Жив во гроб (не) се влегува

Живо ме интересира, дали живи ќе влеземе во гробот Република Македонија и од другата страна живи ќе излеземе, во Република Северна Македонија, а од другата страна со венец, простете со букет и радост ќе нѐ пречекаат ЕУ и НАТО. А, кутрата РМ не издржа ниту 30 години. Дали жителите на новородената држава Северна Македонија, во новодокументите, ќе го искористат правото, како што нѐ храбри премиерот Заев, дека во графата ,,националност“ СЛОБОДНО можат да се впишат – Македонец/ка. Таа ,,слобода“ за влез во Грција, ќе биде многу интересна. Исто како во СФРЈ, во пасошите на Егејците им пишуваше роден: во Лерин, Костур, Солун, Воден и други топоними во некогашна Егејска Македонија, од каде што беа масовно и ѕверски протерани, бидејќи биле искомплексирани – се замислувале како да се комунисти и први братучеди на Мегас Александрос. Кучињата на војната продолжија со прогонот на бегалците дури и на туѓа територија. Небаре РМ е Аргентина, кога еврејските прогонители со списокот на Симон Визентал, ги прогонуваа нацистите. А Грците тргнаа со списокот по комунистите, кој го чуваат до денес, до еден да ги истребат и протераните и нивните деца и чукундеца.

Во прогонот и погромот ја вклучија и РМ, земјата што се преправаше, божем е Аргентина и им даде азил на бегалците. Евреите ги прогонуваа нацистите, но не ја сотреа Аргентина. Имаа(т) списоци на пребеганите Ставре, Евгенија, Сотир, Фани, Јани и нивните корени, според славофонските топоними на нивните родни села и чекаа цели 70 години, како Евреите, што чекаа по бегството од Египет во пустината цели 40 години, со Мојсеј, за да се роди, ново неискомплексирано поколение. И новото поколение да потпише грчко-македонско (егејско) помирување во Преспа, на сметка на името и иднината на државата ,,Аргентина“, која им даде заклон. А, тука беа другарски (братски) пречекани и Сетинци, Попадинци и Крушоради и потоа, тука си ја рециклираа Античка Македонија, во вид на уметничка инсталација ,,Скопје 2014“ со нивни, бегалски пари, додуша.

Од ,,практични“ причини на сите Егејци во седумдесеттите години од минатиот век, државата СРМ (не е Северна Република Македонија), во пасошите им беше впишано – Скопје, за место на раѓање. Така, за Грците одеднаш сите од СРМ, масовно, на куп, останавме ,,скопјани“ до денес. Дали сега, со новите северномакедонски пасоши и по слободен избор впишаните графи, за ,,слободно“ изразена етничка припадност, масовно за Грците ќе станеме ,,Македонци“ наместо ,,Скопјани“? Ќе можат ли сега бабите, дедовците, тетките, стрините и внуците да одат и по четири пати во годината на море во Грција, од Ханиоти до Крит, ако во новите северномакедонски патни документи, во кои сега сите ќе имаат право на ,,слободно“ национално определување во графата, по свој избор и чувство да се впишат – Албанци, Срби, Власи, Турци, Роми или Македонци? Некои од наброените ќе летуваат во Грција, но последните – Македонците, се сомневам. Искомплексираните ќе се пишат Македонци и тоа ќе ги стави на црната листа за влез во Грција, а Грција е членка на ЕУ и тие имаат заеднички интереси и цели и може да се прошири листата и за сите членки на ЕУ.

Но неискомплексираните, оние со малку по растеглив карактер, во таа графа ќе остават слободен простор – за слободно движење, кон Халкидики и „Икеа“. Нема графа – нема забрана. Нема комплекси. А, по четири пати годишно, кутрите одеа на море да си ги лекуваат македонските комплекси. Толку не одеа, ниту во времето на другарот Тито.

