Другари, доаѓа времето за…

Да го напишев насловот на оригиналниот јазик на познатата фраза на филмскиот лик (Шоиќ) веднаш ќе се сетевте на што мислам. Го мислам тоа, но и друго: понатаму вака не се може, дошол нож до коска, притерани до ѕид, мора да се одговори. Жестоко. Без ракавици. Ќе речете, не е сега време за вакви муабети, празници се, доаѓа Божиќ, време за милост и добрина. Не, не, од многу добрина и трпење, од многу вртење и на другиот образ (па пак на првиот, и сè така во круг), животот ни мина. Морам да признаам дека е ова втора верзија на колумната што почна исто вака, ама во зборовите на моите блиски завршила со „циле-миле, во ракавици“. Ми рекоа: првата во новата година мора да е појасна, како манифест! Во ред, тргнувам со сè по список, без заобиколување.
Да почнам од третманот на „обичниот народ“ (стоката, како што порано велеше сегашниот фикус): аналитичари и политичари еднакво зборуваат „овие гласови се преземени/прелеани од овде или од онде“. Тие сериозно мислат дека располагаат со нас, дека сме некој контингент, некоја каца со масло од која можат да црпат колку им треба или колку ќе заграбат! Клековски „одокативно“ оцени дека Левица одзела една третина поддршка од СДСМ, а две третини од ДПМНЕ. А ние, преостанатите? Левичарите? Неопределените? Луѓето со слободна волја, чии симпатии не стојат во некој резервоар? Кировски од ТВ Телма, кој како Кербер го чува клучот од студиото, кажува дека тоа се фашисти и екстремисти. Героски видел пораст на поддршката за радикализмот како политичко поведение. Хаха, вели и дека гледа „простор за појава на нова политичка понуда и за формирање нови политички партии во пресрет на претстојните локални избори“. При очи, политички слеп! Буревесникот е тука, одамна, за само пет години се раскрили. Накратко, преплашени се! Сеништето на левица/Левица кружи над Македонија – и тоа е добра вест! Во паника се судираат тезите за тоа кој повеќе ја платил Левица. Како што вели еден твитераш: Апасиев е цар и ако е вистина и ако не е, бидејќи изгледа двете најголеми партии работат за Левица. Извртената логика на Шродингерова Левица, нели? Мицковски му нуди на Апасиев 40 пратеници (како да е Алибаба), небаре се негова сопственост (а заборава дека токму од неговата партија беа купени осум пратеници за промената на Уставот) – а членството молчи на ваквите непристојни понуди на лидерот!

Уште поважно, не се само политичката и идеолошката страна на приказната што одат кон својата катарза! Македонското општество доаѓа до точка на пресврт, соочување со својата хамлетовска дилема. Во темнината како светилници се издигаат и препознаваат не само поединци туку и цели институции што собраа храброст да кажат ЌЕ НЀ БИДЕ! Кажуваат нешта што само во понижена земја како Македонија звучат радикално, да не речам еретички! Велат НЕ за демакедонизацијата и дехуманизација на сите нивоа, и низ сите канали. Велат НЕ за поданството, велат НЕ за медиумското и интелектуалното перење мозоци од страна на „кафените сахиби“ (прочитајте ја уште еднаш таа брилијантна колумна на Радев, која ласерски точно ја деконструираше лажната и зашеќерена приказна што ни ја продаваат со години првосвештениците на светиот Запад). Во сета темнина и несреќа, 2020-та ни донесе неколку зраци на надеж дека конечно ќе се радикализираме. Се создава (чудно, ама спонтано) критична маса, која не е едноличен хор, туку чудна синергија и симфонија на гласови на личности со интегритет, кои одбиваат да користат политички коректен јазик и нештата ги именуваат со вистинското име. Кажувањето на вистината во време на општа измама е (би рекла, првиот) револуционерен чин (Орвел). Чинот е тука, треба само малку верба и самодоверба за да го чуеме и видиме и да го прифатиме без страв и комплекси дека ќе нè наречат радикали, фашисти, екстремисти, и (уау) националисти. Вистината е дека веќе нема ни време ни место за отстапување: доаѓа време да се засукаат ракавите, да се тресне на маса (или на говорницата).

