Европски цени за ниски плати и пензии

Како последици од пандемијата и во првиот квартал од годинава во нашата земја продолжија здравствената и економската криза. Во секојдневието сѐ повеќе се соочуваме со поскапувањето на трошоците за животот и со продолжена финансиска нестабилност во работењето. За една година дизелот во нашата земја поскапе за 30 отсто, а бензинот за 24 проценти. Поскапеа месото, маслото, зеленчукот, овошјето, шеќерот и кондиторските производи. Во време на пандемијата на коронавирусот и трошоците за поквалитетна храна и за витамински и други лекови се зголемени.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во април годинава, во однос на истиот месец во 2020 година, бележи зголемување од 2,7 отсто, а на цените на мало од 3,7 проценти. Како што информираа од ССМ, за потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство се потребни две минимални плати, односно три најниски пензии. Стандардот загрижувачки опадна на голем број невработени, на вработените со минимални плати и на многубројните пензионери со ниски пензии. Досегашните владини антикризни пакет мерки беа несеопфатни и недоволни. Аналитичарите со право ја истакнуваат потребата од нови вакви мерки за побрза ревитализација на економијата и за поголема заштита на ранливата категорија граѓани што во вакви услови тешко може нормално да живеат.

Во април и пандемијата на коронавирусот кај нас доби загрижувачки размери. Во овој месец беа регистрирани 1.017 починати од вирусот, што е рекорден број во споредба со сите месеци во изминатиот период. Така, вкупната бројка на починати од почетокот на пандемијата се искачи на 5.300. И не само тоа. На 7 април, Светскиот ден на здравството, кај нас беше регистриран рекорд од 51 починат во едно деноноќие. Редно е и овој пат да го повторам предлогот овој ден секоја година да се одбележува во знак на почит на починатите од пандемијата, со преземање превентивни мерки против предизвиците на епидемиските појави, да се шири здравствената заштита и култура и да се создаваат услови за достоинствено живеење на сите. Сериозно треба да се размислува на семејствата на починати од коронавирусот да им се надоместат погребните трошоци, како и покривање на средствата за болничко и домашно лекување на сите заразени од овој вирус. Oд досегашните пет антикризни мерки само во четвртиот беа определени по 6.000 денари за пензионери со пензии до 15.000 денари. Тоа е минимално за совладување на актуелните предизвици што се појавија во здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Дотолку повеќе што сите анализи покажуваат дека само со редовното усогласување на пензиите годинава ќе се повтори 2019 година кога тие беа најминимално зголемени во последните две децении. Пензионерите и старите лица во секоја социјална држава се приоритетна категорија граѓани за преземаме мерки за подобрување на нивниот животен стандард и за социјална заштита. Познато е дека за ублажување на последиците од пандемијата, Европската Унија им додели ковид-пакети на Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Србија доби средства од пет милијарди евра од кои, меѓу другото, планира еднократна помош по 100 евра за сите полнолетни граѓани. Поради намалена работа за време на пандемијата, помош во износ на минималната плата ќе добијат сите занаетчии, носители на фирми и вработени. Словенија доби помош од три милијарди евра, што им овозможи државна помош на голем број граѓани и компании. Сите самовработени, кои поради епидемија не можат да остварат соодветен приход, добиваат помош по 700 евра и платени придонеси. Пензионерите со најниска пензија до 500 евра ќе добијат 300 евра помош, тие од 500 до 700 ќе бидат помогнати со по 230 евра, а оние со над 700 евра по 130 евра помош. Истовремено на сите жители во Словенија здравствените трошоци за време на пандемијата ќе им ги покрие Фондот за здравство. Интересно е што кај нив функционерите именувани од Владата за време на пандемијата ќе добиваат 30 отсто помала плата.

Во нашата земја просечната плата изнесува околу 28.000 денари, а просечната пензија 15.650, што е за 12.350 денари помала или во проценти изнесува 1,8. За да не се зголемува овој загрижувачки јаз, потребно е враќање на поранешниот начин на усогласување на пензиите во согласност не само со трошоците на животот туку и со покачените плати. Освен тоа, на сите пензионери пензиите линеарно треба да им се зголемат по околу 1.000 денари, како што беше минатата година. Радува фактот што во мај епидемијата почна да стивнува со забележително намалување на процентот на заразени и починати. Релативно мирно, со заемно разбирање и соживот, ги минавме Денот на трудот, Први мај, најголемиот христијански празник Велигден и муслиманскиот Рамазан-бајрам. На 18 мај во едноноќие имаше само 83 позитивни на коронавирусот и двајца починати. И активните случаи се намалуваат. Поради тоа по подолго време се очекува да се намали бројот на ковид-центрите и да минат во редовни активности за грижа на други болести и за оперативни зафати.

Поради тоа, стручњаците од оваа област истакнуваат дека со продолжување на масовната вакцинација на населението и со натамошна заштита е можно да се создадат услови за потребната колективна имунизација за да може во летните месеци да има значително намалување и укинување на рестриктивните мерки значајни за нормализација на животот. Во тој случај ќе почне редовното производство и работа на сите фирми. Тоа, секако, ќе овозможи и остварување на планираниот раст на бруто-домашниот производ од 3,9 отсто. Во тој контекст Народната банка, поради зголемување на цените на храната и на енергентите, стапката на инфлацијата најавува дека ќе се зголеми на 2,2 отсто. Сепак, се предвидува во наредната година закрепнување на економскиот раст од 2,9, а во 2023 од 4 отсто. Инфлацијата и во наредните две години се предвидува да се движи околу 2 отсто. Меѓутоа, јавниот долг годинава ќе достигне 63,4 проценти, што е над психолошката граница за 3,4 отсто. Се проценува овој долг идната година да се искачи на 64 проценти, а намалување би започнало дури во 2024.

Јавниот долг под психолошката граница од 60 отсто од БДП се прогнозира дури во 2025 година. Потребата од постабилен развој на нашата земја е очигледна. Сето тоа може да биде прилог кон европската иднина на Македонија и враќање на потребниот рејтинг кај граѓаните за европската асоцијација на земјата. Истовремено се чувствува потреба и од создавање национален консензус за значајни проблеми, особено кога се во прашање нашата автентична историја, посебноста на македонскиот јазик и националниот идентитет и култура.

Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба