Желботека наместо стратегија

Националниот интерес е премногу лизгав концепт да се опише и пропише надворешната политика на оваа власт, па очекувано беше да се излизга на него. Се чини најлесно е сега да се удри по Бугарија, по „брилијантните“ односи што ги имавме со оваа држава, како што нѐ уверуваше премиерот. Изгледа време е да си зачисти во сопствениот двор

Конечно имаме кого да обвиниме за сите наши промашувања во надворешната политика. И, нормално, како по обичај тоа е Бугарија. Очекувано беше дека тоа ќе ни се случи кога како држава не внимававме дека моралистичкиот идеализам својствен на политичкиот наратив на нејзиниот надворешнополитички гуру ќе ја засени прагматичната и целна потрага по конкретни и реални цели во надворешната политика. Моравме да бидеме свесни дека следејќи апстрактни принципи во надворешната политика ќе ги загрозиме нашите реални стратегиски придобивки, или во најлош случај, стратегиски загуби во односите со соседите. Како што гледам, надворешната политика се претвори во желботека на оваа власт. Без јасна стратегија го гледа и слуша она што посакува да го види, свесно игнорирајќи ги несаканите факти. Бугарија брутално нѐ соочи со реалноста. Ни покажа дека посакуваното размислување не ги решава проблемите, туку ги создава.
Велат дека интересите во надворешната политика не се менуваат. Се менуваат само луѓето. Само уште да има кој да го разбере тоа. Желбата за пријателство со нашите соседи по цена на нашите национални интереси нѐ стави во позиција на губитник во надворешната политика. Држава што не ги исполнува барањата на зрела граѓанска нација не може да излезе со продуктивна дефиниција за нејзините национални интереси.

Затоа, без сигурно чувство на национален идентитет, станавме фригидни во дефинирањето на своите национални интереси, а како резултат на тоа други „субнационални, транснационални и ненационални етнички интереси доминираат во надворешната политика“. Кои гледаме стануваат погубни на нашиот пат во Европа.
Без јасни национални интереси тешко може да ги дисциплинирате политичарите и значително да ја ограничите нивната слобода на дејствување во надворешната политика, со што неуспехот ви е загарантиран. Во моментов сме како решетиран куршум во надворешната политика. Националниот интерес е премногу лизгав концепт да се опише и пропише надворешната политика на оваа власт, па очекувано беше да се излизга на него. Се чини најлесно е сега да се удри по Бугарија, по „брилијантните“ односи што ги имавме со оваа држава, како што нѐ уверуваше премиерот. Изгледа време е да си зачисти во сопствениот двор.
Ефективната надворешна политика почива на заедничкото чувство на национален идентитет, на позицијата на националната држава во светот, на нејзините пријатели и непријатели, нејзините интереси и аспирации. Овие основни претпоставки се вметнати во националната историја и мит, и многу малку се менуваат со текот на времето. Во време кога светот стана помалку либерален, помалку меѓународен и помалку уреден ние продолжуваме да веруваме дека надворешната политика е желботека на државите. Како на нашата.

Ако нашата надворешна политика е обезличена затоа што не е формулирана врз нејзиниот национален интерес, тоа не значи дека другите држави заборавиле дека се работи за клучен концепт во меѓународните односи. Како на пример бугарската. Според официјалниот стратегиски план на бугарското министерство за надворешни работи, за периодот 2017-2021 година, бугарската надворешна политика се води според принципот на прагматично следење на националниот интерес, непрекинато продолжувајќи на патот кон евроатлантските интеграции. Бугарската држава, исто така, се стреми ефикасно да ги заштити своите права и да ги поддржува легитимните интереси на Бугарите во странство. Одржување на бугарскиот идентитет, јазик и култура во традиционалните и новите бугарски заедници во странство е уште еден приоритет на надворешната политика на Бугарија. Се надевам некој го прочитал овој документ. И го анализирал пред да ни се случи најавеното вето од Бугарија. А не да се прават мутави и изненадени од тоа што несреќа нѐ снајде во односите со оваа држава.
Колку треба да си наивен и лесноумен да се умислиш дека имаш „просветителска“ мисија во надворешната политика што не подлежи на истите геополитички закони што управуваат со другите нации.

И да заборавиш, ако воопшто си знаел, дека реалистичната надворешна политика настојува да се справи со светот каков што е, прочистен од политичките илузии. Илузијата во која живеевме со оваа власт досега беше дека целиот свет ги одредува своите политики и верувања едноставно како реакција на она што го правиме и посакуваме. Мора да е болно соочувањето со реалноста дека очекувањата во надворешната политика не се темелат на посакувани желби, туку на трезвено разбирање на реалноста. Да беше поинаку страниците на историјата немаше да бидат преполни со епизоди каде што лидерите донесувале одлука врз основа на лажни надежи, идеалистички заблуди или слепа вера. Богами гледам оваа власт сериозно придонесува во нивното пополнување.
Џорџ Вашингтон запишал дека на ниту една нација не може да ѝ се верува подалеку отколку што е ограничена со нејзините интереси. Тоа требаше да биде првата лекција што требаше да ја научат „северномакедонските“ политички лидери кога влетаа во авантурата на надворешната политика. Втората е дека надворешната политика не смее да се темели на предвидувања за иднината што може да се покажат дека не се ништо друго освен посакувани желби. Сепак, требаше да бидеме внимателни што посакуваме. Зашто надворешната политика на оваа власт доживува фијаско во контакт со реалноста. Затоа нека продолжи да сонува и да посакува. Којзнае, можеби желбите ќе се остварат. Сепак, се наближува Нова година.