Животот кај нас е евтин ама затоа смртта е бесплатна

Кога ќе се најдеме на граничната линија на животот и смртта одеднаш нашите сопствени морални вредности стануваат сè повеќе збунети, нашата сопствена апатија ја одразува апатијата на светот околу нас, нашата сопствена неактивност ја споделува инерцијата на масите околу нас, а нашиот живот станува евтин, ама затоа смртта е бесплатна. Можеби затоа нѐ нема како држава во мапирањето на дефибрилатори

Зарем уште некој се сеќава на законите донесени од „режимот“. Не верувам. Зашто во Македонија законите се наши и нивни. Нивните обврзуваат помалку од нашите и обратно. Без оглед што треба да обврзуваат еднакво. Замислете тоа да се викало владеење на правото. Во оваа држава го викаат така, но без содржина и без практична апликативност. Само празни зборови во политички контекст. И толку.
Од премногу шаренило и премногу политика, а богами и премногу арамилак заборавивме дека со измените на Законот за здравствена заштита сите државни и приватни субјекти, кои имаат над 100 вработени или исто толку легла, имаа обврска да организираат здравствен пункт, да извршат набавка на дефибрилатор и да испратат лица на обука за ракување со апаратот. Ако некој сѐ уште се сеќава тоа беше онаа „направа“, со која се потсмева еден наш познат колумнист споредувајќи ја со „вибратор“, а која спасува човечки живот кога ненадејно ќе настапи срцев застој. Дефибрилаторот, а не „вибраторот“, служи за електрична симулација на срцевиот ритам при ненадеен срцев удар и престанување на работата на срцето.

Во Македонија околу 60 проценти од луѓето умираат од инфаркт и заболувања на кардиоваскуларниот систем. Замислете, дури и во време на коронавирусот. Ги препрочитувам новинските написи од 2013 година кога е предвидена обврската за набавка на дефибрилатори и отпорот кон исполнувањето на истата таа. И сфаќаш дека животот во Македонија не вреди ни 2.000 евра. Изгледа дека статистиката е погрешна зашто досегашното искуство во примената на дефибрилаторите во Македонија ме уверува дека кај нас не се умира од срце, па затоа изгледа немаме потреба од нив. Или имавме потреба онолку време колку што требаше некој да се опари од нивната продажба. Брзи пари за живот. И толку. И приказната завршува тука. Како сите приказни кај нас. Кои ги забораваме пред да почнат.
Велат дека дефибрилаторот е тој што ако се искористи навреме ве враќа во живот доколку откаже срцето. Доколку биде прикачен во првата минута, веројатноста дека лицето ќе се врати во живот скока и до 90 отсто, а во првите 5 минути шансите за преживување се 60 до 70 отсто. Исто така, статистиката вели дека многу висок е процентот на лицата што доживеале срцев удар или акутно затајување на срцето во домашни услови, а умреле при пренесувањето од дома до болница, дури и во брза помош, затоа што или немало, или не бил правилно поставен дефибрилаторот.

Кај нас ништо не велат. Изгледа во последниве седум години сѐ уште се занимаваме со расчистување на дилемите за полезноста и ракувањето со дефибрилаторите. А можеби не. Можеби едноставно заборавивме дека постои ваква законска обврска. И додека ние расправаме, во меѓувреме луѓе умираат од срце.
Ама затоа од „вибраторот“ немало штета како што нѐ просветли шегобијниот колумнист во 2013 г. Изгледа во загуба се оние што не се веќе со нас. Зашто нивното срце не издржало. Не му била дадена шанса да преживее. Без дефибрилатор. Добредојдовте во нашиот „храбар нов свет“. Во кој „вибраторот“ е синоним за дефиблираторот. И во кој сериозно го потценуваме животот. Тоа се случува кога од премногу политика забораваме на вредноста на човечкиот живот, но не забораваме да заработиме на него. Низ дефибрилаторите ние жртвувавме живот за пари. Тажна приказна за нашите заборавени дефибрилатори.

Очигледно дека сиве години не успеавме да ги задржиме ниту моралните вредности, ниту достоинството на животот на поединецот, ниту покажавме сочувство кон нашите сограѓани чии срца не го издржаа животот. И како може да очекуваме да им дадеме надеж на идните генерации, кои кога ќе погледнат назад и ќе се сетат дека еден закон што требало да спасува животи сме го трансформирале во средство за правење пари. Дека низ неговото непочитување сме креирале општество што го отфрла животот, покажувајќи колку ниско го вреднуваме човечкиот живот. И колку малку се грижиме за него.
Кога ќе се најдеме на граничната линија на животот и смртта одеднаш нашите сопствени морални вредности стануваат сè повеќе збунети, нашата сопствена апатија ја одразува апатијата на светот околу нас, нашата сопствена неактивност ја споделува инерцијата на масите околу нас, а нашиот живот станува евтин, ама затоа смртта е бесплатна. Можеби затоа нѐ нема како држава во мапирањето на дефибрилатори.

Нема да ги најдете на јавните места и секаде каде што значат надеж за живот. Зашто надежта и животот кај нас не одат заедно.
Затоа другпат кога ќе прочитате за некоја ненадејна смрт на некој наш сограѓанин сетете се дека не му била дадена шанса за живот, затоа што политиката заборавила дека дефибрилаторите спасуваат животи. И дека не е сѐ во парите. Дека животот на секој од нас е бесценет. Освен за политиката и хиените во власта, кои се обидуваат да заработат на него.