Забрани наместо функционални институции

Можеби забраната за увоз на отпад за согорување не е решение, но кога довербата во институциите е во длабока криза, наместо барање за функционални институции јавноста бара забрани

Пред две седмици пишував за забраната за увоз на отпад за согорување, односно за измени на Законот за управување со отпад, со кој се забранува увоз на отпад за согорување и се наоѓаше на дневен ред на 130-та седница на Собранието. Сега по две седмици станува јасно дека со тактики за справување со отпадот измените на законот нема да се донесат. Од една страна, СДСМ и пратениците на власта најавуваат поддршка, а и самите измени на законот се предложени од пратеничките Маја Морочанин и Лилјана Поповска од ДОМ, дел од владејачкото мнозинство. Од друга страна, Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина изјавува дека забраната не е решение за загадувањето на воздухот, бидејќи причинител на загадувањето се домаќинствата.

Можеби забраната за увоз на отпад за согорување не е решение, но кога довербата во институциите е во длабока криза, наместо барање за функционални институции јавноста бара забрани.
Увозот на отпад за согорување или алтернативните горива во Македонија се користат, односно дозволи за увоз имаат цементарницата „Усје“ и „Фени“. Иако „Усје“ има дозвола за користење 35 проценти алтернативно гориво или 35.000 тони, во 2019 година употребила 4.400 тони алтернативно гориво од кои 700 тони оризова лушпа од Кочани. Според „Усје“, овие алтернативни горива базирани на биомаси, се помалку опасни за загадувањето на воздухот отколку фосилните горива. Можеби тоа точно, можеби „Усје“ е жртвено јагне. Но и доколку не е така, главната вина сепак треба да ја бараме во власта. И во поддршката на барањето за забрана на увоз на отпад за согорување аргументите што се користат се нефункционални, неефективни институции: немање соодветна контрола на царина, соодветни инспекциски служби, лаборатории, судски постапки со кои би се заштитила. Како граѓаните да им веруваат на власта и на Министерството за животна средина што е проблем и што е решение, кога Министерството не е способно да го одржува исправен мониторинг-системот за загадувањето на воздухот и од десетици и десетици мерки за загадувањето има спроведено една мерка! Како да верува во Министерството за животна средина, кога се апсат нивните колеги во Бугарија, членка на ЕУ, поради увоз на опасен отпад?

Никако! И затоа јавноста во очај, наместо функционални институции бара забрана.
Ситуацијата ме потсети на една дамнешна, побанална ситуација. Околу 2000 година, тогашната влада донесе одлука да се укине ослободувањето од царина и данок за возила донирани од странство на здруженија на граѓани и институции. Тоа ослободување важеше со години и овозможи обновување на возниот парк во многу институции. Образложението за укинувањето на ослободувањето, беше дека тоа се злоупотребува на пример преку фиктивно здружение да се увезат возила за членовите, а за тоа да не се платат царина и данок. Претпоставувам дека имало такви случаи. Но… дозволите за ослободување се издаваа од надлежни државни органи Министерството за труд и социјална политика и од Царината на Македонија. Злоупотребите не би можеле да се случат ако министерството и царината биле ефективни. И сега Владата наместо да го поправи тоа, се одлучува за забрана. По неколку месеци се констатира дека забраната не била замена за функционални институции. Пристигнаа противпожарни возила и возила за брза помош како донации од странство за нашите соодветни институции. Бидејќи ослободувањата беа укинати или донаторите или институциите требаше да платат царина и данок, а многу донатори бараат ослободување од давачки кон државата, а институциите немаат пари за да ги платат тие трошоци.

Примери со забрани како решение на нашите проблеми има на секој чекор. Уште еден пример е оној кога за време на владата на Груевски се практикуваше мерката на информативни кампањи во медиумите. СДСМ и јавноста обвинуваа дека тоа не се информативни кампањи, туку поткупување на медиумите да ѝ бидат лојални на власта. Од таа позиција може да се тврди и дека комерцијалните реклами се форма на поткупување на медиумите од страна на приватниот сектор. Како и да е, решението се гледаше во забрана на владини реклами во медиумите. Не поминаа неколку години, се чинеше дека тогашната забрана стана проблем и тогашната опозиција, а сега власт, почна да бара начин за заобиколување. Така, СДСМ има кампања „На прав пат“, која, веројатно, индиректно е финансирана од државниот буџет, бидејќи партиите се финансираат од државниот буџет. Добро, тоа се нивни пари и може да прават што сакаат. Но на терен има државни институции, кои имале потреба од информативни кампањи и тоа го прават. Еден пример е Фондот за иновации, а втор пример е УЈП за мерката „Мој ДДВ“. За вториот е назначено дека го финансира УСАИД. Дали ова е потврда дека целосната забрана на владини информативни кампањи е проблем, и дека Владата има легитимни потреби за информирање на граѓаните и преку информативни кампањи?
Оттука забраните често се одраз на нашата немоќ да изградиме функционални и ефективни институции.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Аерозагадување #МојВоздух