Европската интеграција на Македонија – оживување на процесот

Процесот на европска интеграција за Македонија е во ќор-сокак. Поточно, нема никакво поместување на патот кон Европската Унија за ниту една од земјите на Западен Балкан. Освен производство на безвредна хартија, помпезни најави и гола фразеологија, одамна суштински ништо не се случува околу натамошната балканска интеграција во Унијата, а нема никаква опиплива корист или олеснувања за економијата, општеството и за граѓаните. Ова е тажна состојба, токму затоа што ЕУ секогаш умеела да најде пат околу која било препрека, доколку постои политичка волја за продолжување на интегративните процеси. Заколнувањето во некаква идна европска перспектива, чукањето во гради дека ЕУ не е комплетна без Западен Балкан и другите веќе излитени крилатици апсолутно немаат никакво влијание врз јавното мислење во балканските општества и веќе дејствуваат контрапродуктивно. Се чини дека „европската интеграцијата пеш“ или „европската интеграцијата со стапалата“ претставува единствено решение за многу млади (и не толку млади) личности од Балканот, коишто својата иднина си ја бараат преку трајно иселување во земјите-членки на Европската Унија.
Сепак, мора да му дадеме кредит на францускиот претседател, Емануел Макрон. Неговата убедлива победа на француските избори од 2016 година веднаш го лансира во самиот врв на европското лидерство, а по заминувањето на долгогодишната германска канцеларка Ангела Меркел, тој ќе се претвори во неприкосновен водач на европската интеграција. Се разбира, никому на Балканот не му се допаѓа неговата идеја за задолжителен француски референдум за кое било идно проширување, но мора да се поздрават неговите зачестени средби со балканските лидери и неговите обиди за повторно враќање на Франција и на Европа на Балканот.

Впрочем, „alafranga“ на Балканот отсекогаш бил синоним за прогрес, модерност, развој, демократија и врвна култура, а Париз, Градот на Светлината, и натаму е симбол за Европа на овие простори, па охрабрува овој нов француски интерес за регионот. Низ кулоарите проструи дека токму францускиот претседател, Емануел Макрон, во некоја од своите средби со регионалните лидери ја понудил идејата за влез на земјите од Западен Балкан во Европскиот економски простор (ЕЕП). Накратко кажано, ЕЕП е рамката што ги обединува земјите-членки на ЕУ со земјите-членки на ЕФТА (Норвешка, Исланд и Лихтенштајн) во европскиот заеднички пазар. Поточно, токму заедничкиот пазар, клучната придобивка на Европската Унија, е проширен и кон овие земји, чиишто граѓани и правни лица целосно ги уживаат сите четири европски слободи, вклучувајќи ја и слободата на секој граѓанин да се населува и да дејствува на која било географска точка во рамките на слободниот пазар.
Оваа понуда претставува тектонска промена од претходните позиции на ЕУ и на нејзините стожерни земји-членки (Франција и Германија), во поглед на членството во Унијата на земјите од Западен Балкан. Претходно, на разни средби, конференции и форуми балканските земји, политичари и општественици срамежливо ја нуделе оваа идеја како можна опција, но одговорот отсекогаш бил дека ЕЕП е резервиран за некогашните и сегашните земји-членки на ЕФТА, а дека патот за нас оди исклучиво преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација и формата предвидена за почнување и заклучување преговори со Унијата.
Евентуалното членство на Македонија во Европскиот економски простор е клучно за целосно интегрирање на економијата, но и за овозможување на сите европски придобивки на граѓаните. Со влезот во ЕЕП, македонската економија ќе стане составен дел од заедничкиот пазар, клучна економска придобивка од членството во ЕУ. Потоа, македонските граѓани ќе се стекнат соправо на слободно движење во ЕУ и во земјите на ЕЕП, клучна граѓанска придобивка од членството во ЕУ. Земјите-членки на ЕЕП ги уживаат четирите слободи на Европската Унија, поточно слободното движење на луѓе, стока, услуги и капитал. Македонија ќе се стекне со право да учествува во создавањето на европското законодавство на техничкото ниво, а потоа и да биде консултирана кога предлозите ќе дојдат и до политичкото ниво. Дваесет и двете поглавја од ЕЕП безмалку целосно го исцрпуваат европското acquis во сите подрачја.
Се разбира, членство во Европскиот економски простор не е замена за полноправно членство во Европската Унија, но влезот на Македонија во заедничкиот пазар ќе значи дека граѓаните и економијата веднаш ќе ги почувствуваат придобивките коишто доаѓаат од членството во Унијата.

