Задолжителната Лисабонска декларација и незадолжителниот референдум

Во јуни 1992 година на самитот на тогашната Европска заедница како услов за признавањето на Република Македонија беше поставено името на државата да не го содржи зборот „Македонија“. За потсетување, во тоа време Македонија не беше признаена од ниедна постојана членка на СБ на ОН, како и од ниедна од тогашните дванаесет земји-членки на ЕЗ. Во непосредното соседство беснееја војни, девизните резерви беа незначителни, земјата немаше пристап до меѓународни кредитни линии, санкциите кон северниот сосед беа во сила, а ЈНА сѐ уште беше присутна во државата. Наспроти сето ова, ултиматумот содржан во Лисабонската декларација беше недвосмислено одбиен од тогашниот претседател, Владата и опозицијата. Како резултат на решителниот став на државното раководство, ЕЗ го поништи барањето од Лисабон на самитот во Единбург, во декември 1992 година, и прашањето за меѓународното признавање на Македонија беше префрлено во ОН. Тоа беше своевиден државно дипломатски успех во втемелувањето на новиот субјект на меѓународен план.

Дваесет и шест години подоцна, во јуни 2018 година, беше потпишан документот во Преспа, во чие подготвување меѓународната заедница беше вклучена од заднина. За разлика од Лисабон, овој пат најде партнер во лицето на Владата, подготвен да спроведе преименување на државата, сè со цел да ги задоволи своите геополитички интереси. На крајот, кругот се затвори навидум на најдемократски начин. Со закажаниот референдум, топката се префрла на македонските граѓани, како покритие и легитимирање на направените отстапки содржани во документот потпишан во Преспа. Неуспех на референдумот не може а да не биде земен предвид од меѓународната заедница чии највисоки претставници продефилираа периодов во земјава, како одраз на нивниот политички прагматизам и опортунизам. Во кампањата што се води за референдумот, како главна придобивка од спроведувањето на документот од Преспа се прикажува нашето идно потенцијално членство во ЕУ, кое, поучени од историјата на односите со јужниот сосед, ќе биде предмет на непрекинати условувања и блокирања при отворање и затворање на секое поглавје од преговорите. Грција ќе се придржува до преземените обврски околу нашето членство во ЕУ колку што се придржуваше до Привремената спогодба на самитот во Букурешт во 2008 година и до пресудата од Хаг. Притисок врз Грција за време на преговарачкиот процес ќе биде успешен колку што беше успешен претседателот Буш да го реализира своето залагање за прием на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт.

Признавањето под уставното име од страна на САД во ноември 2004 година, чиј тајминг беше симптоматично врзан за тогашниот референдум за територијалната поделба на земјата, за последица сепак имаше името Македонија да се зацврсти во американскиот медиумски и корпорациски простор. На тој план, битката за името во голема мера е добиена. Одекот од користењето на името Македонија низ годините, во светските електронски и печатени, како и социјални, медиуми и интернет-портали, има неспоредливо поголема тежина од ословувањето на нашата земја со референцата во официјалните документи на меѓународните организации. Милиони луѓе годишно доаѓаат во контакт со името Македонија, во контекст на нашата држава. Со преименувањето на државата со географска одредница, неповратно се губат стекнатите позиции за името и ќе бидеме предмет на своевидно ребрендирање. Користењето на придавките изведени од предложеното име во јавната сфера ќе стане неповратно и ќе резултира со примери како „северномакедонска“ репрезентација, валута, економија, култура, кујна, производи, граѓани итн. Досега, и таму каде што се користеше референцата, немаше можност за изведување придавки на таа основа. Со прифаќање ново име, се отвoра можност јужниот сосед да го присвојува името Македонија и на меѓународен план, во што досега немаше успех. Да биде иронијата поголема, во Грција воопшто не постои регион, т.е. административно-политичка единица со назив Македонија. Постојат три различни периферии (региони) именувани како Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија, со седиште во трите града, последователно, Кожани, Солун и Комотини. Самиот факт што трите периферии содржат географски одредници, претставува јасна дистинкција со името на нашата држава, Република Македонија.

Без да се навлегува во уставните и законските недоследности при потпишувањето и усвојувањето на документот од Преспа, како и при постапката за распишување на референдумот, преточувањето на неговата содржина во уставниот поредок на државата ќе има за последица не само редефинирање на Република Македонија туку и неповратно губење на стекнатите позиции за името градени речиси триесет години на меѓународен план. Настојчивоста на јужниот сосед со овој документ да се стават надвор од сила двете резолуции на СБ на ОН (817 и 845), како и Привремената спогодба, претставуваат јасен доказ за нивната намера да се ослободат од обврските што произлегуваат од овие документи, кои не им дозволуваат ексклузивно присвојување на терминот „Македонија“. Ние не сме во ситуација да го пропуштиме, туку Грција го брка последниот воз во битката за името Македонија.

Авторот е универзитетски професор и поранешен амбасадор
(Колумната е објавена во електронското издание на весникот на 28.9.2018 година, заради почитување на законската обврска за молк пред референдумот)