласност да се сменат името и Уставот. Други, наместо „ја продаде“ ја употребуваат реченицата „Заев ја предаде Македонија“. Лексички гледано, зборовите продаде и предаде се слични, графемите се идентични, разликата е само во една буква. А таа една буква колку што ја изразува блискоста по значење, толку ја изразува суштинската разлика.

Глаголот „продаде“ (свршено време) објаснува дејство кога се дава нешто за пари, се продава стока, имот и слично. Продавач е тој што има нешто што е негово, сопствено, стекнато или наследено и што го продава тоа. Продавач е и оној што е вработен во продавница (маркет или мол каде што има повеќе згодни продавачки одошто продавачи). Со продавач се именува и тој што продава куќа, стан, нива, автомобил, слика, како и оној што продава весници и цигари, продава на тезга на зелен пазар, или продава на големо зелка, краставици или бостан, зеленчук и овошје. Продавач, иако полуилегален и нерегистриран, е и оној што е невработен, што е технолошки вишок или социјален случај, а продава на некој ќош или на улица. Продавач е и оној менаџер во големи и мали фирми што е задолжен за продажба на производ. Продавач не може да се нарече некој што продава нешто што не е негово, што е туѓо. За таквите лица има соодветен, неубав збор.

Освен нив, кои може да се видат со голо око, има продавачи на идеи, на консултантски услуги, легални продавачи на оружје, нелегални продавачи (шверцери). Не е мал бројот и на продавачи на магла, особено во сложени политички ситуации и кај недорастени средини и народи. Нема некоја меѓународна или домашна статистика колкав е нивниот број, но познато е дека тие, во мнозинство, ја водат државната политика. Во таа категорија може да се наредат и продавачите на ум, главно персонализирани како јавни или тајни советници. Во народот се познати и продавачите на басми, од што е произлезена и соодветната поговорка „ај, не туку ми продавај басми!“. Под басма се подразбира шарена лага.

Глаголот продаде има и преносно значење во смисла на: изврши предавство, предаде некого, изневери нешто, премина на страната на противникот, го погази своето достоинство поради користољубивост и слично. Колку пати сме чуле или самите сме рекле: се продаде за пари, се продаде за власт, за привилегии или, по најново, се продаде за да добие тендери или субвенции. Или, што би рекле во црквата: за малку пари ја продаде својата чест, како што Јуда го продаде Исуса за триесет сребреника.
И свршениот глагол предаде, освен основното значење, дека даде некому нешто, однесе и достави нешто на определено место, има и поинакви значења. Предаде, слично на продаде, значи некој нешто да изневери, да откаже верност, да накодоши, да поткаже, да открие тајна, да изврши предавство. Не еднаш се изговорени речениците: ја предаде земјата, ги предаде националните интереси, ја предаде партијата, го предаде брата си.

Предавање е и дејство кога од нешто се откажуваш без борба, или престануваш да се бориш за тоа што си почнал. Како во бокс-меч кога фрлаш крпа во рингот по некоја рунда или во шах кога ја предаваш партијата. Да се предадеш, значи си капитулирал. Можеш да се предадеш сам, како што може да те предадат најблиските, како што обично се случува.

На чинот на предавство може да те натераат и околностите, ако некој со нешто те држи во џеб, ако принудата, заканите и уцените што ти се упатуваат налагаат да мора да се предадеш, сакал-нејќел. Во таков случај ќе се предадеш ем себеси, ем делото за кое си се колнел дека нема сила што може да те спречи да не го завршиш. Човек некогаш се предава на соништата, некогаш на судбината, некогаш на заборавот. Но едно е неизоставно и извесно, сто посто сигурно: кој и да е, каков и да бил, праведен или грешен, порано или подоцна, предава душа богу, иако пред тоа можеби повеќепати му ја предал (продал) на ѓаволот.

Сега доаѓаме до поставеното прашање во насловот на текстот: дали Заев ја продаде (предаде) Македонија? Сигурно дека име на држава, идентитет на народ, неговото минато и историја ниту имаат цена ниту може да бидат предмет на пазарење, на продавање и купување. Нема пари со кои може да се плати таквиот чин, иако еден поранешен жив и здрав министер, сезнајко и лакомко, се обиде тоа да го стори примајќи куферче со бедни милион долари.

