ЕУ без перспективи

Не, не е грешка. Доста веќе зборуваме за перспективите на (Северна) Македонија во ЕУ, бидејќи тоа е можеби најневажното прашање во моментов. Обратното е она што е круцијално, бидејќи откако го „освоивме“ НАТО (и се усреќивме), во идните три децении (ако е да му се верува на Хан), Сизифовата работа треба да е поврзана со нашиот „темен предмет на желбата“, Европската Унија. Какви се перспективите на таа мост сексипајл лејди, што би рекол Заев? Од одговорот на ова прашање зависи и дали вредат националното обезличување и понижување заради влезница во „клубот“. Можеби некои ќе се сетат, но слично беше и во 2005 година, кога го добивме кандидатскиот статус. До раните утрински часови во Европскиот совет се водеа битки за буџетот (тогаш сè уште со Британија како значаен играч), а Меркел успеа да ги смири страстите. Тешко е да прогнозирам што ќе се случи до декември оваа година, но со троецот Заев, Димитров и Бујар и „чуда“ се можни. Кога ќе научиш да потклекнуваш пред секого, уште една капитулација не е страшна (од нивна гледна точка). За патот на Македонија кон ЕУ одамна напишав дека ме потсетува на романот на Скот Фитцџералд „Чудниот случај на Бенџамин Батон“ – колку поблиску, толку поинфантилни, за конечно да исчезнеме како неродено бебе. За истата работа, и Зеколи направи одлична паралела со „Старецот и морето“: стигнуваш на (безбедниот) брег со уловот, а од него не останало ништо.

Во таа смисла, се сеќавам на изјавата на Жарко Пуховски по влезот на Хрватска во ЕУ: Мислевме дека ќе стигнеме на веселба, а тука сме за време на погреб. На конференциски настап некоја година подоцна, тој дополни дека најголемата разлика за граѓаните е што плаќаат пониски телефонски сметки, сè друго е исто. И уште една работа: по влегувањето во ЕУ, исчезнува она „суперего“, кое ги тера земјите да се однесуваат подобро, а потиснатиот темен „ид“ испливува на површината. Ако ме прашувате мене, јас сум против ЕУ, која е корпоративен ентитет, кој нема ништо заедничко со мир, социјална правда и обединување на народите. Обландата на „европски вредности“ е лажна како и наративот за Унијата дека таа е „Европа“. Не е ни чудо што (полу)учени луѓе се целосно шашардисани, па и ако биле во Советот на Европа бладаат за ЕУ, не правејќи разлика меѓу двете меѓународни организации. Но како ганџата на Зоќе, така и европскава бајка си има халуциногени ефекти. Особено кај најсиромашните и очајните… Затоа сум за (ментален и интелектуален) легзит, лева критика на Унијата како капиталистичка творба чиј квалитет и траење зависат само од профитот. Германски, првенствено, но и на другите поголеми држави (или, поточно, нивни корпорации)…
Интересно е колку лесно забораваме како се однесува Брисел кон своите непослушни и сиромашни роднини. Грција од 2015 година беше показна вежба за сите други. Но, поучени и од тоа искуство, другите сиромашни и недисциплинирани роднини од поранешниот социјалистички блок сега учат да го користат правото на вето во внатрешните односи. Европската комисија и Европскиот совет (надлежни за буџетот на Унијата) се обидоа да воведат принцип на стап и морков кон (божем) еднаквите, а во врска со невладеењето на правото. Ветото на Полска и на Унгарија за буџетот (до 2027) и за фондот за закрепнување од пандемијата е само една од илустрациите за егзистенцијалните закани со кои се соочува ЕУ. Некои зборуваат за нов bête noir – Polexit, полегзит.

Не е тајна дека сите нови членки на ЕУ имаа една мотивација за влез: повеќе пари и очекувана економска благосостојба. Сега откако станаа полноправни членки, „камшикарот“ сака да ги врати назад кон она што се нарекуваше „условеност“ (conditionality): правете како што велиме ние или ќе ја затвориме славината со пари! Полскиот премиер ја спореди ЕУ со бившиот комунистички режим. Новата битка околу (зло)употребата на парите како средство на притисок и правото на вето од оние што се бранат е само чекор поблиску од точката во која моќните во Унијата ќе мораат не само молчешкум да преземаат казнени експедиции туку и експлицитно да признаат: сите сме еднакви, ама некои се поеднакви од другите; сите нации не може и не треба да се третираат исто, иако се членки на клубот. Не дека ова не е кажувано порано, но сега се приближува моментот на вистината – во вид на институционализација на нееднаквоста во рамките на Унијата. Фондот за закрепнување од ковид-19 само ја затскрива класната борба што е во тек, на штета на сиромашните и слабите.

