ДУИ го убива СДСМ

Движејќи се постојано на контрадикторната релација – фактор на мирот и закана со војна – седмоглавиот змеј голта сѐ пред себе. Откако по еднаш им ја зготви чорбата на СДСМ на чело со Црвенковски и на ВМРО –ДПМНЕ на чело со Груевски, на менито го запиша и Социјалдемократскиот сојуз на Заев. Не од сега, туку од порано. ДУИ го убива СДСМ како Свети Ѓорѓи што ја убива ламјата. Секојдневно и постојано. Тивко и несетно, да не се забележи. Од главниот го распоредија на спореден колосек. Од господар, СДСМ стана роб, од наредник до послушник. Али Ахмети, Артан Груби, Талат Џафери, плус Бујар Османи, формирајќи водечка владејачка квадрицикла во државата умешно, институционално и вонинституционално, го потиснаа Социјалдемократскиот сојуз на маргините на решавање на клучните македонски државни и национални прашања. Што би рекол народот: СДСМ слика има, тон нема

Демократската унија за интеграција, иако по изборни гласови трета политичка партија во Република Македонија (сега Северна), е прва на скалата мерена по важност, влијателност, константност, трајност и недопирливост. Додека двете големи македонски партии се задушуваат во сопствените позиции и ориентири, ДУИ, како најголема кај Албанците, топ не ја бие. Од нејзините ставови зависат големите и малите, како албанските така и македонските.
ДУИ е дваесет години на политичката сцена. Од нив, 18 години е на власт, десет со ВМРО и осум со СДСМ. За тоа време сее ветар – жнее злато. Оствари сѐ што посака, доби сѐ што побара. Само нејзиниот претседател, поранешен воен челник под чија команда се ликвидирани и цивили, е неприкосновен во своите редови. Еднонационалната партија внатрешно организациски и хиерархиски повеќе личи на строга воена единица така и дејствува. Разликата е што сега оперира со мирни средства. Во неа демократијата е на другата страна на фронтот.
Откако во лицето на ОНА (Ослободителна народна армија) слезе од шумата и се пресоблече во политичка партија, кај што нејзина чизма згазна трева не порасна. Најпрво на своето поле, потоа на широк терен. Не само што ги разби туку ги уништи, ги сотре своите противници. Не остави трага од Партијата за демократски просперитет (ПДП), првата партија на Албанците во независна Македонија, потписник на Охридскиот договор. Ја срамни со земја Демократската партија на Албанците (ДПА) на основачот Арбен Џафери, го претвори во жалосна фигура наследникот, некогаш моќниот Мендух Тачи. Тактички ја раздроби и последната опозициска коалиција на Алијансата и Алтернатива. Како булдожер по зимска бура исчисти сѐ што му пречеше на патот, не прашувајќи за вистински или колатерални штети.

Движејќи се постојано на контрадикторната релација – фактор на мирот и закана со војна – седмоглавиот змеј голта сѐ пред себе. Откако по еднаш им ја зготви чорбата на СДСМ на чело со Црвенковски и на ВМРО –ДПМНЕ на чело со Груевски, на менито го запиша и Социјалдемократскиот сојуз на Заев. Не од сега, туку од порано. ДУИ го убива СДСМ како Свети Ѓорѓи што ја убива ламјата. Секојдневно и постојано. Тивко и несетно, да не се забележи. Од главниот го распоредија на спореден колосек. Од господар, СДСМ стана роб, од наредник до послушник. Али Ахмети, Артан Груби, Талат Џафери, плус Бујар Османи, формирајќи водечка владејачка квадрицикла во државата умешно, институционално и вонинституционално, го потиснаа Социјалдемократскиот сојуз на маргините на решавање на клучните македонски државни и национални прашања. Што би рекол народот: СДСМ слика има, тон нема.
На сдсмовските кадри во Владата и Собранието им ги оставија на располагање само зборовите, им ги одзедоа делата. Тежината на зборот на тасот од кантарот на кој стојат Заев, Шекеринска, Николовски, Димитров, не би била мерлива со пердув од петел, но не би била ни потешка од кило ореви, во споредба со мерата на албанската спомената четворка. Таа национална кадровска нерамнотежа тешко може да се дополни со сегашниот или навестениот нов кадар од СДСМ. Сите оние што ќе дојдат по Заев, вклучувајќи го и Христијан Мицковски од ВМРО-ДПМНЕ, ќе личат на пилци штотуку излезени од гнездото во споредба со Али Ахмети, единствениот бард на македонската политичка сцена, кој поминал сѐ и сешто. Од војна, преку Бранко и Грујо, до Заев, кого ќе го испрати можеби со жалење, но не и со каење. Како што ги испрати двајцата претходни сојузници, едниот во егзил, другиот во политичката историја. Дружбата си е дружба, но ДУИ како прагматична партија докажува дека во политиката нема пријателства има само интереси, особено таму кај што има големи државни пари.