Иако поглавјата опфатени со Договорот за ЕЕП не го содржат делот за владеење на правото, политички ќе биде многу упатно при лансирањето на оваа идеја да се каже дека самите бараме во преговорите за ЕЕП за нас да бидат вклучени и одредбите околу владеење на правото, па дури и да се повикаме да биде дизајнирана многу поширока рамка во овој дел на европската интеграција, отколку што оскудното европско acquis го нуди во овој дел. Истото тоа се однесува и за поглавјата поврзани со јавниот сектор и државната администрација, каде што и онака главен збор ќе има Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) од Париз, со својата експертиза во овој дел (можеби не е лошо веќе да се размислува и за барање придружно членство на Македонија во ОЕЦД, наместо сегашната врска преку програмата Сигма, затоа што природно ќе следува и интеграција на Македонија во ОЕЦД, клубот на најразвиените економии од светот).
Влезот на земјите од Западен Балкан во ЕЕП ја прави иницијативата за мал шенген целосно бесмислена, затоа што имплементацијата на одредбите од ЕЕП ги вклучува сите овие земји во заедничкиот пазар. Во тој случај, малиот шенген ќе треба да се преобмисли, користејќи ги моделите за политичка интеграција од нордиските земји.
За граѓаните на Македонија влезот во ЕЕП ќе значи целосно слобода за патување, студирање и работа во сите земји-членки на ЕЕП со македонски пасош и без никакви други административни пречки. За економијата, пак, тоа ќе значи целосна интеграција во заедничкиот пазар и отстранување на сите административни бариери за економско работење, па нашите фирми ќе се стекнат со ист статус како и фирмите во земјите-членки на ЕУ и на ЕЕП.
Земјите од ЕЕП имаат можност да аплицираат и за членство во шенгенскиот простор, нешто што македонската влада требаше одамна да го почне, а тој процес еден ден треба да доведе до целосно елиминирање на границите со земјите од ЕУ и од ЕЕП.
Оттука, оваа идеја на францускиот претседател Емануел Макрон за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европскиот економски простор треба целосно да се прифати и безрезервно да се поддржи. Јас сè уште не можам да се свестам зошто првичниот одговор на македонските власти беше ригидно одбивање, затоа што таквиот чин е спротивен на најсуштинските македонски економски и граѓански интереси.

Европската Унија претрпе сериозни премрежиња по францускиот референдум од 2005 година, вклучувајќи го и најголемиот удар со излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Меѓутоа, засега никој не ги оспорува заедничкиот пазар и четирите слободи на движење на луѓе, стока, услуги и капитал низ Европскиот економски простор. Дури и да запре политичката интеграција во Европската Унија или, пак, ЕУ да се врати неколку чекори наназад во делот на ова политичко обединување, заедничкиот пазар ќе опстане, затоа што таму се прекршуваат клучните национални интереси на сите земји-членки. Проширувањето на овој Европски економски простор и кон Западен Балкан не само што ќе донесе економски придобивки за целиот заеднички пазар туку и политички ќе испрати силна порака за припадност на овој регион кон Европа и дополнително ќе ги обесмисли сите ризици за повторни конфликти на овие простори. Оттука, да ја прифатиме идејата на францускиот претседател, Емануел Макрон, за проширување на Европскиот економски простор со земјите од Западен Балкан како конечно повторно оживување на европската интеграција во регионот, овој пат со јасна, опиплива и одржлива цел.