Заевата ерес

Не знам, не сум доволно умен, можеби дедо Наум ќе му објасни на своето духовно чедо, може ќе му ја даде својата книга на читање „Ни јас не ви кажувам…“, навистина не знам, ама во едно сум сигурен, ние треба да се молиме за спасение на душата на Заев, а Македонија, тој и да ја распне, и да остане до крај безумен како Кајафа, Светиот Дух ја избрал за себе и еден ден сигурно повторно ќе ја воскресне. Или и сега ќе ја спаси

На самиот почеток да ви соопштам дека ова ќе биде чудна колумна. Ќе има многумина што ќе ја доживеат „на нож“. Тогаш најдобро е сепак да кажам дека можеби атеисти и агностици не треба да ја читаат. Не дека ги сметам за недостојни, скраја да е, ниту сум убеден дека нема да разберат, ниту пак сметам дека писаниево само верници ќе го разберат. Сакам да напоменам дека има луѓе, пред сè атеисти и агностици, кои сомничаво ќе гледаат на неа.

Република Северна Македонија. За севкупна употреба. Стигнавме до крајот на безумноста. Македонија наскоро ќе ја снема. Нејзиното име, идентитет, народот и културата… сè ќе отиде по ѓаволите. Илјадници години борба за слобода, крв, жртви и страдања, стотици илјади убиени за создавање македонска држава и одеднаш со еден потег, ќе отидеме бестрага. Поради перверзните желби на изопачената моќ. Поради Грција и Британците, Европската Унија и „длабоката држава“, поради НАТО и победа на неонацистичката идеја за укинување цели народи и држави. А најмногу, поради нашата безумност. Штом стигнавме дотука, образовани луѓе да тврдат дека мора да се промени името заради влез во ЕУ и во НАТО, оти таму ќе сме доживеале материјална благосостојба, јасно е дека безумието господари над нас. Да ги убедиш луѓето дека ЕУ и НАТО ќе им донесат пари и уживање, а да ја имаш реалноста на Бугарија, Романија или Португалија пред себе, станува јасно дека оние што убедуваат во ваква глупост, ја изгубиле душата, а оние што им веруваат, одамна се и без ум и без душа. Не само што ЕУ и НАТО не ги лекуваат домашните болести, туку неоспорен факт е, во нив, сиромашните земји стануваат уште посиромашни.

Но, безумното мнозинство секогаш принесувало жртви. Историјата го потврдува тоа. Безумното мнозинство ги каменуваше до смрт старозаветните пророци, го распнаа Христос, го ставија на клада Џордано Бруно, фрлаа во арени луѓе пред ѕверови, палеа жени на клади, креваа крвави револуции по кои сами стануваа исти како претходниците. Така ќе биде и тука. Безумните ќе ја каменуваат Македонија, ќе го распнат нејзиниот идентитет, пред ѕверки ќе го фрлат македонскиот народ, на клада ја ставаат македонската култура. А на чело на оваа безумност стои Зоран Заев. Тој, во името на денешниот изопачен Молох, е нов Навукодоносор, кој во печка ќе ги фрли Македонците. Тој е нашиот Кајафа што ќе ја распне Македонија, тој е македонскиот Нерон, големиот инквизитор, новокомпонираниот фирер, кој симболично ќе ја вклучи гасната комора на новиот идентитетски геноцид среде холокаустот на модерниот Аушвиц. Со него започнува Заевата ерес.

Со смртта на Македонија засекогаш нешто ќе умре во мене. Ја слушам сопствената душа како вреска од немоќ, паѓа во очај, плаче над обезглавеното тело на татковината. Огромен број луѓе се во очај поради тоа што нивната душа едноставно не е подготвена за сето ова зло. Затоа толку често го слушам она страшното, „Ќе му пресуди ли некој?“. Веднаш да објаснам пред да се крене безумна паника, никој од овие скршени луѓе нема ни помисла, ни намера да пресудува. Тоа е едноставен, иако страшен, крик на очај и беспомошност. Нивните зборови се безопасни, но она што го имаат во срцето, е од тоа јас би стравувал да сум на местото на Заев. Таму, во нивните срца, поради идентитетската гибел во најава, тлее исконска омраза спрема оној што ја одработува. А таа не е како онаа хистеричната, грантирана и помодарска омраза на „шарените“, интелектуалната бижутерија и нивните поддржувачи.

Не, ова е омраза, која е толку силно енергетски насочена што ќе создаде несреќа не само кај еден човек, туку и кај неговите потомци. Токму затоа ја пишувам колумнава, за да им се обратам на овие луѓе, да ја искоренат омразата од своите срца и да почнат да се молат за спас и покајание на еретикот. Затоа што овие обични, простодушни луѓе, кои ја љубат Македонија и стравуваат од најавеното идентитетско исчезнување, па затоа мразат, не знаат дека Заев веќе е мртов. Во најсуштинската смисла на зборот, мртов. Само што дедо Наум изгледа уште не му кажал. Дека неговата душа е мртва. Самиот ја уби хулејќи против Светиот Дух. Затоа што, како што рече Господ Исус Христос, „Секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето. И ако некој каже збор против Синот Човечки, ќе му се прости, но ако каже нешто против Светиот Дух нема да му се прости ниту на овој век, ниту на идниот“.

А Заев ја почна својата ерес хулејќи против Светиот Дух. Ќе ви објаснам. Преданието вели дека кога апостолите одлучуваа кој каде низ светот ќе го шири Евангелието, на Богомајката ѝ се падна Грузија. Но, ангел Господов ѝ рече да почека, затоа што Божјата промисла за неа има друг план. Некое време потоа, Пресвета Дева Марија тргна на пат со кораб кај владиката кипарски Лазар (воскреснатиот). Но, бура ја фрли во Белото Море и ја закотви на земјата македонска, во Света Гора Атонска. И Светиот Дух ѝ објави на Богомајката дека ова место Бога ќе го прославува. Потоа, на апостол Павле, на сон му се јави Македонец и му рече, „Дојди во Македонија и помогни ни“. Носен од Светиот Дух, апостолот дојде во Македонија и тука ја создаде првата Христова црква на територија на Европа. И потоа ни објави, „Одевме во Ахаја (Грција) и Божјиот Дух не одеше со нас, заминавме во Македонија и Божјиот Дух одеше со нас“. Ова се клучните зборови. Оттука гледаме дека Светиот Дух ја избира Македонија, ја избира, именува и запечатува како вистина, како своја. Насилната промена на светите зборови во Христовиот завет, е хула против Светиот Дух.

А Заев сака да го избрише, од Светиот Дух запишаното. И не само тоа. Не само што почна ерес против Светиот Дух, туку го избра идолопоклонството. Им се поклони на лажните пророци Бејли, Гарет, Хан, Могерини и Столтенберг. Крена идоли на „длабоката држава“, ЕУ и НАТО. И ја поплука Божјата заповед, „Немој да имаш други богови освен Мене“. Не знам, не сум доволно умен, можеби дедо Наум ќе му објасни на своето духовно чедо, може ќе му ја даде својата книга на читање „Ни јас не ви кажувам…“, навистина не знам, ама во едно сум сигурен, ние треба да се молиме за спасение на душата на Заев, а Македонија, тој и да ја распне, и да остане докрај безумен како Кајафа, Светиот Дух ја избрал за себе и еден ден сигурно повторно ќе ја воскресне. Или и сега ќе ја спаси. Затоа, да се помолиме! По молитвите на Твојата пречиста Мајка, секогаш Дева Марија, Господе Исусе Христе, дојди во Македонија и спаси ја од нас безумните!