Нам не ни треба нивното сфаќање на толеранцијата и демократската политичка култура како покорување пред игра во која само нивните (променливи и непринципиелни) правила и вредности се важат. Треба да кажеме СТОП за конвенционалноста во говорењето, на конформизмот и лицемерството. Ако нешто ги плаши, тоа е разбудениот народ што од различни страни го слуша она што нему му лежи на срцето и што го мачи.
Во речникот на Кембриџ ќе го најдете ова објаснување на зборот „радикален“: да се верува или изразува уверување дека треба да дојде до голема општествена или политичка промена или (во медицинска смисла) постапка за отстранување на заболеното ткиво. И што има тука лошо за нас (лошо е само за оние што се плашат дека ќе ги изгубат привилегиите што ги уживаат благодарение на гнилежот и сегашниот однос на силите меѓу неранимајковците и марионетите)? Радикализмот е единствената работа што не сме ја пробале, а само таа е спасот за ова гангренозно политичко тело. Сениште кружи низ Македонија – и внесува страв во коски. И тоа е добра вест. Духовите во овој жабурник се неповратно разбранувани, и веќе се препознаваме и без да се именуваме. Етикетите со кои сакаат да нè замолчат не се нови, а ни страшни. Тоа е нивен стар рефрен, секогаш кога некој одоздола ќе каже „се бунтувам, значи постојам“ или во подолгата верзија „единствениот начин да се справиш со неслободниот свет е да станеш апсолутно слободен така што самото твое постоење е чин на побуна“ (Албер Ками).

Нивното побожно сфаќање на западната демократија почива на овие тези: страдај и трпи – тоа е толеранција; молчи пред отворен криминал и скандалозни зделки во парламентот – сето тоа е со европско знаменце, за твое добро е; биди конструктивен пред небулозни предлози за образовни или други реформи (тој волшебен збор реформи што создава привид на менување на нештата, а благословува статус кво за вечни времиња, амин) инаку си деструктивец; дозволи Талат да ти биде мерка за домашно воспитание, бидејќи тој пали и гаси (микрофони, меѓу другото). Најмногу, молчи за она на М – зашто тоа е европеизам. Се закануваат дека со екстремистите (од македонски тип) нема да се разговара; тие треба да се згазат и уништат, тие се рак-раната на (инаку идеалната) политичка сцена. За овие фини кругови, масите се невредни и инфантилни. Ако се послушни, ќе ги наречат граѓани (што е всушност, апсурд бидејќи да има вистински граѓани, тие не би го трпеле овој башибозук), а ако се гласни ама тешко се артикулираат, и за нив ќе се најде опис. Кировски, на пример, споделува илустрација (т.н. меме) на човек од очигледно низок социјален слој, со шишето в рака, целиот несреден, на чија заднина пишува: „Нема четири одделенија основно, а пред задругата е доктор на науки за сите области“. Тоа е таква одвратна стереотипизација на сиромашните, па и на оние што залутале во алкохолизам или друг порок, што зборува романи. Едвај и да има работници, бидејќи мнозинството е во посебен вид наемно ропство, а таа нова класа се вика прекаријат.

Живее во неизвесност, без социјална и егзистенцијална сигурност, а генерално претставува или гласачка машина (кој лесно може да се купи и дисциплинира) или е во редот на „потрошни животи“. Настрана ГАМА и марихуана, ама видете го односот на елитата кон сопственото и нашето здравје: тие си обезбедуваат од буџет платен пристап до услугите на приватните здравствени установи, а за сите други – како ќе се снајдат! Видете ја онаа концепцијата за основно образование што ја бранат тезгаџии (на кои им е ветено дека ќе обучуваат наставници или ќе пишуваат дидактички материјали): се борат со нокти и гризат од бес на сите страни бранејќи си го лукративниот интерес. Па, таа е измислена за богати деца и урбани средини, таа во почеток ги елиминира или бетонира социјалните судбини на сиромашните. Во време како ова, кога не само што сме во рецесија туку сме и во колапс и дебтократија (да, тука сме исти како Грците), да се одделиш од суровата реалност во име на некакви божем европски реформи, треба да си бесчувствителен и да живееш во социјален меур на недопирливост. Ќе ги учеле децата на емпатија и на разбирање, а самите се дистанцираат во одделни т.н. чувани заедници/населби, се лекуваат во приватни болници, а децата им одат во скапи приватни училишта. Народот рекол одамна, ситиот на гладниот не му верува. Овде не само што не верува туку и го присилува сиромавиот да верува дека неговата беда е случајна или дури и негова сопствена грешка, а и не е толку страшна (еве, ќе смислат уште некој „пакет мерки“).

Ако нешто посакувам за оваа година, цврсто стоејќи на земја без наивни соништа, тоа е крик! Сакам да бидеме прскот, јасна артикулација на гневот на сиромашните, заборавените, искористените, понижените. Глас за фрустрацијата и од сите други што можеби имале среќа да се стекнат со знаења и искуства, ама елитата ги третира како закана. Но сето тоа нема да има ефект ако молчиме за „слонот во собата“. Време е за крик на Македонците! Она што ги вади од памет не е само сеништето на комунизмот туку и на македонизмот. Велат, кроткичко, пополека. Не, нема да може ни кротко ни полека, бидејќи другата алтернатива е смрт.