Откако со своето дејствување ДУИ (особено Груби, прв заменик на претседателот на Владата) му нанесе непоправливи штети на рејтингот на СДСМ и на авторитетот на Заев како прв претседател, сега бара тој да остане на чело на Владата уште неколку месеци и покрај поднесената оставка. Има во тоа барање дел љубов, другарство и заедничко минато, исто колку што има за цел да се задржи таа тендер-дружина што секогаш наоѓа заеднички јазик за остварување сопствени материјални интереси, на штета на државните. Флагрантното мешање на ДУИ во внатрешните работи на СДСМ може да се толкува и како немоќ на СДСМ сама да ги решава работите во сопствените редови и, аналогно на тоа, да дозволи ДУИ да им ја диктира кадровската и другата политика. Тешко дека некоја македонска партија може да извика: Сменете го Али!
Коалицирањето со ДУИ ја покажа својата неделотворност на неодамна одржаните локални избори. СДСМ не е поразен локално, неговиот пораз е на државно ниво и ефект од лошото управување на државата токму од таа носечка коалиција. ДУИ, преку своето грубо, арогантно, нападно и не баш толерантно однесување му истопи илјадници гласови на СДСМ. Партијата што од Зоран Заев само пред година-две не беше вреднувана ни пет пари, го возврати ударот. Му покажа на СДСМ дека е од непроценливо богатство. Крајниот епилог по локалните избори е – ДУИ мува не го полази, иако ги изгуби Тетово и Гостивар, СДСМ е во бунило пред агонија.
СДСМ и ДУИ сега ги одржува во заедништво само покритието за европските перспективи, покритие што од ден на ден пропушта и прокиснува. Европската кокошка веќе не носи златни јајца, бледнее таа пропаганда за брз почеток на преговори и прием во ЕУ. Борбата за ново собраниско мнозинство во поголема мера е за други намени, особено што станува јасно дека Бугарија не го симнува ветото за Македонија. Иако е декември, и на минусни температури се топат лажните надежи за блиска европска перспектива. Ако не е тој заеднички ангажман, нема друга алка што оваа власт може да ја одржува на тронот. Таа е заштитната завеса зад која непречено на високо ниво се искачува корупцијата, се шири криминалот, се одржува корумпираното судство, течат тендерите и процентите.

Ако хипотетички се поставува прашањето дали СДСМ има корист или штета од коалицирањето со ДУИ, ако се разгледаат повеќе параметри, може да се дојде до заклучок дека има корист за Владата, нема за партијата. Резултатот од локалните избори, расположението на граѓаните, покажува дека има штета. Но нокаутирана партија тешко ќе најде сили да ги измери тие штети. Пикајќи ја главата во песок, СДСМ по цел еден месец од изборите збор не проговори за причините за дебаклот, ниту се обиде да побара или повика некого на одговорност за гласачкиот потоп. Оставката на Заев како да ги покри сите нечистотии. Оставката е тепихот под кој повторно, како и обично, ќе се пикнат другите од раководството, како ништо да не било, како ништо да не се случило.

[email protected]