Живот кучешки

Среде најдолгиот полициски час (само Вучиќ ги шие нашиве идеолози на вонредната состојба) имам среќа да пишувам колумна на тераса со поглед на малиот раззеленет двор. Мнозина го немаат ни тоа, па со мала грижа на совест сум свесна за мојата среќа (ете, и поимот среќа се смени). Но од моментот кога се најавија најновите мерки, а потоа и деталите за нивна имплементација, не можам да се оттргнам од чувството дека Рациновите стихови за „живот кучешки“ се толку демоде – а сепак никогаш не биле поживи и порелевантни… Се разбира, гнев побуди разбирањето за домашните миленици (кучињата), кои во овој најдолг викенд (кој наскоро може да биде и удвоен, веќе наредната велигденска недела) имаат можност да ги прошетаат своите сопственици трипати дневно по половина час.

И тоа не би било ништо страшно ако исклучокот не важи ни за децата ни за најстарите сограѓани. Севернава и проевропска е многу чувствителна на лелекот на активистите за правата на животните и на нивните сопственици (најчесто припадници на средниот или повисоките слоеви, кои можат да си дозволат луксуз да чуваат домашни миленици за разлика од сиромашните, кои врзуваат крај со крај и живеат полош живот од нивните фини кучиња); децата и старците веројатно сѐ уште асоцираат на духот на Груевски, мирисаат на конзервативизам, а за нив само строгост. Знам дека за овие зборови ќе ме линчуваат (повторно), но деновиве полицијата има повеќе разбирање за кучињата отколку за луѓето. Кучешкиот живот кај оваа ситна буржоазија има сосема поинакво значење.

Замислувам слика на типично семејство во кое во мало станче се стиснале три генерации (кои најверојатно и живеат од пензијата на најстарата генерација): кога се надвор ги делат на групи со по два часа дневно дозвола за излегување надвор (во работната недела), демек да не се сретнеле, ама затоа вечерта заедно ќе си седнат пред телевизорот. Се сеќавам како е со (три) деца во затворен простор (иако не и во полициски час): да си волшебник, па не можеш да ја одржиш атмосферата без да посегнеш по дисциплински мерки! Не сакам ни да помислам на евентуалната точност на најновите наоди на британските научници, кои тврдат дека здравјето на децата е колатерална жртва токму на принудното држење во затворен простор. Според нив, паѓа во вода тезата дека внуците ги загрозуваат бабите и дедовците. Сочувствувам со родителите, но веројатно поради возраста, многу потешко ме погодува односот кон постарите и пензионерите.

Ароганцијата на младоста е нечувствителна (и се влечка од „времето на Грујо“): старизмот (ејџизмот) е овде непознат вид на дискриминација, а сега го доживува врвот. Старите луѓе се доживуваат и јавно претставуваат како товар, како инфантилни и неодговорни, како „вирус“ што ги нарушува „редот и поредокот“. Да им дозволиш на стари луѓе само два часа дневно за основните потреби, па уште и да ги караш и да бараш стап за нив, тоа е рамно на беснило – и мириса на социјален дарвинизам. Тие што се чудат што стариве луѓе не плаќале сметки со електронско банкарство, што не користеле банкомати/картички за вадење на пензијата, или што не купувале онлајн – изгледа не живеат овде, туку во некаква своја кула од слонова коска! Свесни ли сте дека Македонија одамна е земја на неуки старци и земја за умирање (ете, водиме на листата и на смртни исходи од ковид-19)? Знаете ли дека овде се старее побрзо – од маки, од грижи, од лош квалитет на живот, од сиромаштија, од самотија, од домашно насилство, од лошо здравство? Свесни ли сте дека најголемиот број старци немаат „деца“ што наместо нив би им ги завршиле домашните работи? Заминаа одамна, доаѓаат на одмори – а сега ни тоа…

Некои се тука, ама имаат свои семејства и работни обврски. Дали ако излезам надвор со побелена (несредена коса), ќе ме легитимираат за да ме апсат? Како прават „профајлинг“ на тоа кој ги крши мерките, а кој е само старолик/младолик? Ако нешто ме потресе овие денови, тоа беше веста за починатата старица и нејзиниот не толку млад син: од јануари до април никој не ни помислил на тие кутри луѓе, кои умирале сами, никому не му недостигале, никој не се погрижил и прашал како се… Не, воопшто не ми е грижа дали постхумно откриле траги од вирусот – она што боли и пече е „социјалната дистанца“ и без пандемија! Отуѓеноста/алиенацијата на човек од човек, и тоа во општество што се фали (повеќе по инерција) на некакви комшиски топли односи, солидарност и сл., е сурова вистина. Македонија одамна ги напуштила тие стари (добри?) времиња на комши-капиџик, ама не влегла во дигиталниот 21 век…, кој е еднакво суров и отуѓен…

