Заветот на солзите

Само оние што не ги виделе болката, понижувањето, очајот и солзите на жртвите на комунизмот, не може да ја доловат длабочината на злото што го продуцирале денунцијантите. Затоа заветот на солзите обврзува. Зашто болката e голема, а раната неизлечива, одбивајќи да се лекува

Само два дена по убиството на Цезар, Цицерон во римскиот сенат ќе изјави дека целото сеќавање за несогласувањата околу убиството треба да се предаде во вечниот заборав. Дали на Македонија ѝ е потребна оblivione sempiterna delendam. Дали треба да го сториме тоа со нашето минато?
Очигледно треба. Сѐ упатува на тоа. Само што помислив дека лустрацијата полека паѓа во заборав и се импрегнира со тишина што требаше целиот процес да го фрли во оставите на нашето сеќавање, Владата на Р „Северна Македонија“ предлага нејзино поништување, за да се исправи една долгогодишна неправда направена кон лицата што биле „жртви“ на постапките пред Комисијата за верификација на факти и други надлежни органи.

Оние од кои сакавме да го дезинфицираме општеството да ти биле „жртви“. Така е кога оставивме доволно простор и време системот неповратно да се загади до таа мера што каде и да се свртиш ја чувствуваш реата на оние што кодошењето го претворија во уметност на конверзацијата. Цинично и бескрупулозно е да ги споменуваш човековите права во контекст на рехабилитација на кодошите. Особено ако знаеш дека рехабилитирајќи ги нив, го рехабилитираш злото од минатото.

Не дека сум нешто посебно изненаден за предлогот на Владата. Како да очекувате дека во општество што го изградивме на лаги, интриги, атентати, страв и сила можете низ аргументи да објасните дека низ лустрацијата се ослободувате од мрежата кодоши, кои сонувајќи го сонот за минатото низ привилегиите што ги уживале цинкарејќи ги неистомислениците, свесно ги кочат демократските реформи во државава. Сѐ додека постои тајната мрежа на политички доушници останува отворена можност за воскреснување и возобновување на заканите од тоталитаризмот.
Верував дека лустрацијата за нашата држава е шанса и хазард: шанса да се соочи и справи со тоталитарното минато и злото што го продуцираше таквиот систем, хазард, да создаде амбиент на одмазда и политичка пресметка со политичките противници. Затоа низ правото се обидовме да ја отстраниме опасноста лустрацијата да се претвори во својот антипод. Но и тоа не беше доволно. Затоа погледнете каде сме. Погледнете што ни се случува. Се прашувам дали го допревме дното на човечкото и морално пропаѓање.

Секогаш имав впечаток дека кон лустрацијата се однесуваме од позиција на комфорот што го имаат етаблираните западни демократии. И затоа ја плаќаме цената на бескрајно долгата транзиција. Затоа кај нас приказната за лустрацијата беше и остана приказна на лицемерството. Сите беа за, но реално никој не сакаше да се соочи со грдата слика на сопственото политичко минато. Можеби затоа не требаше, и не успеа лустрацијата. За да продолжиме да живееме со лажните митови, кои сами ги однегувавме во транзицијата.

Очигледно, Владата на СДСМ го презема овој чекор зашто сѐ уште се чувствува загрозена од можноста да биде историски доразголена во својот травестиран комунизам. Па затоа побрза пред избори да ги амнестира „кодошите“, трансформирајќи ги во „жртви“. Битно ќе го прочистува (проветрува) општеството од корумпираните и нефункционални поединци во институциите на системот и правосудството, но не и од човечкиот отпад создаван и грижливо складиран во депониите на тајната полиција на социјализмот.

А што правиме со Ченто, Шишков, Крум, Димче, Александар, Пенчо, Милка, Ана, Рампо, Пано, Никола, Цане, Дединец, Ангел, Божана и многу други, со чии човечки судбини некој си поиграл од името на народот и догматското следење на идеологијата. Што правиме со илјадниците луѓе во оваа држава на кои „жртвите на лустрацијата“ брутално им го корумпираа сонот и им ја репресираа љубовта кон татковината, одземајќи им ги животите претворајќи ги во казна со која мораа да живеат. Нивните судбини не се обични листови хартија извадени од депоата на судот и досиејата на тајната полиција. Тие се вистинските жртви на еден систем што беше и останува синоним за терор и репресија. И денунцијанство на неистомисленици.

Антикомунизмот на Македонија ѝ е потребен и триесет години по нејзината независност, сѐ додека не добиеме морална осуда на еден од најголемите општествени експерименти на злото. Мора некој во оваа држава да сфати (ако воопшто може) дека антикомунизмот е антитеза на сите оние што гледаат на општеството од перспектива на архитекти и инженери што се подготвени да го редизајнираат во однапред дадена рамка. Во која стравот ќе биде темелот на таквата градба. А денунцијанството негова храна.

Се плашам дека архитектите на злото сѐ уште се витални. Ваквите сигнали што доаѓаат од власта мора да се детектираат навреме ако не сакаме тркалото на историјата да го вратиме назад. Архитектите на злото демнат и ако треба повторно би апселе и би уништувале од името на нивната дегенерирана идеологија. Сѐ уште звучат гласно. Но се престрашени од новото време, како ѓавол од крстот.

По ова, како Владата и претседателот можат да повикуваат на помирување. Тоа нема да биде можно во општество што сака да го прикрие криминалното и злосторничко минато и да ги изедначи оние што брутално ги кршеле човековите права, со оние што од името на нивната заштита сакаат да осудат еден систем што бил недемократски и што генерирал премногу зло во земјава. Не можете да повикувате на помирување изедначувајќи ги џелатот со жртвата. Очигледно ниту можеме, ниту сакаме да излеземе од историскиот егзодус што ни го наметнаа чуварите на злото на минатото.
Само оние што не ги виделе болката, понижувањето, очајот и солзите на жртвите на комунизмот, не може да ја доловат длабочината на злото што го продуцирале денунцијантите. Затоа заветот на солзите обврзува. Зашто болката e голема, а раната неизлечива, одбивајќи да се лекува.

Секоја Нова година посакувам нов почеток. За вас што ме читате и за мене. Веќе одамна не верувам во нови историски години. Но верувам дека во новата година треба да ги следите своите соништа. И да ја вратите насмевката на вашите лица. Среќна Нова 2020 година.

Авторот е универзитетски професор