Женски права и парфем за наставничката

Идните генерации не смеат да ја „затрупаат“ борбата за еднаквост со некакви подароци за наставничките. А ние не смееме да дозволиме револуцијата и борбата за еднакви права и еднаква плата да се сведе на евтин парфем

Утре е 8 Март, Денот на жената. По тој повод во Скопје ќе се случуваат безброј настани. Ќе има толку многу што не може да се постигне да се појде на сите. Настани што вклучуваат автомобилизам, спорт, култура, различни дебати, изложба на фотографии, проекции на играни филмови, проекции на документарни филмови, слем-поезија, вечери на женски права итн. Разнобојност од настани. И да не го заборавиме осмомартовскиот протестен марш! Таму ќе продефилираат едни од најоригиналните транспаренти што ќе ви ја доловат вистинската реалност со која се соочува македонската жена во нашето општество. А прогласот што активистките ќе го исчитаат на мегафон целосно ќе ве занеми.

Тактизирам и планирам кој настан можам да го посетам. Задоволна сум што во последно време се создава моментум што има моќ да мобилизира сѐ поголем број граѓани и граѓанки. Ми се чини дека на секое ќоше се полемизира за женските права и за родовата еднаквост. Дури и на претпладневното кафе пред некој ден, млади девојки, кои имаа не повеќе од петнаесетина години, на масата до мене горливо дискутираа на таа тема. Зборуваа со таква страст, како да здогледав пламен во нивните очи. Колку освежувачки. Во тој момент многу бев горда на нашата младина. Ако темата за женските права доминира на маса, рака под рака со кафето и сокчињата, имам надеж за новите поколенија.

Радоста траеше кратко. Ми пристигна порака на мобилниот телефон. Очекував да пристигне деновиве, но потсвесно се надевав дека ќе ја прескокне оваа година. Сепак не. Стигна. ,,Да се организираме и да купиме заеднички подарок за наставничките“, читам и превртувам со очите. Поголемиот син оди во училиште и секоја година по повод 8 Март се купуваат подароци. Чанти, обетки, марами и што уште не. Во групната порака се разврзува дискусија за тоа каков тип подарок да биде оваа година. Можеби кожен паричник од новоотворената продавница во трговскиот центар?!

Се потсетувам на деновите кога јас седев во училишна клупа. Мајка ми дури и по неколку месеци штедеше од платата за да ѝ подари нешто „достоинствено“ на наставничката. Така таа велеше – срамота е да се подари нешто евтино. Секогаш ѝ купувавме преубави подароци. Мајка ми никогаш немаше толку убав брош на себе како што ѝ купивме последната година за наставничката. Секое дете ѝ носеше свој подарок. На крајот на денот, наставничката дома си носеше торби полни со подароци. И тогаш, тој гест ми беше разбирлив зашто воопшто не ја знаев вистинската причина за постоењето на Денот на жената – 8 Март. Всушност, мислев дека тоа е празник на мајките и на наставничките. Мајките добиваа честитки што тој ден ги подготвувавме во училиште, а наставничките примаа цели колекции накит и парфеми. Тотална мистификација на празникот.

Денес се запрашувам дали е препознаена вистинската важност на овој датум. Денот кога треба да се катапултираат борбата и заложбата за НАШИТЕ права, ние го оптоваруваме со баналности и тривијални дреболии откупени од маалски дуќани. Самите си го онемуваме нашиот глас. Самите си правиме стапица или, што би рекле постарите, си копаме дупка.
И, не велам дека не треба да се купат подароци за наставничките. Но тоа да се стори во некоја друга пригода. Еве, нека биде тоа за нивниот роденден. Како еден вид внимание да ги изненадиме со заеднички подарок. Да им покажеме дека ги почитуваме и дека ги цениме нивната заложба и посветеност кон нашите деца. Но никако на 8 Март. Тој ден, уште позасилено, погласно и непоколебливо треба да зборуваме за значајноста и долгогодишната борба за ослободување од опресија и родова нееднаквост. Зашто, правото за образование, здравство, безбедност и за еднаквост е право за кое жените сѐ уште се борат во одредени делови од светот.

Наместо парфеми и чанти, да одбереме достоинствена прослава на празникот. Да ги подучиме нашите ќерки и синови зошто е важна економската, политичката и социјалната рамноправност. Да ги едуцираме за значајноста од еманципацијата и креирањето еднакви можности на жените и мажите. Зашто таа борба за независност и слобода е почната одамна и, како што ми изгледа мене, ќе трае уште многу долго.
Идните генерации не смеат да ја „затрупаат“ борбата за еднаквост со некакви подароци за наставничките. А ние не смееме да дозволиме револуцијата и борбата за еднакви права и еднаква плата да се сведат на евтин парфем.

Оставете ги шопингот и трчањето по попусти во трговските центри. Дојдете на осмомартовскиот марш! Нам не ни требаат намалени цени. Нам ни треба рамноправност.

Авторката е писателка и претседателка на граѓанската организација ТАКТ, Скопје