ЕУ мора да донесе храбра одлука за Балканот

Регионот мора да биде симбол на визија и сила што му се потребни на нашиот заеднички проект

Алексис Ципрас

Во наредните неколку дена Европскиот совет ќе одлучи дали да ја покани Северна Македонија да започне формални преговори за приклучување кон ЕУ. Таа одлука ќе покаже дали блокот може да биде храбар како младата, динамична балканска држава, која тропа на неговата врата. Изборот ќе биде помеѓу тоа дали Северна Македонија и Западен Балкан да се вкотват поблиску до ЕУ, или да се ризикува нивно втурнување во нова криза, што би сигнализирало дека болните реформи нема да бидат наградени.
Одлуката на ЕУ, која веќе еднаш беше одложена, ќе биде пресудна не само за државата и за регионалната стабилност, туку и за она што го кажува за самата Европа, за нејзината веродостојност и за принципите за кои се залага.

ЕУ има можност да докаже дека е убедлива сила за мир и за економски развој. Одлуката за почнување на пристапните преговори би била силен одговор за силите што се обидуваат повторно да ја потонат Европа, како и Балканот, во национализам, унилатерализам и поделба.

Најпосле, Преспанскиот договор потпишан на 17 јуни мината година од страна на министрите за надворешни работи на Грција и на Северна Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров, направи повеќе за отворање на можностите за членство во ЕУ за втората држава. Тој ја истакна важноста на самиот европски проект, во еден од неговите најтешки мигови.

Кога премиерот Зоран Заев од Северна Македонија и јас ја преминавме границата помеѓу нашите држави на Преспанско Езеро, тој ден, најпонизната мисла што ја споделивме беше за многуте загубени животи на бреговите на езерото. Многумина забораваат дека спорот што предизвикуваше поделба во изминатите 27 години, има корени уште од крвавите Балкански војни, кои се водеа заради поделбата на географската област на Македонија. Тие се провлекоа и за време на двете светски војни, грчката Граѓанска војна и Студената војна.

Постигнувањето на договорот бараше силна политичка волја, макотрпни дипломатски напори и ниво на заемна почит, како и искрен дијалог, кои моравме да ги негуваме и штитиме низ повеќе тешки наврати. Можноста за приклучување кон ЕУ беше интегрален дел од преговорите и значителна сила во собирањето поддршка за договорот.
Нашиот успех ја истакнува важноста на билатералната и мултилатералната дипломатија. Специјалниот посредник на ООН, Метју Нимиц, имаше клучна улога, која го покажува капацитетот на таа институција во решавањето на споровите. Договорот не дојде како резултат на пораз во војна, изнуда, интервенција од трета страна или на еднострани чекори.

Но имаше периоди во историјата кога ваквите сценарија и не беа толку далечни. Затоа, не можеме да бидеме самозадоволни во поглед на регионалните предизвици со кои се соочува Европа. Помеѓу 2014 и 2017 година, сите ги видовме последиците од одлуката за замрзнување на понатамошното проширување на ЕУ.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер оправдано предупреди дека „ако не успееме да ги направиме државите од Западен Балкан нови членки, повторно ќе ги искусиме истите проблеми што ги видовме во 90-тите години“. Нивната интеграција „е инвестиција во безбедноста на ЕУ, економскиот развој и влијание“ кажа тој.
За среќа, препознавањето на ваквата реалност ја доведе ЕУ да ја потврди поддршката за „солунската агенда“, договорена уште во 2003 година, за постепена интеграција на Западен Балкан во Унијата, на самитот во Софија во мај 2018 година.

Згора, почнувањето на пристапните преговори ќе биде сигнал за поддршка за народите на две држави, кои решија меѓународен спор, наедно надминувајќи големи пречки. До средината на 2017 година Северна Македонија преживеа длабока, а во одредени наврати и насилна, политичка криза со меѓуетничка димензија. Грција ја издржа најстрашната европска економска криза и ги спроведе строгите мерки на штедливост поддржани од ЕУ и ММФ со сериозни економски и општествени последици.

Во 2015 и 2016 година, двете држави се соочија со најголемата европска бегалска криза по Втората светска војна. Грција излезе од економската криза, поставувајќи се како столб на мир и стабилност во турбулентниот регион. Северна Македонија исполни обврски за правата на малцинствата, придонесе за добри соседски односи и за регионална стабилност, спроведе реформи поврзани со нејзиното судство, јавната администрација и борбата против организираниот криминал, како што се вели во извештајот од Европската комисија за 2019 година.

Во ова време од пресудно значење, позитивната одлука од ЕУ би била јасен сигнал за народите во Европа, на Балканот и пошироко, дека е исплатливо спроведувањето на храбри реформи, отфрлањето на национализмот и правењето на компромиси за надминување на разликите врз основа на заемна почит.

Периодот во европската историја кога Балканот беше катализатор за поделби и за војни е завршен. Време е нашиот регион да стане катализатор за мир. Тој би можел да биде симбол за европската визија и сила што му се потребни на нашиот заеднички проект денес, повеќе од кога било претходно.

Колумната е објавена во Фајненшел тајмс