Имајќи ја во вид таа до денес неразјаснета случка и не исклучувајќи го таквиот начин на решавање на прашањето со името, еве и една таква имагинарна теза. Согледувано, да речеме, не од неполитички, туку од практичен и материјален аспект, Заев не ја продаде државата. Ако го стореше тоа, сигурно ќе беше уште поголем херој, не само славен туку и благословен од сите граѓани. На пример, ако во спогодувањето со Грција, со НАТО и ЕУ за промена на името и Уставот, утврдеше парична цена во износ од десетина милијарди евра. Да речеме да бараше пари од оние што од него бараа да ги жртвува историјата и идентитетот на еден народ. Да се покажеше како „успешен бизнисмен“, како што го бие гласот и што докажа со успеси како градоначалник на Струмица. Тогаш ситуацијата ќе беше многу поинаква. Во случајов, во големата трговија меѓу Македонија и Грција, Македонија доби грстови фрази со пофалби и признанија, а остана само на зборови и без скршен грош, без ниту едно евро за заслугите. Признанија како пишани картонски плакети или лимени значки, ништо конкретно и материјално.

Ако е планирано Северна Македонија да влезе во ЕУ по десет-дванаесет години ќе беше во ред и не ќе беше за срамота, преговарачите за името и водачите на новата држава и новоименуванот народ, како средства за имплементација на сите преземени обврски од спогодбата, како лек за залечување на раните и душите, да побараат и да добијат солидна меѓународна парична помош. Нешто слично како „маршалов план“, по чиј модел многу земји направија историски исчекори напред во својот развој. Еве една проста математика: ако сегашниот македонски буџет стигнува близу 5 милијарди евра, промената на името и Уставот Заев да им ги продадеше на Грција, ЕУ и НАТО за минимум 50 милијарди евра. Да бараше 100, а да се спогодеше за педесет-шеесет. Тоа би бил разумен компромис, тоа би било фер решение. Дали во самата спогодба или во нејзин анекс, да се обезбедеше одредба што гарантира за десет години по пет-шест милијарди годишно да се влеваат дополнително во буџетот за граѓаните на Република Северна Македонија. Токму грчкиот пример околу парите и долговите ни покажува како преку упорноста на премиерот Алексис Ципрас и неговите отстапки и промени направени во грчкото општество и економската стратегија, Европската Унија ѝ прости (ја награди) на Грција над 300 милијарди евра. Тоа се вика успешна трговија.

Со тие пари Република Северна Македонија ќе немаше никаков проблем со партиите, со опозицијата, со граѓаните, не ќе се судираше со неизвесности околу референдумот. Лесно и без отпор ќе ги спроведуваше сите барани реформи од судство до образование, од власт до корупција и криминал, ќе ја релаксираше општата ситуација, ќе ги подобреше и стабилизираше меѓунационалните односи. Со тие пари брзо ќе се стигнеше до најмала плата од 1.000-1.500 евра, до најмала пензија од 800 евра. Со тие пари ќе се отвореа работни места, градинки за деца, пензионерски домови, ќе се градеа болници. Тоа ќе се викаше историски, милениумски пресврт. Тогаш не ќе бевме нервозни, дури и хистерични во нервозата, ќе немаше националисти и антинатовци, ќе бевме зрели за да бидеме рамо до рамо со граѓаните на Европа. Чисти и богати Европејци. И сите ќе остануваа во Северна Македонија како ветена земја.

Таквата спогодба од грчка Мала Преспа би била голема работа, голема победа, би нѐ направила вистински и горди северномакедонци. Во такви услови би се славело не само на сите плоштади туку и на сите ќошиња и во сите домови. Од најбогатите до најсиромашните. Кога би било така, ретко кој би рекол или напишал дека Зоран Заев ја продал или предал Македонија. Сѐ ќе беше реалност, а не фикција, како што се и овој текст и изнесените претпоставки во сферата на имагинацијата.

Не сум економист или правник, но познато ми е дека во светот, при решавањето спорови меѓу држави, меѓу компании, меѓу организации, меѓу брачни другари, меѓу поединци, во деведесет отсто случаи во прашање се пари. И во секој договор или спогодба станува збор за пари. Еве го Доналд Трамп, секаде каде што оди зборува за пари. Америка, низ историјата, со пари има купено повеќе од една третина од својата сегашна територија. Славно е купувањето на Луизијана од Франција, но најславно и до денес најзначајно е купувањето на Алјаска, кон крајот на 19 век, од Русија, за сума од 7,2 милиони тогашни долари. Низ такви процеси стана најсилната држава на светот. Британија бега од ЕУ заради пари, во НАТО и во ЕУ земјите се расправаат за многу нешта, но секогаш во центарот или во заднината се парите. Сето друго, фингеровките за демократија, за човекови права, за криви краставици и слично, е секундарно и споредно, напати дури и смешно.