Живата во ОХИС сѐ уште е жива

Елементарната жива однесена со овие отпадни води можеше да истече донекаде по каналот, но поверојатно е да формирала џебови по должината на каналот, затоа што водата не може да ја носи далеку и тука е можно да имаме поголеми количества, затоа што живата не се раствора во водата. Тој простор треба добро да се деконтаминира, затоа што минува низ населби. Живата, инаку, е испарлива, а пареата дури и во многу мали концентрации е отровна

Опасностите од живата собрана во контејнери во погонот Електролиза во ОХИС и не се толку големи, тие ќе чекаат нивно отстранување од погоните. Но поголем проблем е чистењето на терените, каналот од погонот Електролиза до Вардар, што минува низ населбите, од ОХИС кон Вардар. Поранешниот погон Билјана во ОХИС, а со тоа и погонот Електролиза, не беше поврзан со постојната пречистителна станица за отпадни води на фабриката.

Отпадните води од електролизата беа осиромашен раствор на натриум хлорид, а со него и оксидирана (растворена) жива и многу повеќе елементарна жива, како и води од другите погони од Билјана. Овие отпадни води директно ги загадуваа водите на Вардар. Елементарната жива однесена со овие отпадни води можеше да истече донекаде по каналот, но поверојатно е да формирала џебови по должината на каналот, затоа што водата не може да ја носи далеку и тука е можно да имаме поголеми количества, затоа што живата не се раствора во водата. Тој простор треба добро да се деконтаминира, затоа што минува низ населби. Живата, инаку, е испарлива, а пареата дури и во многу мали концентрации е отровна. Поради овој факт, и кога ќе се растури жива од домашен термометар, потребно е да се собере внимателно до најмала капка растурената жива, бидејќи испарува во просториите за живеење. Значи, растурената жива е перманентен отровен загадувач на воздухот.
Живиниот електролизер во ОХИС служеше за добивање хлор, натриум хидроксид (сода) и водород, од натриумхлориден (сол) раствор, преку електролиза (одвојување).

Како електролизер се користеше тип електролизер со течна живина електрода (катода). Во конкретниот период кога ОХИС се градеше, тоа беа технологиите што се нудеа како најсовремени, а и со светското искуство за таквите технологии на користење, соодветна беше одлуката за изградба на овој погон, кој како основна суровина користи евтина сол (морска или камена сол). Иако ние немаме наоѓалиште на природна сол, сепак технологиите со оваа суровина имаа економска оправданост.
Колкави количества жива се потрошени и растурени додека работел погонот, може да се види од годишните биланси на ОХИС за набавка на суровини, бидејќи тој биланс за потребите на суровини за работата на фабриката се прави секоја година откога почнала да работи Електролиза. Тогаш може и да се пресметаат загубите направени во време на работниот период на погонот. Во ОХИС живата се користеше исклучиво за електролизерот и немаше потреба од жива вo другите погони. Инаку, ефикасната работа на живините електролизери многу лесно се контролира преку загубата на жива, а и колку ја загадува животната средина. Живата во електролизерите е количествено измерена. Истата таа повеќепати се рециклира (се врти) по дното на електролизерот, и би требало електролизата да тече со многу мали количества на загуби. Овие се и параметрите за раководниот кадар и инспекциите да утврдат дали погонот треба да работи.

За многу хемиски елементи е утврдено дека многу од растенијата ги користат како микроелементи при својата исхрана од почвата. За живата не важи тоа, и таа останува во почвата како загадувач. Големи се количествата на жива што мора да се соберат, почнувајќи од погонот што не е исчистен, халите каде што беа сместени електролизерите, па до отпадите канали. Халата од електролизерите уште е заклучена, како што ја заклучи присилно тогашниот инспектор за животна средина.
Цврстите живини амалгами, кои ги има во мали количества како цврст отпад од погонот, веројатно завршувале на општата депонија за цврст отпад, или на депонијата каде што се депонираше линданот.

Во хемијата и хемиската технологија има еден многу важен принцип, а тоа е дека по работата, секој што работел е должен да ги исчисти инвентарот, просторот и сл. Тој што загадил, можел и да исчисти најубаво и без последици по животната средина. Работниците што работеле во тие погони најубаво знаат (без последици) да исчистат. Нечесно е и ризично е тоа да го прави друг. Во контекст на ова, работници од ОХИС испуштени како технолошки вишок протестираа за неисплатени плати или надоместоци за социјално и пензиско осигурување. Со каков гнев ја напуштиле фабриката, сигурно оставиле хемиски неред, поради незадоволството, а тоа е многу лошо за животната средина (во фабриката и во нејзината околина).

Сега државата ќе им плати огромни средства за деконтаминација на разни екипи, кои со многу ризици ќе ја извршат работата, а и дали ќе успеат? Подобро ќе беше да ги платиме и да ги задржиме работниците со една добра организација да си ја завршат својата работа, преку селектирање, означување, мапирање на сѐ што има на теренот на ОХИС. А сега, на овој начин, ќе имаме загадочни позиции (цистерни, буриња и сл.), кои може да бидат причина за хемиски хаварии, како што се случи неодамна во кругот на ОХИС.

Во нашата држава искуствата на една голема група обучени инженери, хемичари, технолози и хемиски работници во базна хемиска индустрија како што е ОХИС, завршија неискористени, на „депонија“. Не успеавме тоа искуство да го искористиме понатаму, за современ развој на таа индустрија, затоа што во развојот на современото стопанство на една држава мора да има и современа хемиска индустрија. Наместо да имаме двапати „победа-победа“, сега имаме двапати „загуба-загуба“, квалитетни и обучени но расфрлени кадри и големи количества хемиски отпад.

Авторот е д-р инж., проф. во пензија