Објективниот (нееврофилски поглед низ розови очила) покажува не само Унија во длабока криза (за која веќе одамна се пишуваа посмртници, а најпознатата од нив е онаа на професорот од Лондонската школа за економија, Џон Гилинхам, во 2016 година, но и автентични сведоштва како она на Јанис Варуфакис во „Возрасни во собата“), што и не е чудо поради длабоката криза на капитализмот дополнително зајакната со пандемијата, туку и неверојатна деконструкција за митот дека во ЕУ влегуваат само консолидирани демократии, развиени и упристоени општества, кои ги исполниле Копенхашките критериуми, ги решиле проблемите на корупцијата, владеењето на правото, институциите и дискриминацискиот и шовинистички однос кон „другите“. Дури не е ни точно дека членството ги надоместува пропустите и државите стануваат подемократски (или дури и побогати), по автоматизам. Се насобрале држави во кои се нижат внатрешни протести, од крајна левица до крајна десница, цветаат неофашистички партии и движења, старите територијални и национални аспирации се како разбуден аждер, не признаваат ни национални малцинства (не пак да им спомнеш консоцијација, од охридски тип) ни Европски суд за човекови права, мижат пред поморот на мигрантите што доаѓаат од земји што со нивна воена и политичка „помош“ биле „демократизирани“, ксенофобијата е во пораст, сиромаштијата расте, елитите водат геополитика не гледајќи го обичниот човек. Самото вето за (Северна) Македонија и не е страшно ниту изненадување.

Повеќе треба да изненади тоа што Европа личи на онаа од почетокот на минатиот век, а Македонија (нужно) станува јаболко на раздорот. Ветото е формално за Македонија, но фактички отвора спирала на кочници и историски реваншизми чии корени се длабоко во минатото. Простете ако сум цинична, но задоцнетата реакција на историчарите од регионот ми се виде како будење и освестување дека она што ѝ се случува на Македонија, во иднина ќе ѝ се случува на Србија или Црна Гора или… Всушност, со самото легализирање на Северна (и нивниот гласен молк за време на преспанската операција) тие покажуваат колку се селективни, па и лицемерни кога одлучуваат против која злоупотреба на историјата се го дигаат гласот. Јасно е дека сите оние што ќе влезат во Унијата добиваат предност во битката за подобро минато (како што напиша една извонредна бугарска колешка), по пат на уцени и враќање мило за драго. Од неодамна почнав да следам што има на бугарските медиуми и останав вџашена: па, таму Балканските војни од 1912/1913 воопшто не завршиле! Претензиите врз денешна Македонија, која е суверена држава само на делот што по Букурешкиот договор ѝ припаднал на тогашна Србија, се токму тоа: претензии од времето на Балканските војни, за кои Бугарите веруваат дека гинеле за своја земја и за свој народ. Оттука, земјата што ја натопиле со крв, по некоја националистичка логика, им припаѓа ним.

Срцепарателните сцени и леењето солзи на новооткриените северни патриоти оставаат мачно чувство на лицемерство и кусогледост/глупост, особено кај луѓе чија мисија е или се платени да размислуваат како во шаховска игра, неколку потези однапред. Уште полошо е што сум убедена дека е ова драмолетка што треба да фрли прав во очите на јавноста. Аргументите за правото на самоопределување, нерационален спор, Македонија е неспоредливо помала и послаба од Бугарија, историјата не може да биде самопослуга и да се креира од политичките центри на моќ итн. – се истите што важеа и важат и за Грција. Затоа јас на солзи не верувам и подготвена сум за уште една номинација за Нобелова награда. Ако не за Нова година, тогаш околу мај-јуни 2021. Она што нашиве шапшали никако не го разбираат е дека во меѓународни организации се влегува заради остварување национални интереси, а не за жртвување на виталните (егзистенцијални) интереси на државите аспиранти. Како што НАТО не може да спречи некоја држава да си се распадне однатре, со „референдум“ на пример, истото тоа е и со ЕУ. За жал, засега во Македонија нема ни една единствена партија што јасно би го артикулирала ова.