Неискомплексираните и живи во гроб ќе влезат ако треба, во интерес на ЕУ и НАТО-интеграциите, а пак оние искомплексираните, си вообразиле дека се Македонци. Традициите наложуваат, кога некој ќе го стават во гроб умрен, а не жив, роднините, блиските и најблиските фрлаат по една рака земја врз него. Во случајов не рака, не лопата, туку со багер ќе ја погребаме РМ за да ги сотреме искомплексираните од Собранието на РМ (да не сте помислиле ни случајно дека сум вмровец, јас сум, Македонец). А тоа, дека со багер може да се покрие Вулевтерион (гр. собрание) веќе било вообичаена и незабележлива практика во ,,културата“ на живеење во РМ.
На 15 ноември оваа година присуствував на одбележување на Светскиот ден на археологијата, во организација на ,,Хаемус“, а со поддршка на ЕУ, во просториите на Културниот центар на ЕУ. Се разбира, како туристички пензионер, дури ни по 45 години не можам да се одлепам од туризмот, а со него оди и археологијата. Им се восхитував на археолозите, кои со љубов и знаење раскажуваа за виничките теракотни икони, каде што бележито место зазема мојот закрилник Архангел Михаил.

Со горчина и љубов слушав за Хераклеја, за невидениот фукарлак на искомплексираните, кои не сакајќи се стекнале со незаслужено културно наследство, заскитано во рацете на заскитани талибанци, кои немарно сѐ уште оставаат 90 отсто од вистинската Хераклеја Линкестис под земја, а она што е на бело видело е финансиски поддржано од Италија, ЕУ и други донатори. Нема да споменам дека во ,,престолнината“ Скопје, Скупи не е откриено ниту 3 отсто. Но, круната на талибанството била Стибера. Со багер е затрупан археолошки локалитет, антички град во близината на Прилеп, поради недостиг од 15.000 евра со кои може да се решат имотните проблеми на околните имоти и ниви. Немало толку во фондовите за културата и историјата во РМ. Според антички извори, градот Стибера (повторувам – покриен со багер) бил населен од северномакедонското племе Линкестиди – рисови, животното што го има и денес, само во овие делови на Европа. Градот го доживува својот зенит во царскиот период на Рим, првиот и вториот век, од нашата ера, но е сотрен од варварските народи Готите и Херулите, во третиот век.

Поради неверојатните содржини, монументални градби од прилепски мермер, професорот Микулчиќ, кој прв работи на откритието на Стибера, откако видел и проценил што се крие под земјата градот го нарекол „македонска Помпеја“. Со типично градски содржини како светилишта, храм на божицата Тихе, заштитничка на градот Стибера, скулптура на богот Дионис, работилница за изработка на теракотни (ќерамички) ламби, гимназион (фитнес-центар, на македонски) со голем број скулптури, плоштад со јавна чешма (значи имало водовод). Откриени се и остатоци на градба, која според архитектурата најверојатно била Собранието на градот – Вулевтерион. Градбата има ѕидови украсени со луксузна декоративна техника т.н. штукатура. Откриен е мермерен натпис во кој се споменува давање почест на виден граѓанин од страна на Собранието. За жал, градбата – Собранието е на приватен имот – нива, за која државата немаше намера и пари да ја откупи и по двегодишни истражувања и ископувања, заради заштита од пропаѓање и уништување таа е ,,конзервирана“ затрупана со земја и багер за ,,подобри времиња“.

А подобрите времиња сѐ некако нѐ заобиколуваат и никако да дојде со децении ветуваното – подобро утре. Е, конечно дојде време за тоа утре, откако со багер жива ќе ја закопаме, Република Македонија. Нема потреба да дојдат повторно Готите и Херулите да ја сотрат, таа сама ќе се рециклира во Република Северна Македонија. Жив срам ме изеде од ЕУ, бидејќи настанот се случуваше во Културниот центар на ЕУ и таму, како што е редот од безбедносни причини, сѐ се снима. Можат оние од ЕУ да си помислат дека сме Македонци, штом сами со багер го затрупавме Собранието, на Стибера мислам. Негрижата за културното наследство и државата ме потсети на мојот неуспешен обид 1989 година, да ја извадам од водите на Мавровско Езеро црквата „Св. Никола Летен“. Ја покрија со вода, до денес и никој не забележа. А, ова да ти било ,„Библиска Македонија“. Го покрија со багер и Собранието на Стибера де, да не се повторувам.