Велат, нека е животот и кучешки, ама живот е, треба да се спасува (иде Дунав, живот мил, колко толко ќе се спасиш). Државата знае што е најдобро за нас. Без оглед што тоа е онаа иста држава што не функционираше ни во мирнодопски, редовни околности… Заборави на тоа, сега не е време за такви размисли: ќе си повторуваш во себе „сваког дана у сваком погледу све више и више напредује“ нашата земја! Сѐ за наше добро! И македонскиов народ, живот мил, да чува господ од полошо, не само што нема ништо против туку и хистерично бара построг полициски час, камшик и чизма, особено за оние невоспитани старци што навалиле да си ги земат пензијата и цркавицата од сметките, аплаудираат на следењето на движењето со посебни апликации… Да отворат камп за „лепрозни“ (заболени со вирус), веројатно и тоа би било дочекано со одобрување: власта конечно покажува капацитет! Додека сите држави ги ослободуваат притворениците, па и затворениците, бидејќи затворите се жариште на ширење вакви зарази, кај нас се воведени затворски казни за прекршување на новите мерки. Конечно, соочени со смртта, гледаме дека има некој со пендрек и моќ!

Пред почетокот на новиот режим на движење имавме неуспешен обид да се качиме на Водно: нѐ запреа двајца млади полицајци со автомати в рака на приодот! Државата нѐ чува од единственото безбедно место – од природата – и ни наложува да одиме долу во загадениот град, во толпата, за да си размениме сѐ што имаме… Дајте малку логика: ако една зададена популација принудуваш за кратко време да се најде на ист простор (маркет, аптеки, пазари) и ја плашиш со дводневен, па и четиридневен карантин, јасно е дека концентрацијата и хаосот се зголемуваат – заедно со ризиците, ама и паранојата…

А Рацин е не само релевантен, тој е поет од светска класа: „Стани си утре порано/Дојди си вечер подоцна/наутро радост понеси, навечер тага донеси – ај, пусти да е, пуст да би останал живот кучешки! Роди се човек – роб биди/роди се човек – скот умри, скотски цел живот работи за други, туѓи имоти“. Тој денес е гласот на оние што сега нагалено ги викаат „есеншалс“ – или работници што вршат суштински дејности без кои не би имало живот, почнувајќи од медицинските сестри, хигиеничарите, продавачите, доставувачите на храна, производителите, возачите, па и погребниците… Карантините, полициските часови, локдауните (на англиски) ги изложуваат на светлина сите скриени и не толку скриени нееднаквости во секое општество.

Оние што се „суштински“, на кои така лицемерно им се аплаудира и се нарекуваат херои, се обично оние на социјалното дно, кои секогаш биле земани здраво за готово (кој им е виновен што се сиромашни, што не учеле, што немаат партиска книшка да седат дома и земаат плата или евентуално клатат врата?). Најточната дефиниција на која наидов гласи: „Нѐ нарекувате есенцијални – затоа што кога би нѐ нарекле жртвувани, тоа би звучело премногу искрено.“ И премногу сурово за општество засновано на организирано лицемерство… Брехт велеше дека несреќна е земјата што има потреба од херои, иако сигурно го немал во вид овој тип новосоздадени херои. Пандемијата разголи многу нешта, а меѓу другото и широчината и разноликоста на модерната работничка класа: од луѓе што се самовработени до прекаријатот вработен по договор, лица изложени на социјална ветрометина и без никаква заштита. Ако некои од нив (здравствените работници) ги вршат и најопасните задачи поради посветеноста на заклетвата што ја дале, многу од другите „херои“ немаат избор: или изложеност на ризик од зараза – или глад (што повторно се сведува на смрт).

Ave Caesar, morituri te salutant. Кој им е виновен што не се тајкуни или крем од верските заедници, кои – замислете – ќе го изгубеле половина од приходот поради карантинот за Велигден, или оние другине што своите верници ги користат како „биолошко оружје“, се закануваат и изнудуваат пари за (наводно) образование?! Наместо за медицинска опрема, буџетски средства се издвојуваат за да се смират верски „потреби“! Моритури те салутант! Ќе им го честитам празникот само на оние свештеници што се „есеншалс“ на свој начин и не мислат на својот џеб, туку им помагаат на најнемоќните со хуманитарна помош, народна кујна или со смирувачки збор на оние што се преплашени од соочувањето со смртта.

Без намера да мудрувам за смртоносноста на вирусот, само ќе потсетам дека она на што сведочиме сега не е резултат на неговата злобна (натприродна?) моќ, туку на злобата и лакомоста на богатите, поради кои милиони се со хронично намален имунитет, нарушено здравје, а без соодветен квалитет на живот и здравствена заштита. Капитализмот е пандемија, а не вирусот; тој убивал и убива, за да се спаси себеси. По секоја цена, до последната капка крв на секој „есеншал“ работник… Ако ова не е време за размислување за револуција, не знам кое би било. Засега властите можат да си играат биополитика, ама тоа нема да трае долго – гневот не може да остане во карантин.